„Руска авангарда” и (или) „украинска авангарда?
28 февруари 2022Што има полза една нација од големата и древна култура на нејзината територија, ако таа нема право на неа, затоа што нејзината национална држава е многу млада? Не, овојпат не се работи за С. Македонија и нејзиниот спор со Бугарија! Туку за Украина и за хегемонијалниот однос на Русија кон украинската нација, историја, култура и јазик. Во Украина (како и во Македонија) се вкрстувале интересите на неколку хегемонијални стари царства, но и на нивните модерни нации-наследнички. Затоа украинската и македонската приказна имаат многу сличности. Двете земји географски имаат улога на мост помеѓу два големи културни света. Украина го поврзува рускиот со западно- европскиот свет, а Македонија Ориентот со Окцидентот. Ваквите региони го носат во себе културалното паметење на мноштво стари цивилизации, што, всушност, е најважната претпоставка за интересна, творечка и богата култура. Сепак, Македонците и Украинците другите ги нарекуваат „млади нации”, затоа што имаат национална држава дури од 1991-тата. Тоа за нив значи дека тие ја градат својата национална култура во една ситуација, во која најскапоцените нешта од таа древна споделена, преплетена, паралелна или заедничка историја во тој регион веќе ја „заклучиле“ во своите национални и културни наративи постарите национални држави на нивните први соседи. Таа ситуација е уште посудбоносна кога првиот сосед е моќната Русија. Сенката на нејзината културна историја е толку голема и тешка по вредност и слава, што од неа помалите и помладите соседни нации стануваат речиси невидливи.
„Нации-фалсификати“
Затоа Македонците добро ја разбираат погоденоста на Украинците, кога Владимир Путин вели дека не постојат Украинци, како што не постоел ниту украински јазик. Кога тоа го изговори претседателот на светска сила, која уште не се откажала од стремежот да ја возобнови некогашната империјална моќ и хегемонија врз соседните народи, таквата реторичка агресија веќе ја најави реалната агресија. Типична за хегемонијалните култури е ароганцијата со која ја понижуваат жртвата, одземајќи и‘ го правото на своевидност, стигматизирајќи ја дека е „копија” на нивната своевидност. Затоа во хегемонијалната реторика се говори за „нации-фалсификати“, а националната свест се нарекува подбивно „национален инжеринг“.
Писателот Миљенко Јерговиќ потсети деновиве дека 1986-тата во српската јавност почнало да се говори дека „Хрвати не постојат”, дека тие се „покатоличени Срби”, а малку потоа Хрватите го велеле истото за Бошњаците. Меѓутоа, Македонците ја слушаат таа реторика од своите соседи многу подолго од Хрватите и Бошњаците. Тоа што го знае Јерговиќ, не го знаат автократите како Путин: оние на кои им се одрекува самобитноста, стануваат уште поцврсто уверени во неа. Тие на кои им се одрекува мајчиниот јазик, стануваат уште посвесни за неговото значење.
Секако, за народите како Украинците и Македонците е многу подолга „борбата“ за правото на културен наратив во соседството кое не признава полиперспективно толкување на минатото. Пикасо или Дали може да бидат и шпански и француски сликари, затоа што Шпанија не е Украина, а Франција не е Русија. На Западот може да има два културни наратива, во кои подеднакво се слават како „свои” истите личности, но не и на Балканот или во Русија. Посесивниот дух на хегемонијалниот стремеж секогаш инсистира на ексклузивно право на само својата култура.
„Чиј" е Малевич?
Нема познавач на уметноста на дваесеттиот век што не му се восхитува на сликарот Казимир Малевич и на неговиот „Црн квадрат“ од 1915-та. За тој љубител Малевич може да биде само Русин! Затоа што неговото име е симбол не само за супрематизмот, туку и за „руската авангарда“. Впрочем, тој беше еден од нејзините втемелувачи. Меѓутоа, дали тоа е целосната приказна за Казимир Малевич и за неговото дело? Добрите познавачи на сложените односи помеѓу Русија и Украина во последната деценија знаат дека Малевич со исто право може да се поврзува и со Украина, а во биографски контекст и со Полска. Казимир Малевич е роден во 1878-та во Киев, а родителите му биле Полјаци. Нив руските царски власти, кои го окупирале Кралството Полска, насилно ги преселиле во Гувернерството Украина, кое тогаш припаѓало на Царството Русија. Во фамилијата Малевич се зборувале полскиот, украинскиот и рускиот јазик. Имало периоди кога Казимир Малевич велел дека е Полјак, но и такви кога бил уверен дека е Украинец. На крајот на животот одбивал секаква национална припадност. И покрај тоа, денес тој најчесто се смета за руски уметник. Во некои руски извори тој е „руски и советски“ уметник со полско потекло. Умрел во 1935 во Ленинград.
Да беше Малевич роден во некоја земја на Западот, како современа Германија, која, патем, има модерен европски културен наратив и мултиперспективна историска перцепција, особено ќе се славеше фактот што тој обединува три култури – полската, украинската и руската. Кога денес во Украина Казимир Малевич се нарекува украински уметник, тоа наидува на отпор во руската јавност, според која тој е само руски уметник. Откако руската армија ја нападна Украина, јасно е зошто: затоа што за рускиот политички наратив не постојат Украинци и Украина! Територијата на која е роден Малевич од полски родители, според рускиот наратив е исконската руска земја – Киевска Рус. Затоа тој може да биде само „руски и советски уметник“ со полско потекло, но никако Украинец.
Претходни колуни од авторката: „Обработка на минатото“: Траумата на Македонците и табуто на Бугарите
Меѓутоа, современите украински историчари на уметноста се‘ почесто говорат дури и за „украинска авангарда“. На изложбите во европските центри досега речиси воопшто не се укажуваше на инспирацијата која Малевич ја црпеше од украинската традиција. Денес во украинската култура се истакнува се‘ повеќе поврзаноста на многу суштински елементи во доцниот творечки период на Малевич со украинскиот фолклор. Од украинска перспектива дури и инспирацијата за уметничкото движење од 1910-1930, кое досега беше познато како „руска авангарда“, би требала да се лоцира на украинско тло. Затоа би било поточно, наместо само „руска авангарда“, тоа движење да се нарече и „украинска авангарда“. Или, можеби, само „украинска авангарда“? Затоа што тоа било идеја на млади авангардистички уметници од Украина кои 1911-та се беа здружиле во групата „Хилеја“ (на руски, „Гилея“) на Крим, во областа Херсон, на поседот на фамилијата на тројцата уметници, браќата Давид, Николај и Владимир Бурлјук. Ги поддржала киевската сликарка, украинската Еврејка, Александра Екстер, подоцна позната кубистичка сликарка во Париз. Кон групата припаѓале и поетите со украинско потекло (кои пишувале на руски) Велимир Хлебников, Бенедикт Лившиц, Алексеј Кручоних, но и Владимир Мајаковски, родум од Кавказ. Во последните години и некои западни историчари на уметноста истакнуваат дека познатата „руска авангарда“ ја сочинуваат во голема мера етнички Украинци. Такви се не само сликарите Казимир Малевич, Александра Екстер и Владимир Бурлјук. Туку и Владимир Татлин, Василиј Кандински, Антоан Певснер, Александар Архипенко, Александар Шевченко, Соња Делоне (родена Штерн) и други. Киев, Харкив и Одеса биле во тоа време културни центри со пулсирачка интелектуална и уметничка сцена. Да не заборавиме дека Украинци се и прочуените религиозни филозофи Николај Бердјаев, Сергеј Булгаков и Лев Шестов. Секако, и еден од најславните руски писатели има украинско потекло – Николај Гогол, но и исто толку луцидниот Михаил Булгаков.
Творење на повеќе јазици
Особено историјата на литературата на писателите со украинско потекло сведочи дека тие често пишувале на неколку јазици истовремено или барем во различни периоди: полски, руски, украински, германски, романски. До Втората светска војна, градот Черновиц, во областа Буковина, (во тоа време дел од автоунгарската династија KuK), бил метрополата на еврејската култура во Источна Европа. Во Черновиц, кој денес се наоѓа во Украина, е роден поетот Паул Целан.
Претходни колуни од авторката: Особеноста на германското „национално паметење“
Германката Анете Вербергер, која предава источноевропска литература на универзитетот во Франкфурт на Одра, истакнува во еден напис за „ФАЦ”, дека денес во модерна Европа повеќејазичноста е богатство. Сепак, кога се работи за Украина, се чини дека уште се применува принципот на еднојазичност како премиса за легитимноста на националната држава. Ако во неа има уште еден втор јазик, кој нему му конкурира, а притоа е во светот многу попрочуен од него, тогаш постои опасноста јазикот на таа држава да биде девалвиран во „дијалект”. Затоа белорускиот и украинскиот постојано биле означувани како дијалекти на рускиот. Тоа го цитира Макс Вајнрих, специјалистот за литературата на „јидиш“ (јазикот на источно-европските Евреи), кој еднаш саркастично напишал: „разликата помеѓу јазикот и дијалектот постои само во тоа што јазикот е само дијалект кој има армија и флота.” Колку е точно ова сознание му стана јасно на целиот свет пред четири дена, кога тенковите на руската армија навлегоа на територијата на независната држава Украина.