1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слави Трифонов- повеќе од „истото“ или нешто „друго“?

14 јули 2021

По уривањето на ГЕРБ, дојде време Слави Трифонов да преземе и одговорност. И тука блесна неговата политичка беспомошност. Тој се покажа целосно неспособен да го надмине својот природен популизам. Пишува Евгениј Дајнов

https://p.dw.com/p/3wTNA
Bulgarien Slavi Trifonov
Фотографија: BGNES

Често ги предупредувам моите студенти да имаат предвид дека Бугарија е бавна и колеблива земја. Таа се двоуми премногу долго пред да донесе разумна одлука; и штом еднаш ја донесе, тоа го прави колебливо и неодлучно, од страв да не „згреши“. Резултатите од овие избори, како и првите настани по нив, го потврдуваат горенаведеното. Тоа е уште еден колеблив обид да се промени начинот на живот, кој, пред сè, е на пат да доживее неуспех. 
Барем од 2013 година е јасно дека бугарското општество се обидува да расчисти со моделот од 1990-тите години на минатиот век – владеење на силата, со дрскост, со кражби, со простатилок и политички чалги. Накратко, сака да стане цивилизирано општество кое се чувствува пријатно во 21 век. Сепак, тогаш овој обид остана заклучен во Софија. Остатокот од земјата го сметаше владеењето на силата за силно владеење, дрскоста за мажественост и простотилакот за  популистичка непретенциозност. На крајот, сите повторно гласаа за Борисов: софијци – за да ги „заштити од комунистите“; во провинцијата - затоа што „Бојко е наше, народно момче“. 

Како дојдовме дотука

За време на пролетта 2019 година, во Софија владееше затишје по големото зимско мрзнење на зелените протести. Но, во провинцијата, поддршката за Борисов опаѓаше. Луѓето кои се сметаа себеси за „обични“ се свртеа против Борисов, чувствувајќи се навредени од неговиот очигледен простаклук. Просечниот Бугарин е, сепак, пристоен човек и, иако трпелив, на крајот го осудува преминувањето на границите на пристојноста. 

Во 2020 година, Софија повторно се разбунтува, овој пат (и за прв пат од 1997 година) поддржана од целата земја. Набргу стана јасно што сакаат луѓето. А тоа беше повторување на 1990-тите години на минатиот век: целосна промена на начинот на живот, реорганизација на општеството врз нови вредности и принципи соодветни за една европска земја во 21 век. Барањата на жителите на Софија од 2013 година станаа барања на најмалку половина од народот.
Мнозинството, сепак, не беше подготвено (Бугарија е бавна земја) да ги следи политичките носители на ова барање, т.е. Демократска Бугарија (ДБ) и „Исправи се! Мафија надвор!" (ИСМВ) Тие сепак изгледаа премногу софијски, некако претенциозно. Во јазот помеѓу барањето за целосна промена и поддршката за нејзините очигледни носители, се појави поддршка за „Има таков народ“ (ИТН). Промена - да; ама да гласаме за момчето од народот, не за адвокатите од Софија. 

Заслугата на Трифонов

Ова е големата заслуга на партијата на Трифонов: да се соберат и насочат против ГЕРБ оние анти-ГЕРБ гласачи кои не беа подготвени да гласаат за ДБ или ИСМВ. Сепак, пораката „Јас ќе го направам она што народот го сака“ звучи поразбирливо и попривлечно за непретенциозните луѓе отколку „Јас ќе ги вратам владеењето на правото и парламентарната демократија“. А „народот“, гласачот на Слави, не сакаше повеќе ГЕРБ. Во овој случај, Тошко Јорданов е во право: „тиквата“ (според неговите зборови) беше соборена од власт од ИТН.

Professor Ewgenij Dajnov
Професор Евгениј Дајнов- колумнист на бугарската редакција на ДВФотографија: BGNES

Но, по огромната заслуга, дојде време да се сноси и огромната одговорност. И тука блесна политичката беспомошност на Слави Трифонов. Тој се покажа целосно неспособен да го надмине својот природен популизам. Да објаснам. Популизам е кога ќе кажете дека „ако народот реши сите да одиме во зелени панталони - сите ќе одиме во зелени панталони“. Уставна демократија е кога ќе речете: „Кој и да одлучи да облечам зелени панталони, нема да го сторам тоа, затоа што Уставот ме штити и од тиранијата на државата и од тиранијата на мнозинството“. 

Кога сте популист, на „народот“ му го „давате“ она што замислувате дека тој сака да го добие. А „народот" е способен да формулира претежно околности: повеќе градинки, повеќе патишта, повеќе хеликоптери, повеќе астронаути - токму она што Трифонов го најави како приоритети на предложената влада. Кога сте уставен демократ, не „давате“. Објаснувате дека за да има „повеќе“, системот на управување прво мора да се донесе во одредена форма, така што овие работи ќе започнат да се случуваат рутински, без херојски напор. 

Кој може да го „смени“ моделот?

Ако сте уставен демократ, накратко, ќе треба му објасните на „народот“ точно што треба да се случи за да се дојде до она кое тие го нарекуваат „Не го сакам ова повеќе, сакам нешто друго“. Објаснувате, убедувате, просветлувате. На крајот на краиштата, политичките партии се, меѓу другото, и педагошки организации: тие ги едуцираат своите членови, гласачите и општеството како целина. Врз основа на тоа, ИТН не е политичка партија, туку едностран популистички проект. 

Само уставните („либерални“) демократи можат да го „променат моделот“, бидејќи можат да го замислат посакуваниот модел и да го исцртаат патот од едниот до другиот. Популистот не може да замислува такви работи. Затоа, уставните демократи можат да предложат политики за целосно менување на начинот на живот, додека популистите можат да предложат додатоци на она што веќе постои - на пример, повеќе автопати. 

Ако повлечеме линија ќе видиме дека ИТН, поради својата популистичка природа и соодветниот недостаток на знаење и имагинација, не може да го исполни ветувањето за „друго“ со системски политики. Не може да му го „даде на народот“ ова „другото“, туку само додатоци на „истото“. Додека е со сегашниот ум, таа не може да ја исполни огромната историска задача со која е обременета. 

Ветување што се покажа како бесмислено

Тоа е кардиналниот проблем на предлогот на Слави Трифонов, а не - кој е и што е во неговата проектирана влада (повеќето од нив се пристојни и квалитетни луѓе) или кој му го „наместил“. Имаше ветување кое се покажа како бесмислено. Овој јаз може да се пополни само по консултации и преговори со уставните демократи, како што се ДБ и ИСМВ. 

Се уште има време за тоа, се додека постои таа волја за разговор и учење, што доаѓа од скромноста на пристојниот човек посветен на општото добро. Таквата личност знае дека демократското управување е тимска работа, а не индивидуална. Повеќе глави кои се во постојана комуникација едни со други секогаш размислуваат подобро отколку само една. 

Бугарија е бавна земја. Сепак, има напредок. Претходниот пат, во 1990 година, кога луѓето бараа промена на системот, мнозинството сепак му ја даде довербата на БСП да го стори тоа. Денес, за среќа, барањето за промена не е упатено до ГЕРБ. Главниот носител на надежта е ИТН, и доколку ИТН ја растури таа надеж, тоа дополнително ќе ги разбие веќе разнишаните основи на уставната демократија во нашата земја. Ветеното „друго“ ќе биде некаде многу, многу далеку. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи