1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По изборите во Бугарија - решение за ветото?

ДТЗ
29 јуни 2021

Португалија бара да продолжи дијалогот до изнаоѓање решение. Пораката од Лисабон е дека несогласувањата меѓу двете земји не смеат да се внесуваат во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3vjdV
Nordmazedonien EU Flaggenverkauf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Државниот секретар за европски прашања на Португалија, Ана Паула Закаријаш, изрази надеж дека избори во Бугарија во јули ќе донесат решение за бугарското вето за започнување на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ. Закаријаш, чија што земја ќе го предаде ротирачкото претседателство на Словенија на 1 јули, очекува дека како земја од истиот регион ќе помогне да се најде решение за проблемот, но истакна дека позицијата на Бугарија мора да се почитува и да нема несогласувања во ЕУ, јавува Бугарското национално радио, пренесувајќи го изјавите дадени на новинарите во Лисабон.

-повеќе на темата: Бугарски чардаш околу Македонија

„Португалија призна, Бугарија беше под притисок за Македонија“, се дел од насловите во бугарските медиуми, кои детално ја пренесуваат пораката на Закаријаш, која вели дека на 11 јули во Бугарија ќе има нови избори и дека бугарските власти ги очекуваат резултатите пред да одлучат како да постапат. Таа смета дека е многу важно несогласувањата меѓу двете земји да не се внесуваат во ЕУ и оти Бугарија е под притисок да најде компромис.

Тешка дебата

„Ова е многу тешка дебата, особено за Бугарија, станува збор за историјата, културниот идентитет на двете земји, како и за идната соработка. Тие во моментов работат на патоказ што треба да им помогне во соработката, а Бугарија да има гаранции дека кога С. Македонија ќе влезе во ЕУ, работите ќе се одвиваат без попречувања“, вели Закаријаш. Португалија смета дека Северна Македонија поминала низ тешки преговори со Грција, поради кои го смени своето име. Во исто време, и проблемот меѓу Софија и Скопје е многу тежок затоа што е поврзан со јазикот и културните димензии на двете земји.

-повеќе на темата: До кога може да чека Македонија?

Таа го пренесува португалскиот став дека времето не било соодветно за решение и дека на Бугарија и било потребно повеќе време да разговара за овие прашања. „Дали ќе има избори или не, сметам дека преговорите со Северна Македонија мора да продолжат, особено во однос на патоказот, кој мора да биде јасен. Двете страни се обидуваат да го искажат својот став – Бугарија секогаш велеше дека не е против членството на Северна Македонија во ЕУ, напротив, таа сака да биде таму“, вели државната секретарка за европски прашања.

Се чека политичката влада на Бугарија

Во меѓувреме и од Скопје се испратени слични пораки, дека С. Македонија ќе ја чека идната политичка влада на Бугарија во август за да ги обнови политичките контакти со Софија за договор за надминување на спорот. Дотогаш состаноците ќе продолжат на ниво на работните групи кои се координирани од министерствата за надворешни работи на двете земји. Премиерот Зоран Заев, пред декемврискиот самит на ЕУ не очекува усвојување на преговарачката рамка за членство. Тој посочи дека и по повтореното вето, земјата ќе продолжи со напорите за надминување на блокадата од Софија, а следната можност кога ќе се одлучува за почеток на пристапните преговори со ЕУ ја очекува во декември на крајот од словенечкото претседателство, иако на 6 октомври е закажан самит за Западен Балкан и за проширувањето на ЕУ.

„Изгорени сме неколку пати, и јас и нашиот народ, и не би ги кревал надежите за 6 октомври, затоа што нема логика, имајќи предвид дека ваквите одлуки Европскиот совет и Советот за општи работи ги носат на крајот на полугодието кога завршува претседавањето на одредена земја. Сега е Словенија од 1 јули и верувам дека Словенија исто така ќе покаже сериозен фокус по ова прашање“, изјави вчера Заев. Тој нагласува дека важна работа е дека се потврди оти не се преговара за македонскиот јазик и македонскиот идентитет, а тоа го соопшти и бугарската страна, затоа што тоа е предвидено во преговарачката рамка каде стои „преводот на акито ќе биде на македонски јазик“.

И претседателот Стево Пендаровски порача дека во овој момент нема потреба државниот врв да патува на разговори во Бугарија, каде што во тек е предизборна кампања за вторите предвремени парламентарни избори на 11 јули.

Оптимизам

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, е оптимист дека веќе во септември може да се очекува да се постигне договор меѓу Скопје и Софија. До договорот ќе се дојде со неколку чекори кои главно се поврзани со словенечкото претседавање, со португалскиот предлог и патоказот, кој С. Македонија и Бугарија ќе го дефинираат пред септември. Во интервју за Радио Слободна Европа Османи потенцира дека се додека одлуките за проширување се носат со консензус, Софија може да не блокира за кое било прашање, а во процесот ќе има можност за над 200 блокади. На прашањето за што точно се разговара со Бугарија, Османи вели дека прашањето е комплексно и посочува дека во предлог-преговарачката рамка Бугарија спори три прашања, името, јазикот и гаранцијата за спроведување на договорот.

-повеќе на темата: Бугарија ги објави барањата до С. Македонија

Пред неколку дена бугарското МНР објави пет барања до македонските власти кои се нашле на маса на средбите во Софија на 17 јуни -  пред ОН да се потврди дека името РС Македонија не го означува географскиот регион Северна Македонија, кој се наоѓа во Бугарија, да се запре со малцински претензии кон Бугарија, да почне рехабилитација на жртвите од југословенскиот комунизам, да се адаптира содржината на наставните програми за објективно да се прикаже заедничката историја и да се отстранат таблите и натписите што шират омраза кон Бугарија и Бугарите.