Путин ќе ја признае независноста на сепаратистите во Украина
21 февруари 2022Рускиот претседател Владимир Путин планира да ги признае украинските сепаратистички региони Доњецк и Луханск како независни држави, соопшти Кремљ по седницата на советот за безбедност во Москва.
Путин ги информирал за својата одлука францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, кои „изразиле разочараност“, се наведува во соопштението.
„Претседателот планира да ја потпише наредбата (за признавање, н.з.) наскоро“, соопшти Кремљ.
ЕУ ќе наметне дополнителни санкции кон Русија доколку Путин ги признае сепаратистичките региони како независни, изјави шефот на дипломатијата на ЕУ Жозеп Борел.
„Го повикуваме претседателот Путин да го почитува меѓународното право и договорите од Минск и очекуваме да не ја признава независноста на регионите Доњецк и Луханск“, изјави Борел.
„Подготвени сме да реагираме со силен, обединет фронт доколку одлучи да го стори тоа“, дополни европскиот дипломат.
Во понеделникот, сепаратистичките лидери од двата украински региони побараа од Путин да ги признае како независни. Кремљ соопшти дека апелите биле „во врска со воената агресија од страна на украинските власти и масовното гранатирање на територијата на Донбас, што довело до страдање на цивилното население“.
Потегот на Москва ќе ги урне обидите за свикување самит чија цел е да се спречи руската инвазија врз Украина.
Признавањето на сепаратистичките региони од страна на Русија ќе ги намали дипломатските опции за избегнување војна, затоа што ќе претставува експлицитно отфрлање на прекинот на огнот договорен пред седум години со помош на Франција и Германија.
Претпладнево, францускиот претседател Емануел Макрон изрази надеж за дипломатско решение откако соопшти дека Путин и претседателот на САД, Џо Бајден се согласиле за одржување самит.
По одлуката на Москва, Макрон веднаш го свика националниот совет за безбедност.