Празни закани на Трамп
26 октомври 2016Во последната фаза од изборната кампањата за претседателските избори во САД, Доналд Трамп повторно ја враќа реториката која ја користеше во трката за номинацијата на Републиканската партија.
Тогаш, Доналд Трамп не само што постојано се жалеше дека не добива еднаков третман од раководството на партија, туку се закануваше дека нема да го признае резултатот од изборот на претседателски кандидат на републиканците и дека ќе се кандидира самостојно.
За време на минатонеделанта, трета и последна дебата на претседателските кандидати, Трамп уште еднаш, на ново ниво, ги подигна сомневањата во демократските процеси кога навести дека можеби нема да го признае резултатот од претседателската трка помеѓу него и ривалот од Демократската партија, Хилари Кинтон.
Непристојна изјава
И додека Трамп повторно зборуваше за „наместен систем“, исто како и во прелиминарните избори, реакциите во јавноста не стивнуваат. Со таквите ставови тој предизвика бес дури и кај некои влијателни Републиканци, со фактот што нивниот кандидат се сомнева во демократскиот процес уште пред да биде изброен и едно изборно ливче и тие му советуваа да го прифати резултатот од изборите.
„Беше непристојно да се каже тоа што го кажа тој, како и начинот на кој што го кажа тоа, имајќи ја предвид улогата на кандидат која ја има, во демократијата и функцијата за која претендира", изјави Едвард Фоли, директор на програмата за изборно право на државниот универзитет во Охајо.
Иако забелешките на Трамп беа широко прифатени како уште еден низок удар кој може дополнително да ги одврати гласачите во веќе, и онака, токсичната претседателска кампања, сепак тешко е дека истите ќе предизвикаат било какви практични последици.
Нема никакви значење
„Ова нема никакво значење“ вели Бенџамин Гинсберг, професор по политички науки на универзитетот Џонс Хопкинс. „Тоа е изјава на љубомора. Мислам дека го кажа тоа без да размисли. Доколку на крајот на денот тој изјави ‘Не ги признавам резулататите од изборите', ништо нема да се случи."
Преиспитувањето на исходот од изборите од страна на Трамп донекаде имаше логика во прелиминарната трка кај Републканците, забележува Гинсберг, бидејќи можеше да биде закана за гласовите на републиканскиот кандидат доколку Трамп се кандидира независно или доколку ги повика своите поддржувачи да не го дадат својот глас за друг републикански кандидат. Но во претседателската трка тоа е празна закана. „Што е алтернативата на Трамп, ќе плаче?“
Тоа е така затоа што за да се отпочне постапка за ревидирање на исходот од националните претседателски избори, како што сугерира Трамп, е практично невозможно затоа што изборите се спроведуваат од страна на поединечните држави и таму се бројат гласовите. Изборните резултати може да се спорат доколку во некој од државите финалните резултати се многу блиски. Но, дури и тој чекор вообичаено не е потребен, објаснува професорот по изборно право Фоли.
Недостаток од знаење
„Повеќето држави имаат систем на т.н. задолжителни пребројувања кои автоматски се одржуваат кога има победи со мала разлика во вкупниот број на гласови". Условот за активирање на автоматските пребројувања вообичаено е разлика во гласовите во маргина од 0,5 процентни поени и за тоа не е потребна формална реакција од кандидатите.
„Сметам дека зборовите кои тој ги употреби сугестираат одреден недостаток на знаење за механизмите на процесот и како функционира целиот систем ", изјави Фоли.
За забелешката на Трамп за неприфаќање на изборните резултати да има било какво реално значење, републиканскиот претседателски кандидат би требало да ја заврши трката со бројка многу блиску до 270 електоријални гласови, колку што се потребни да се освои Белата куќа. Само доколку победата зависи од една или две држави во кои Клинтон и Трамп би биле во тесна победа, дури тогаш би имало правен основ за пребројување, велат експертите.
„Тоа се случува се поретко“, вели Фоли. Иако често се споменува пребројувањето на гласовите во Флорида по претседателските избори во 2000 година, важно е да се запомни дека тоа е исклучок, а не правило.
Најдобри правници
„Во 1876 година само три држави го детерминираа исходот од изборите“, изјави Фоли. За претседателските избори во 1884 и 1916 година решавачките држави беа Њујорк и Калифорнија и во двата случаи беа потребни повеќе од две недели да се утврди победникот, потенцира Фоли.
Досега повеќето анкети предвидуваат комфорна победа на Хилари која не би оставила простор за било какво правно основано спорење на резултатите. Доколку тоа се промени на денот на изборите, Трамп и Клинтон ги имаат најдобрите правници кои би се соочиле доколку има било каков спор околу изборите, забележува Фоли.