1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Империјални и други сништа

26 февруари 2022

Русија треба да се одлучи дали сака да биде нација-држава или амбициозна империја. Дали сака да биде просперитена држава која соседите ги чувствува како пријатели, или ќе биде исцрпена од митови. Пишува Љупчо Поповски

https://p.dw.com/p/47dUI
Russland | Präsident Wladimir Putin
Фотографија: Yevgeny Odinokov/TASS/dpa/picture alliance

Опсесијата на Владимир Путин со Украина не е ни од лани, не е ни од 2014-тата, туку од уште многу порано, можеби уште пред да стане претседател на Русија во 2000 година. Веројатно таа опсесија е од советските времиња, а се однесува на царистичките векови. Уште во 2008 година, според пишувањето на руските и американските медиуми, Владимир Путин му рекол на тогашниот американски колега Џорџ Буш дека „Украина не е ни земја“.

Тоа се истите зборови што Путин ги употреби во долгото телевизиско излагање во понеделникот (21.02), кога ја призна независноста на регионите Доњецк и Луганск, што послужи како преттекст за инвазијата во четвртокот. Тоа се истите зборови од оној неславен есеј од јули 2012 година, во кој Путин ја артикулираше својата визија за големо словенско царство и во кој се повикува повеќе на царистичкото владеење отколку она на Советскиот Сојуз. Таа визија сега треба да ја пренесат инвазиските трупи.

За да ја видиме оваа состојба на умот и империјалните сништа и на некој начин да се обидеме да разбереме што се случува во главата на Владимир Путин и да претставиме каква би можела да биде иднината за Украина, потребно е да се навратиме на овој говор од понеделникот. Еве повеќе цитати од него:

„Украина е целосно создадена од Русија“: „Ќе започнам со фактот дека модерната Украина е целосно создадена од Русија, поточно, болшевичката, комунистичка Русија. Овој процес започна речиси веднаш по револуцијата во 1917 година, а Ленин и неговите соработници го направија тоа на многу груб начин кон самата Русија – со одвојување, откинување на дел од нејзините сопствени историски територии. Се разбира, никој не ги праша за ништо милионите луѓе што живееја таму.

Потоа, во пресрет и по Големата патриотска војна, Сталин веќе ги анектираше кон СССР и ѝ префрли на Украина некои територии што претходно им припаѓаа на Полска, Романија и Унгарија. Во исто време, како еден вид компензација, Сталин ѝ даде на Полска дел од оригиналните германски територии, а во 1954 година Хрушчов поради некоја причина го одзеде Крим од Русија и ѝ го даде на Украина. Всушност, вака е формирана територијата на советска Украина“.

„Ленин го однесе Донбас во Украина“: „Како резултат на болшевичката политика, се појави советска Украина, која и денес со добра причина може да се нарече ‘Украина именувана по Владимир Илич Ленин’. Тој е нејзин автор и архитект. Ова е целосно потврдено со архивски документи, вклучително и строгите директиви на Ленин за Донбас, кој буквално беше однесен во Украина. И сега ‘благодарните потомци’ ги урнаа спомениците на Ленин во Украина“.

Symbolbild Partei Einiges Russland
Во Путиновата соба со огледала државноста на Украина е фикцијаФотографија: picture alliance/landov/A. Zhdanov

„Русофобија и неонацизам“: „Од самиот почеток, би сакал да го истакнам ова, уште од првите чекори украинските власти почнаа да ја градат својата државност на негирање на сè што нѐ обединува, тие се обидоа да ја нарушат свеста, историската меморија на милиони луѓе, цели генерации кои живеат во Украина. Не е изненадувачки што украинското општество се соочи со подемот на екстремниот национализам, кој брзо доби форма на агресивна русофобија и неонацизам. Оттука и учеството на украинските националисти и неонацисти во терористичките банди на Северен Кавказ и сè погласните територијални претензии против Русија.

Своја улога одиграа и надворешните сили, кои со помош на широка мрежа на невладини организации и специјални служби, ја зголемија својата клиентела во Украина и ги промовираа нејзините претставници на власт.

Важно е да се разбере дека Украина, всушност, никогаш немала стабилна традиција на нејзината вистинска државност. И почнувајќи од 1991 година, таа тргна по патот на механичко копирање на туѓи модели, отсечена и од историјата и од украинската реалност. Политичките државни институции постојано се преобликуваа за да одговараат на брзо формираните кланови со свои себични интереси, кои немаа никаква врска со интересите на народот на Украина“.

Корупција „од посебен карактер“: „Целата поента на таканаречениот прозападен цивилизациски избор на украинската олигархиска влада не е да се создадат подобри услови за благосостојбата на народот, туку обесмислено да им се даваат услуги на руските геополитички ривали, да се спасат милијарди долари украдени од Украинци и скриени од олигарси на сметки во западните банки. Корупцијата, која, без сомнение, е предизвик и проблем за многу земји, вклучително и Русија, доби некаков посебен карактер во Украина. Буквално ја продре и ја кородира украинската државност, целиот систем, сите гранки на власта“.

Западното „ветување на рајот“: „Што се случи? Зошто се случува сето ова? Одговорот е очигледен: затоа што миразот, добиен не само од советската ера, туку и од Руската империја, беше потрошен и ставен во џебови. Изгубени се десетици и стотици илјади работни места, што, меѓу другото, благодарение на блиската соработка со Русија, им даде на луѓето стабилен приход и донесе даноци во касата. Мајдан не ја приближи Украина до демократијата и напредокот. Всушност, сè се сведе на фактот дека колапсот на украинската економија е проследен со директен грабеж на граѓаните на земјата, а самата Украина беше едноставно управувана со надворешна контрола. Тоа се спроведува не само по налог на западните престолнини, туку и, како што велат, директно на лице место – преку цела мрежа на странски советници, невладини организации и други институции распоредени во Украина. Тие имаат директно влијание врз сите најважни кадровски одлуки, на сите гранки и нивоа на власт“. 

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Путиновата соба со огледала

Во Путиновата соба со огледала државноста на Украина е фикција и со таа фикција треба еднаш засекогаш да се заврши. Како, ако не со масивна инвазија со некакви патетични вербални изговори за „геноцид врз рускиот народ“. Но историјата сугерира нешто поинаку отколку фикции. Ова погрешно читање на историјата е екстремно и за Путин. Историјата на Украина е комплицирана и трае повеќе од илјада години во кои се менувале религиите, границите и луѓето. Нејзиниот корен е во Киевска Рус, создадена од различни народи на трговскиот пат од Балтикот до Црното Море со крајна цел Константинопол. На таа Киевска Рус се повикува и Русија, иако Москва е формирана неколку века подоцна од Киев. Како и кај многу други блиски народи, историјата на Русија и Украина е испреплетена, и во религијата, и во обичаите, и во јазикот. Но тврдењата на Путин дека Украина е креација на големото Руско царство е намерно извртување на фактите. Монголските освојувачи ја освоија Киевска Рус во 13. век. Во 16. век војските на Полско-литванската унија напаѓаа од запад. Во 17. век оваа територија беше поделена на два дела по течението на реката Дњепар. На исток од реката територијата стана позната како „Лев брег“ и ѝ припадна на Русија, а земјите на запад, или „Западен брег“ беа управувани од Полска. Во 1793 година западна Украина беше анектирана од Русија. Тогаш пропадна државноста на Полска и таа беше поделена од Русија, Прусија и Австро-Унгарија.

Овие фабрикувани историски реминисценции на Путин околу Украина речиси да се идентични со уцените на Бугарија спрема Македонија. Политичари и историчари во Софија се натпреваруваат да докажат дека Македонија е измислена од Коминтерната, дека Тито ѝ направил смртоносен удар на бугарската кауза во Македонија. Потоа, дека Македонија всушност нема идентитет пред 1944 година, дека таму се зборува бугарски, дека македонските Бугари се страшно онеправдани во македонската држава, дека им се нарушени основните човекови права. Македонија и Украина речиси во исто време станаа независни држави. Бугарија ја призна македонската држава, но не го призна нејзиниот народ и јазик. Исто како што тоа го направи Русија со Украина. Во едно озлогласено интервју на поранешната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во германски „Велт“, од декември 2020 година, таа тврдеше дека не може да разбере како во Македонија се одбележувале 40 години од смртта на „еден од најмрачните диктатори – Тито. За помалку од десет години тој убил 1,7 милиони луѓе во поранешна Југославија. Тоа е исто како градоначалникот на Берлин да дојде на идеја да го слави денот на смртта на Хитлер“.

Претставниците на македонските Бугари често одат во Софија кај тамошните државни раководители да се жалат за нивната наводна онеправданост во Македонија. Бугарските политичари сакаат сега да го заштитат нивното малцинство кај нас, барајќи да влезе во Уставот, да му се даде квота за вработувања во администрацијатра и високи функции во судството и во институциите на државата. Со оправдување дека конечно со тоа ќе можат законски да станат рамноправни, како досега да не се. Претседателот Румен Радев бара македонските Бугари прво да влезат во уставот, а после Софија ќе го кренела ветото за почеток на преговорите со ЕУ. Од буџетот на Бугарија за 2022 година ќе се одвојат и пари за функционирање на организациите и здруженијата на Бугарите во Македонија.

Bulgarien  Kiril Petkov und Rumen Radev
Бугарскиот премиер Кирил Петков и бугарскиот претседател Румен Радев (Софија, 11.12.2021)Фотографија: Valentina Petrova/AP/picture alliance

„Бугарска криза

Како што Путин докажува дека кнезот Владимир, владетелот на Киевската Рус кој прв го прими христијанството, бил првиот голем руски владетел, така бугарските историчари не сакаат да помислат на ништо друго освен македонската страна да признае дека Самоил бил бугарски цар и дека таа вистина од 11. век е единствената пропусница за европскиот напредок на Македонија.

Премиерот на Ирска, Михол Мартин, по руската инвазија на Украина во парламентот во Даблин рече дека „целиот идеолошки пристап на претседателот Путин – дека болшевиците згрешиле и дека Украина нема право да постои – има отрезнувачки импакт на помалите држави како нашата, која ужива 100 години нескршена демократија“ (Ирска се избори за независност од Британија во 1922 по две години герилска борба). „Ерата кога државите веруваа дека имаат сфера на влијание, дека тие можат да ги контролираат помалите соседи и да им велат дека не можат да се приклучат кон некоја организација, дека треба да го направат тоа и тоа – е завршена. Ние никогаш нема да го прифатиме тоа“, рече Мартин околу амбициите на Украина да се придружи кон ЕУ и НАТО.

Дали тој ќе го каже тоа толку остро кога Бугарија одново ќе се закани дека ќе стави вето за Македонија во ЕУ и дека Скопје „мора да го направи тоа и тоа“ е прашање на кое сега нема одговор. Во мај 2021 година, германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн, зборуваше дека „една земја држи во заложништво 26 членки на ЕУ“ со блокадата на Македонија и ѝ „прави штета на целата Европска унија“. Шест месеци претходно, во декемри 2020, тогашниот министер за Европа во Берлин, Михаел Рот, во авторски текст во „Велт“ напиша нешто слично: „Проширувањето на ЕУ не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ-членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања“.

Оваа бесмислена инвазија на Украина можеби ќе направи и пресврт во размислувањето во ЕУ за блокадите што една нејзина членка ги прави кон еден мал сосед. Ако тоа не може да биде оправдано за Русија спрема Украина, зошто би било оправдано за Бугарија во односот кон Македонија.

Германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок, зборувајќи на Минхенската безбедносна конференција на напрегнатоста околу Украина ѝ даде друго име за првпат споменато дотогаш – „Руска криза“. Како што вели поранешниот шведски премиер, Карл Билт, во тоа лежи клучот на најголемиот безбедносен проблем во Европа по Втората светска војна – Русија треба да се одлучи дали сака да биде нација-држава или амбициозна империја. „Сѐ додека не биде решено ова фундаментално прашање, конфликтите како овој со Украина ќе продолжат во различни форми“.

Така е и со Бугарија – нејзината блокада на Македонија може да ја наречеме „бугарска криза“. Сѐ додека не заврши нејзината носталгија (санстефанска или средновековна, сеедно) за некаква поранешна големина или единствена матица за луѓето од денешна Македонија во отоманското време. И носталгијата за потеклото на македонскиот јазик. Секако дека Бугарија нема империјални амбиции како Путин и државниот апарат околу него, но Софија има патронистички амбиции и никако да научи дека треба да живее во хармонија со нејзиниот помал сосед со кого има толку многу заеднички работи. Но и толку многу работи што не се исти. Овие денови Билд споменува и еден свој разговор со поранешниот германски канцелар и државник Хелмут Кол околу европската историја. Расправајќи за Луксембург, Кол му рекол дека Германија се чувствува безбедна оти и најмалиот сосед го гледа како близок пријател. Германија најде начин како да се соочи со своето минато. Путиновата Русија во крв покажува дека минатото за неа е уште мит. Бугарија тоа го прави со Македонија преку уцени.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар