1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Опасната „доктрина за Украина“ на Путин

Роман Гончаренко
17 јули 2021

Рускиот претседател напиша текст во кој се повикува на „историско единство меѓу Русите и Украинците“ и веќе заканувачки порачува дека Кремљ може да прифати само „пријателски настроена Украина“.

https://p.dw.com/p/3wZpw
Videostill | Putin's troop maneuvers at the Ukrainian border
Фотографија: DW

Речиси во исто време кога украинскиот претседател Володимир Зеленски се подготвуваше да оди на заедничка вечера со канцеларката Меркел во Берлин во понеделникот (12 јули), на веб-страницата на Кремљ се појави текст напишан од Владимир Путин. Во него тој ги претстави своите размислувања за „историското единство на Русите и Украинците“ и сака детално да ја образложи неговата неодамнешна забелешка за „една нација“ во две држави.

Резултатот од  овие „размислувања“ на Путин се протега на 19 страници, од Средниот век до денес. Еден ден подоцна, Кремљ дури го надополни текстот и ги објави одговорите на Путин на прашањата за неговиот текст на уште осум страници. Од каде овие прашања и кој ги поставил, не пишува никаде.

Основните пораки на Путин кон Киев

Во блиското минато, рускиот претседател зачестено пишуваше текстови на историски теми, на пример, за Втората светска војна, кои беа објавени во домашните или во западните медиуми. Овојпат, Путин избра поинаков пат: неговиот текст се појави само на веб-страницата на Кремљ иако - и ова е нешто ново - на два јазика, руски и украински. Се чита како темелен документ, своевидна доктрина кон Украина - и буди мрачни претчувства за таа земја.

Повеќе:

-Русија почнува со повлекување на трупи од Крим - што значи тоа за Украина?

-Растат тензиите меѓу Украина и Русија

-Зошто Украинците треба да станат „нови Руси“?

Во овој текст, всушност, нема ништо особено ново: Путин во него за првпат детално ги сумира своите претходни забелешки за Украина. Една од основните пораки гласи: три источнословенски етнички групи - Русите, Украинците, но и Белорусите се всушност „еден народ“, наследници на средновековните киевски Руси. Тој народ бил поделен по распадот на Советскиот Сојуз пред 30 години, а според Путин, денешна Украина во голема мерка е создадена со грабеж на руска територија во 20 век. Виновници се болшевиците кои ја создадоа Украина кога беше основан СССР во 1922 година: „Русија фактички беше ограбена“, пишува Путин.

Денес, со Украина управува Западот за да ја ослабне Русија. Москва нема да го прифати тоа. „Никогаш нема да дозволиме нашите историски области и луѓето блиски до нас, кои живеат таму да се користат против Русија“, се заканува Путин. На друго место, рускиот претседател е лут на, како што вели, „присилната асимилација“ на етничките Руси во Украина. Ова го поистоветува со употребата на оружје за масовно уништување: „Како последица на таквата груба, вештачка поделба меѓу Русите и Украинците, рускиот народ може да се намали за стотици илјади, па дури и за милиони луѓе“. Ова е првпат ваква споредба да се чуе од Путин.

„Заканите на Путин се опасни“

Виенскиот историчар Андреас Капелер важи за еден од најдобрите познавачи на историјата на Украина и сложените односи меѓу Украинците и Русите, кои ги опиша во својата книга „Нерамноправни браќа“. Тој смета дека ваквите изјави на Путин не се ништо ново, но оти тој станал порадикален во своите ставови. „Во тој напис, тој, на неколку места,  јасно се заканува со интервенција на Русија во Украина, што потоа сака да го легитимира со историјата и на други начини“, вели Капелер. „Империјалниот национализам, кој тој секогаш го застапуваше сега е силно збогатен со етнички елементи. Ова е особено опасно“. Бидејќи во тоа се огледа амбицијата на Русија да ги заштити сите малцинства во руското јазично подрачје во другите поранешни советски републики.

Некои извадоци од текстот на Путин може да се протолкуваат како закана  со војна, вели Капелер. Основните тези не се однесуваат само на Украина, туку на сите поранешни републики на СССР - но и на Западот. Во дополнителните објаснувања на неговиот текст, Путин вели дека Русија може да прифати само „пријателски настроена Украина“ во рамките на сегашните граници.  Историчарот Капелер иронично забележува дека Путин во својата статија не ја споменува главната причина за моменталната напнатост, имено окупацијата на Крим и војната во источна Украина каде Русија ги поддржува сепаратистите - иако Москва упорно го негира тоа.

Prof. Andreas Kappeler
Австрискиот историчар, Андреас КапелерФотографија: DW/D. Kaniewski

Затоа Путин токму сега му се заканува на Киев

Но, зошто Путин, токму сега испраќа ваква порака до Украина? Тој, самиот објаснува дека постојат „индикации“ дека Западот сака да ја направи Украина „антипод на Русија“ - вклучително и воено. Покрај тоа, тој е револтиран од третманот на Киев кон опозицискиот украински политичар Виктор Медведчук, со кого Путин има близок, личен контакт. Украинската истрага, меѓу другото, го обвинува Медведчук за велепредавство и тој во моментов е во домашен притвор во Киев.

Путин е „посебно лут“ на Зеленски  поради неговиот став кон Медведчук, смета и рускиот новинар Константин Егерт. Навистина, веќе со месеци Путин не сака да се сретне со неговиот украински ривал, ни билатерално, ниту во рамките на Нормандискиот формат. поттикнат од Франција и од Германија. И не случајно, написот на Путин се појави за време на престојот на украинскиот претседател во Германија и во пресрет на неговата посета на Вашингтон на крајот на месецов.

Досега украинскиот претседател нагласено опуштено се осврнува на написот на Путин. Рускиот претседател немаше време за средба и сега знае со што бил зафатен, изјави Зеленски. Тој најави, дека сепак ќе размисли за неговиот одговор на текстот на Путин.