Трамп и‘ објави војна на демократијата
20 октомври 2016Тоа беше последната и досега најобјективна дебата. Прецизно и суверено модерирана од водителот на „Фокс“ телевизијата, Крис Волас. Тој покажа дека беше исправно за првпат да и‘ се даде една претседателска дебата на конзервативната телевизија. На сите оние на кои времето им е премногу драгоцено за да потрошат 90 минути на гледање на дебатата, може да им се препорачаат само последните зборови на претседателските кандидати. Тие се доволни за да стекнете впечаток за степенот на квалификуваност на двајцата ривали за највисоката политичка функција.
Додека Хилари Клинтон суверено претстави еден конзистентен пресек на нејзината политичка агенда, Доналд Трамп луташе од една тема до друга. Како и за време на кампањата, не претстави никаков план како ќе ги оствари своите амбициозни ветувања.
На Доналд Трамп можат да му се забележат многу нешта, но тој не е толку неупатен, за да не знае, дека повеќе не може да победи на овие избори. Неговата недоволна подготовка за важните ТВ дебати, како и постојаните навреди кон сопствената партија кај многумина во САД оставија впечаток дека Трамп всушност никогаш не ја ни сакал претседателската функција. Од почетокот, сметаат некои Демократи и Републиканци, нему му е единствено важно да ја промовира марката „Трамп“ и со тоа да ја направи повредна.
Болен нарцизам
Можеби е така. Но барем да беше Трамп некој политичар со стил и став, па да ги подзамислеше во врвот на Републиканската партија. Но, како можеше да дојде до тоа, еден таков шарлатан да ја зароби партијата на еден Абрахам Линколн.
Но Трамп нема ниту достоинство, ни почит. Ниту кон основните правила на демократијата.Неговата болна нарцисоидност го спречува да признае евентуален пораз. Веќе со недели тој ја подготвува својата отстапница: за неговиот неуспех е виновен заробениот и корумпиран систем. На тој начин тој наоѓа поддршка за своето „Трамп движење“. Кај секој кој веќе долго нема доверба во владата во Вашингтон, кај оние кои ја користат секоја можност да се повикуваат на заговорнички теории и да ги обвинат „другите“ за своите неуспеси. Трамп и неговата кампања направија многу за да го прошират јазот меѓу „нас“ и оние „другите“.
Минималниот консензус во секоја демократија е да се признае мнозинската волја на гласачите. Трамп е на добар пат да го закопа овој фундамент. А во социјалните медиуми го наоѓа перфектниот одглас за своите конспиративни теории. Хилари Клинтон како претседател, самата нема да може да го реши овој проблем. Ќе мора да размислат и Републиканците како да се надмине овој антидемократски дух, кои и самите го овозможија во минатите години со својата политика на бојкот.
Во суштина се работи за тоа дали белата, христијанска Америка е подготвена да ги прифати демографските промени во земјата. Дали е подготвена да прифати дека од малцинствата се формираат нови мнозинства кои носат поинакви одлуки.
Со Доналд Трамп се создаде едно политичко буре барут кое го доведува во прашање повеќевековниот испробан општествен поредок. А тоа е опасност која далеку ја надминува личноста Доналд Трамп.