Хакерите (не)можат да ги манипулираат изборите во САД
17 октомври 2016На оваа трка за претседателската функција во САД не ѝ е потребна дополнителна тензија. Но, тензиите сепак се зголемуваат со стравувањето дека хакерите би можеле да манипулираат со исходот од гласањето. Ако хакерите може да пробијат во серверот на Националниот комитет на Демократската партија, кој може да гарантира дека нема истото да го сторат и со електронскиот изборен систем? Обвинувањата на експертите за ИТ-безбедност и американските власти на сметка на руската влада дека е вмешана во сајбер-нападите врз демократите, воопшто не ги ублажува стравувањата - напротив!
Експертите за системи за електронско гласање оценуваат дека стравот оти целите избори може да бидат електронски манипулирани, е претеран и се заснова на незнаење. Да се пробие имејл-сервер на демократите или на еден концерн како Сони, е сосема поинаку отколку да се „влезе“ во системот на електронски гласање, нагласува Дејвид Бекер од Центарот за изборни иновации и изборни истражувања во Вашингтон. Во случајот со приватните и со серверите на фирмите, „натрапниците“ мора да излезат на крај со една единствена ограда, додека изборните компјутери во САД функционираат децентрализирано, не се вмрежени и не се поврзани со интернет.
Диференцирано и децентрализирано
„Во САД има речиси 10.000 изборни органи и институции и 50 сојузни држави, а за текот на изборите се вообичаено одговорни општините“, објаснува Бекер. Она што на хакерите уште повеќе им ја отежнува работата е фактот дека ширум земјата во функција се десетици различни изборни апарати, а освен тоа 80% од американските граѓани го фрлаат избирачкото ливче во избирачките кутии, односно не ги користат електронските автомати за гласање. „Значи, за да се манипулираат изборните резултати би бил неопходен заговор на стотици илјади луѓе кои би имале директен пристап до апаратите во цела земја“, резимира Бекер.
Полесно може да се упадне во изборната технологија која е поврзана со интернет, како што е регистрацијата на избирачите. Вакви системи биле хакирани и во минатото. Тие се сега зајакнати како реакција на сајбер-нападите врз деморкатите, вели Мерл Кинг од Центарот за изборни системи на Универзитетот Кенесо, Атланта. Освен тоа, мотивите на овие хакери вообичаено не се политички, туку се криминални. Тие сакаат да нападнат што е можно повеќе лични податоци.
Тоа не значи и дека не треба да има загриженост поради можност од напади врз електронскиот изборен систем или дека такви напади воопшто не се можни, туку повеќе значи дека актуелната техника е дорасната, иако делови од оваа техника се прилично стари.
„За луѓето кои читаат прикаски за нашиот застарен систем на гласање е тешко сфатливо дека старо не значи и прегазено“, вели Кинг и додава: „Нашата воена авијација и натаму има бомбардери Б52 затоа што тие си ја исполнуваат целта и се штедливи.“
Експертите се помалку загрижени од хакерски напад или несоодветно функционирање на електронскиот изборен систем, отколку од негативните последици на дебатата околу безбедноста на гласањето.
„Главната опасност е во тоа што се разнишува довербата во изборниот систем“, објаснува Кинг. „Ако не му веруваме на процесот, тогаш малку недостига за да немаме доверба и во резултатите од гласањето.“
Двајцата експерти, исто како и изборните експерти на двете големи партии во САД, подвлекуваат дека сосема ѝ веруваат на изборната постапка. Бекер потенцира: „Избирачите во САД треба да знаат дека кога ќе излезат на избори на 8 ноември, нивните гласови ќе се пребројуваат коректно.“