1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Клинтон против Трамп: Жесток крај на валканата кампања

БГ
20 октомври 2016

Навреди, дофрлувања и најава за непризнавање на изборните резултати од страна на Трамп, ја одбележаа последната, трета, дебата на претседателските кандидати во САД.

https://p.dw.com/p/2RSX1
USA | Ende der 3. Präsidentschaftsdebatte 2016 in Las Vegas
Фотографија: REUTERS/M. Blake

Претворајќи ја последната претседателска дебата во досега невиден напад врз американската политичка конвенционалност, Доналд Трамп одби да каже дали ќе ја прифати евентуалната победа на Хилари Клинтон во ноември.
Откако и последната директна битка на отровната кампања се претвори во клеветење, републиканецот уште една го повтори обвинувањето дека неговиот демократски ривал планира да го лажира гласањето.
А кога беше прашан дали ќе се обврзе да ги признае резултатите од гласањето на 8 ноември без разлика кој ќе победи, Трамп одговори: „Ќе ви кажам со време. Ќе ве држам во неизвесност, добро?“

Клинтон рече дека е вџашена од изјавата која ја смета за напад врз 240-годишната традиција на американската демократија.

Цитирајќи го својот поранешен ривал Берни Сандерс, таа го нарече Трамп „најопасната личност која се кандидирала за претседател во модерната историја на САД“.

Во пресрет на третата ТВ дебата, Трамп се надеваше дека ќе и врати малку надеж на својата кампања на 20 дена пред гласањето.

Тој обвини дека се регистрирани милиони лажни гласачи, и дека 68-годишната Клинтон воопшто не смеела ниту да се кандидира поради скандалот со службените имејлови. 

USA | Ende der 3. Präsidentschaftsdebatte 2016 in Las Vegas
Во еден момент, Трамп и влезе во збор на Клинтон и ѝ рече „ти си толку грозна жена“Фотографија: Getty Images/D. Angerer

Дури и некои републиканци беа згрозени од изјавите на Трамп. Сенаторот Џеф Флејк рече дека Трамп „ги преминал сите граници“, додека сенаторот Линдзи Греем рече дека доколку Трамп загуби тоа ќе биде „затоа што бил неуспешен кандидат“.

Острата размена на оваа тема беше само една од многуте за кои се судрија двајцата кандидати, а се дебатираше за сѐ, од имиграција до Сирија.

Во еден момент, Трамп и влезе во збор на Клинтон и ѝ рече „ти си толку грозна жена“. Двајцата кандидати одбија да се поздрават и на почетокот и по завршувањето на дебатата.

На почетокот, Клинтон поентираше обвинувајќи го Трамп дека зад неговата кампања стои рускиот претседател Владимир Путин, аргументирајќи го тоа со хакерскиот упад во електронската пошта на Демократската партија.

Трамп не беше особено потресен од обвинувањата дека е на страната на Москва: „Нашата земја нема поим“, мирно дофрли.

Аналитичарите сметаат дека изборите се веќе решени откако провокативниот милијардер ги нападна лидерите на сопствената партија, и ги наруши вообичаените правила на политичкото однесување.

Но, останува стравот дека Трамп и неговите поддржувачи нема да ги признаат изборните резултати, со тоа втурнувајќи ја земјата во политичка криза.

Трамп предвидува изборно изненадување, или како што вели „нов Брегзит“.

Клинтон води со шест проценти според националните анкети. Според првична анкета на СиЕнЕн, 52 проценти од гледачите оцениле дека Клинтон победила и во последната дебата, наспротив 39 отсто кои го прогласиле Трамп за победник.