1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Трамп и медиумите: тотално промашување

Сабрина Пабст
12 ноември 2016

Мнозинството т.н. меинстрим медиуми уште се опоравува од „шокот“ по победата на Трамп. Како беше можна толкава грешка?

https://p.dw.com/p/2SZC2
USA Wahlen Reaktionen Medien Zeitungen
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Fathers

Бројни влијателни медиуми во САД во пресрет на изборите во САД беа сигурни: Хилари Клинтон ќе биде нов претседател. Доналд Трамп - претседател? За многу медиумски куќи тоа беше незамисливо, посебно што тој привлече внимание претежно со своите расистички, сексистички и вулгарни изјави. Њујорк тајмс јавно ја поддржуваше Клинтон и ги повикуваше читателите да гласаат за неа. Слично беше и со магазинот Атлантик.

Сепак, мнозинството од населнието во САД реши да гласа спротивно на медиумскиот меинстрим. Очигледно луѓето имаат поинаква претстава за општеството отколку многу медиуми. Претседатело стана Доналд Трамп.

„Победата на Трамп беше неверојатно изненадување зашто им верувавме на медиумите дека резултатот ќе биде тесен, но со голема сигурност може да се очекува победа на Хилари Клинтон“, вели Герхард Фове, експерт за медиуми и комуникација на универзитетот Хајнрих Хајне во Диселдорф.

USA New York City Wahlnacht Trump auf CNN Bildschirm
Фотографија: Getty Images/R. nickelsberg

Не треба да се препишува од агенциите за истражување на јавното мислење

Етаблираните медиуми се потпираа првенствено напрогнозите од агенциите за испитување на јавното мислење, потсетува Фове. А тие агенции го потценија Трамп. Тие и порано покажуваа несигурност во интерпретациите на јавното мислење, како на пример во Велика Британија при Брегзитот.

Сепак, оправдувањето на медиумите со погрешните прогнози на агенциите за испитување на јавното мислење би било фатално. „Постои своевиден либерален меинстрим во САД во чии рамки се движи политичката и медиумската класа и кој почива на одредени вредности. Но, очигледно е дека тоа не е одраз на целокупното американско општество“, објаснува Уве Кригер, новинар и автор на книгите „Меинстрим“ и „Моќта на мислењето“.

Различни видови политичка комуникација

Изборите во САД покажаа дека големите медиуми во земјата имаат загубено врска со обичните луѓе. „Новинарите живеат во балон со филтрирана содржина“, вели Фове. „Тие живеат во големите медиумски центри и дури и физички се одвоени од мнозинството население. Опкружени се со луѓе слични на нив, политичари и високообразовани личности. Ги поврзуваво  одредена мерка професионалност, рационалност и заеднички начин на комуникација.“ Никој во медиумите не сфати во доволна мерка дека овде имаше и начин на политичка комуникација која влијае врз изборната одлука. „Не станува збор за вистина и содржина, туку за гард, начин на изразување и она што некој сака да го види“, истакнува Фове. Проблемот на новинарството е воочувањето на таа разлика во начините на комуникација. Новинарите го ослушнуваа сопственото ехо и не пишуваа за оние кои се чувствуваа несфатени и изолирани во општеството.

Следбениците на Трамп неговата победа ја гледаат како некаква победа на аутсајдерите над политичкиот естаблишмент. Тоа е сценарио со чија помош сакаат да профитираат и десничарските популисти во Европа. Политикологот Хајо Функ прави споредби меѓу победата на Трамп и подемот на партијата Алтернатива за Германија, АфД. Сличност постои барем кога станува збор за емоционалната реторика. „Анти-АфД ставот е раширен, а за аргументите на партијата не се разговара, тие се потиснуваат настрана“, вели Функ. Тој од новинарите очекува „на емпатичен начин да објаснат што е тоа што го придвижува општеството.“

Unwort des Jahres "Lügenpresse" - Pegida in Villingen-Schwenningen 12.01.2015
Пегида - демонстранти во Вилинген-Швенинген во Германија Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Eich

Бегство од канцеларија

Меѓутоа, новинарите во ера на социјални мрежи веќе не успеваат да проценат дали при некој феномен станува збор за меинстрим или за маргинална појава. Коментарите на социјалните мрежи се тука, но не се знае во колкава мерка се поклопуваат со мислењето на мнозинството население. Социјалните медиуми креираат сопствено ниво на комуникација, независно од политичкото. Поединецот кој го поддржува Трамп не размислува какво е распложението кај народот врз основа на пишувањето на етаблираните медиуми. Корисниците доаѓаат до вести зависно од филтерот на Фејсбук или преку њуз-фидови, а тоа се вести блиски на нивните интересирања. Тие се информираат во опкружување слично на нив. 

Таа фрагментизација на комуникацијата има огромни последици, оценува Фове: „Кога на социјалните мрежи некој го наслушнува само сопственото ехо, тогаш не се чувствува веќе изолиран. Симпатизерите на Трамп, на пример, така го преценуваат своето влијание и во изборите влегуваат со голема сила.“

Новинарот Уве Кригер бара новинарството да прекине да ја следи само активноста на елитите. Тоа мора да се оддалечи од местата на донесување на одлуки за да се позанимава со теми кои не се етаблирани. Кригер од новинарите бара да генерираат теми надвор од меинстримот, теми кои немаат врска со она што го пренесуваат агенциите и со она што се зборува на конференциите за новинари.