1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто сите анкети ја промашија победата на Трамп?

БГ
11 ноември 2016

Два дена пред изборите, анкетарите и статистичарите и даваа на Хилари Клинтон помеѓу 75 и 90 проценти шанса да победи на претседателските избори во САД. Како можеа сите толку многу да згрешат?

https://p.dw.com/p/2SUlP
US-Präsidentschaftswahl 2016 - Anhänger Donald Trump in New York
Фотографија: Reuters/B. McDermid

Во ретроспектива, анкетите погрешија во две главни точки.

Медиумите, вклучително и Ројтерс, објавуваа два вида анкетни приказни. Дел беа национални анкети кои требаше да го проценат генералното расположение на ниво на целата земја, но не и исходот во поединечните држави, каде што изборите всушност беа одлучени. Овие анкети, во суштина, точно го предвидоа целосниот резултат: Клинтон доби повеќе гласови од Трамп- иако не толку многу колку што предвидуваа анкетите, и не таму каде што и беа потребни.

Новинарските куќи исто така продуцираа серија приказни кои требаше да ги искалкулираат шансите за победа на кандидатите. Овие калкулации беа направени врз основа на анкетите во поединечните држави. Но од денешен аспект, приказните веројатно ги преувеличиле шансите за победа на Клинтон затоа што превиделе да забележат дека промената во расположението на гласачите во некои држави, би можела да се одрази и врз други, слични држави.

Делумно, тоа е така затоа што анкетните аналитичари погрешиле во основната метафора. Претседателите во САД не се бираат со збирот на гласови на национално ниво, туку преку поединечните електорски гласови во секоја од 50-те држави и дистриктот Вашингтон. При пресметката на можните исходи, аналитичарите ги третираа 51 трка како целосно одвоени настани- како неповрзани една со друга, како серија на 51 фрлање на паричка.

Гласачки трендови

Но изборите во САД не функционираат така. Гласачките трендови кои се јавуваат во една држава- како што беше промената кон републиканците меѓу руралните гласачи- имаат тенденција да се појават и во други држави со слична демографија.

Токму тоа се случи во вторникот: изборните модели пресметаа шанси за победа на Клинтон кои беа високи, затоа што ја гледаа секоја држава премногу изолирано. 

Umfrage Symbolbild
Речиси сите анкети прогнозираа победа на Клинтон.

Анкетата на Ројтерс и Ипсос прогнозираше победа на Клинтон на национално ниво со 45 проценти наспроти 42 за Трамп, и ѝ даде 90 проценти шанса дека ќе ги освои потребните 270 делегатски гласови потребни за победа. На крајот, Клинтон победи на национално ниво со освоени 47,7 наспроти 47,5 отсто гласови, а Трамп на крајот би можел да освои 303 делегатски гласови наспроти 233 за Клинтон.

Трките во поединечни држави оттука повеќе наликуваа на фрлање на коцка 51 пат. Во многу држави, како што произлезе, страната на коцката која ги претставуваше белите гласачи во приградските и руралните средини имаше поголема тежина, а страната која го претставуваше урбаното население- помала.

Вообичаени грешки

Проблемот, вели Клиф Јанг, претседател на Ипсос- анкетниот партнер на Ројтерс, се сведува на моделите кои анкетарите ги одбраа за да го предвидат исходот- ткн. веројатно гласачи. Моделите речиси насекаде погрешија во проценката за дистрибуцијата на излезноста меѓу различните демографски групи, вели Јанг. А излезноста беше помала од предвидувањата, резултат кој во глобала им дава предност на републиканските кандидати.

Во 2000, кога републиканецот Џорџ Буш го победи демократот Ал Гор, на пример, излезноста беше околу 60 проценти. Осум години подоцна, излезноста во победата на Барак Обама над Џон Меккејн беше 64 проценти. 

Клинтон или Трамп? За кого би гласале Македонците

Годинава, „белците со пониско ниво на образование излегоа во повисок број одошто помладите, пообразованите и малцинските гласачи“, вели Јанг. „Процент тука, или процент таму може многу да ги промени изборите“.

На крајот, лошата проценка на овие промени во државните анкети доведе до погрешни предвидувања. Тоа исто така покажува колку, овој емпириски процес на анкетирање, се темели на субјективни основи.

Секој анкетар мора да донесе одлука за излезноста. Нивните одлуки се базираат врз историски гласачки модели. Но излезноста во секоја држава е непознаница пред изборниот ден.

„За мене клучна во објаснувањето на грешките од годинава е излезноста“, вели Јанг. Моделот на Ројтерс очекуваше излезност меѓу белите мажи од околу 67 проценти, што се покажа премногу ниско, а за црните жени од 61 отсто, што пак беше превисоко. 

USA New York City Wahlnacht Trump auf CNN Bildschirm
Фотографија: Getty Images/R. nickelsberg

Гласот на народот

Од еден аспект, повеќе анкети беа релативно точни: анкетите на „Риал Клиар Политикс“ предвидуваа предност на Клинтон од 3,3 отсто, нешто повеќе од 2 проценти над исходот. Анкетна грешка од 2-3 проценти не е невообичаена во модерната политика. Но анкетите на национално ниво го пренагласуваат значењето на големи држави, како Њујорк и Калифорнија, во исходот на изборите и го замаглуваат трендот кој би можел да се случува во другите држави.

Системот на делегатски гласови го намалува влијанието на големите држави со дистрибуирање на непропорционален број на гласови на помалите држави. Северна Дакота, на пример, има околу четвртина од еден процент од севкупното население во САД, но двојно повеќе делегатски гласови. Обратно, во Калифорнија живее 12 проценти од населението, но дава само 10 проценти од делегатските гласови.

Интернет страницата на Ројтерс/Ипсос на читателите им понуди интерактивна алатка која можеа да ја користат за да ја прилагодуваат излезноста и самите да бидат анкетари.
Таа опција вклучуваше и едно фиксно сценарио кое покажуваше како Трамп може да победи- со повисока од очекуваната излезност на републиканците и помала излезност кај демократите. Тоа сценарио, како што и се случи, многу подобро ги опиша вистинските настани.

„Мора да сфатиме дека постојат многу можности“, вели Јанг. „Трикот е како тоа да го пренесеме до пошироката јавност“.