1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборот на Трамп, ЕУ треба да се потпре на себе

Ж. Ацеска
14 ноември 2016

Дали се САД со Трамп како претседател сѐ уште доверлив партнер на ЕУ? Постојат сомнежи во тоа, па се инсистира на потпирање на сопствени сили.

https://p.dw.com/p/2SeQ1
Brüssel Federica Mogherini Pressekonferenz
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/D. Aydemir

По средбата на ЕУ-министрите за надворешни работи во Брисел, високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика на Унијата, Федерика Могерини, истакна дека Европејците и натаму се залагаат за блиски односи со Вашингтон. Но, Европа не може да си дозволи „исчекувачки однос“. Европа мора да демонстрира единственост во клучните прашања, на пример во поглед на заштитата на климата и реализацијата на атомскиот договор со Иран. Пред неговиот избор за претседател, Доналд Трамп двете работи ги стави под прашалник. Освен тоа, тој предизвика вознемиреност кај европските сојузници со своите позитивни изјави во поглед на Русија и негативните забелешки во поглед на НАТО.

Германскиот министер за надворешни работи Фран-Валтер Штајнмајер истакнува дека Европејците сѐ уште не знаат што можат да очекуваат од новиот републикански претседател на САД. Шефот на австриската дипломатија Себастијан Курц не е толку скептичен, тој очекува промени, но уште пред изборите беше јасно дека Европејците ќе треба повеќе да се потпрат на себе. Според Курц, средбата е преуранета, зашто засега постојат само шпекулции околу политиката на Трамп. Сличен е ставот и на неговиот белгиски колега Дидие Рејндерс, кој изјави: „Независно од тоа како ќе изгледа американската влада, одамна ни е познато дека Европа мора да преземе нешто повеќе во областа на безбедноста и одбраната.“

Европјеците не се сосем единствени

Во европските редови нема едногласност во однос на реакцијата на изборот на Трамп. Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон го откажа своето учество на бриселската средба зашто не гледа никаква итност, главниот заговорник на Брегзит смета дека европската реакција кон Трамп е премногу негативна.

На состанокот во Брисел не присуствуваа ни шефовите на дипломатиите на Унгарија и на Франција.

Апел од Мартин Шулц

Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц кратко пред средбата во Брисел апелираше до Европа отворено да го пресретне Доналд Трамп: „Двете страни сега треба да тргнат од нула и да си дадат меѓусебно шанса. Како американски претседател, Трамп нема да биде со истоветни ставови со кои настапи во предизборната кампања.“ Шулц не стравува од драстични надворешнополитички консеквенции: „Излез од НАТО или од Светската трговска организација за САД би бил исто толку ризичен колку и за сите партнери на САД.“

Слично е мислењето и на шефот на кабинетот на германската канцеларка, Петер Алтмајер. „Надворешната политика во голем дел ќе се базира врз континуитет“, изјави тој за „Рајнише пост“. „Верувам дека САД немаат друг избор освен да останат меѓународен актер.“

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг меѓутоа се почувствува повикан да ги предупреди САД на лојалност кон НАТО. Тој за британскиот весник „Обсервер“ напиша: „Не е време да се доведува во прашање вредноста на партнерството меѓу Европа и САД.“ Потезите на своја рака не се никаква опција ни за САД, ни за Европа, уверен е Столтенберг.