Претстои ли промена на власта во Бугарија?
10 јули 2021Доколку квалитетот на демократијата се мереше според бројот на избори, ова ќе беше одлучна година за Бугарија. Утре, имено повторно се избира нов состав на парламентот, откако по изборите во април не можеше да биде формирана владејачка коалиција. Во септември, инаку, Бугарите избираат и претседател на државата.
Во минатата недела имаше локални избори во Благоевград на југозападот од земјата, а опозицијата се надева дека тие се предвесник на промените. Имено, новиот градоначалник таму ќе биде Илко Стојанов од протестната партија „Има таков народ“ предводена од ТВ-водител и шоумен Станислав Слави Трифонов.
Оваа партија, иако основана неодамна, освои 17,4 проценти од гласовите на парламентарните избори во април, со што ѝ ги замрси сметките на конзервативната партија ГЕРБ на долгогодишниот премиер Бојко Борисов. Во парламентот влегоа и „Демократска Бугарија“ (9,3%) и „Исправи се! Мафијата надвор! “ (4,6%). Тие профитираа од масовните протести во минатото лето против корупцијата и врските на Борисов и неговата партија со мафијата.
Но, никој не можеше да формира мнозинство, па изборите се повторуваат утре.
„На овие парламентарни избори во игра, ни помалку ни повеќе, е прашањето како може да се спроведе промена на власта по речиси дванаесет години владеење на премиерот Борисов“, вели Весела Чернева, директор на Европскиот совет за надворешни односи во Софија.
„Станува збор за премин од стабилократијата на Борисов (владеење одбележано од стабилност на економската и на надворешната политика, но исто така и од корупција и злоупотреба на моќта) кон реформска влада“, додава Чернева.
Корупција и протести
Во предизборната кампања во Бугарија речиси никаква улога не играше поразителната ситуација со вакцинацијата против коронавирусот, во што земјата е на дното во ЕУ. Најважни теми се корупцијата, реформите на правосудството, заштитата на животната средина, како и немањето државен план како и каде да се употребат парите од фондовите на ЕУ за зајакнување на економијата по ударот од пандемијата.
Надворешнополитички, повторно се зборува за руското влијание, но и за идентитетот, јазикот и наводната „кражба на историјата“ од страна на Македонците. Официјална Софија и натаму го блокира почетокот на преговорите на Скопје со ЕУ. Разрешувањето е оставено за деновите по изборите. „Изборите се целосно во знак на протест против Борисов“, вели Парван Симеонов, директор на бугарскиот огранок на институтот за истражување на јавното мислење Галуп.
Пред една година избувнаа масовни портести во Софија и во други градови. Граѓаните бараа оставки на Борисов и на неговиот републички јавен обвинител Иван Гешев, кои ги обвинуваа за корупција, политичка дрскост и урнисување на правната држава.
Повеќе:
-Бугарија пред избори: Младите се против лаги и за „зелени“ решенија
-Бугарија: По избори е пред избори
-Стапицата во која не влезе Слави Трифонов, и другата која го очекува
Претседателот Румен Радев, стар политички противник на Борисов, издејствува договор земјата по априлските избори да ја води преодна влада која оттогаш пронаоѓа докази за корупција на поранешната власт. Наводно, само за поправки во акумулациските езера ширум земјата, во непозната насока исчезнале стотици милиони евра.
Преодниот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, тврди дека протесното движење било мета на прислушување, и тоа по наредба на обвинителот Гешев. Како повод бил искористен наводниот сомнеж оти на протестите се планира „преврат“.
Младината се заинтересира за политика
Претставниците на демонстрантите поради тоа бараат да се формира анкетна комисија, можеби и да се покрене судски процес против Борисов. „Најважен фактор на изборите се токму протестите, полни со емоции, и висок степен на политизација пред сѐ на младината од која тоа произлезе“, додава Парван Симеонов.
Иако смета дека духот на времето е на страна на новите, протестни партии, и оти избирачите уште пожестоко ќе ги казнат конзервативците и социјалистите на Борисов, Симеонов вели дека е „нејасно“ дали протестните партии можат да освојат парламентарно мнозинство и да формираат функционална влада.
„Не треба да се отпишува Борисов! Во 2013 година тој веќе беше во слична ситуација, па по една година повторно беше во седлото. Неговата партија ГЕРБ во изминатите години фактички беше државна партија, и уште е силна на локално ниво, во државната управа и во економијата“, додава Симеонов. „За волја на вистината, се истроши домаќинскиот стил на политика на Бојко Борисов.“
Дури и ако Борисов дефинитивно премине во опозиција, Весела Чернева не очекува „мед и млеко“ веднаш. „Транзицијата кон пост-Борисов ерата ќе биде обележана со нестабилност и промени во мнозинството во парламентот. По дванаесетте години на Борисов, тоа е потребно за да се започнат реформите“. Колкави реформи, меѓутоа, новата влада навистина ќе може да спроведе со оглед на фрагментираноста и на тенкото мнозинство и кои реформи би можеле да ги урнат, засега останува неизвесно.