Клинтон на чекор пред убедлива победа против Трамп
27 октомври 2016Анкета на агенцијата Асосиејтед прес покажува солидна предност на Клинтон пред Трамп на 12 дена пред гласањето.
Севкупно, анкетата покажува дека Клинтон е во предност пред Трамп со огромни 14 проценти меѓу оние испитаници кои ќе гласаат, или 51 наспроти 37 проценти. Таа маргина е најголемата предност на Клинтон досега забележана во анкетите.
Клинтон, според анкетата, ја има поддршката на 90 проценти од веројатните демократски гласачи, како и од 15 проценти од умерените републиканци. Само 79 проценти од испитаниците републиканци рекле дека ќе гласаат за кандидатот на нивната партија.
Со оглед дека гласањето веќе започна во 37 држави, шансите на Трамп да ја стигне Клинтон брзо испаруваат, а тоа го знаат и гласачите. Имено, 74 проценти од сигурните гласачи рекле дека очекуваат победа на Клинтон на изборите.
Иако Трамп доби можност да поентира деновиве откако беше соопштено дека и натаму ќе растат трошоците на проектот за здравственото осигурување на Обама кој го поддржува и Клинтон, аналитичарите велат дека штетата која бизнисменот досега ја предизвика кај женската популација и малцинствата, му ја одзема таквата шанса.
„Доналд Трамп ја потроши целата кампања агитирајќи против групите кои му се потребниза да ја прошири својата коалиција“, вели Вит Ајрес, републиканец и поранешен советник на сенаторот Марко Рубио. Според Ајрес, кампањата на Трамп е „стратешки безумна“.
Дури и доколку поддршката за Клинтон почне да опаѓа во следните денови, или таа не успее да мотивира голема излезност, прашање е дали Трамп може да ги искористи ресурсите и да собере доволно делегатски гласови за да стигне до бројката од 270 колку што му се потребни за победа. Податоците за бројот на вработени во двете кампањи доволно говорат во таа насока: Клинтон и Демократите во септември имале околу 4,900 луѓе вработени во кампањата, додека Трамп имал околу 1,500.
Советниците на Трамп деновиве признаваат дека бизнисменот заостанува зад Клинтон. Но тие упатуваат на големите митинзи и поддршката за Трамп како индикација дека тој би можел да изненади. Клинтон привлекува помалку луѓе на митинзите, а некои гласачи во неа гледаат „помало од двете зла“.
Но, големата предност на Клинтон предизвикува и загриженост во нејзината кампања дека дел од гласачите би можеле да ја земат победата здраво за готово и да не се појават на гласачките места.
„Доналд Трамп рече дека се уште може да победи и тоа е точно доколку луѓето се опуштат и не излезат на гласање“, вели директорката за комуникации на Клинтон, Џенифер Палмиери.