1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Режимот на криминалот

18 мај 2017

Не е ниту претерано, ниту песимистички, ниту преурането доколку порачам дека единствениот режим кој падна е режимот на Груевски. Но режимот на криминалот и корупцијата и понатаму ќе царува, пишува Арсим Зеколи

https://p.dw.com/p/2dAKj
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Пролетва барем, најважната политичка партија во Македонија е од Америка. Поточно тамошната Републиканска партија. Барем според интензитетот на влијание од дистанца низ тамошните конгресни ангажмани и блиц делегации, така и поради последната анкета на Меѓународниот Републикански Институт (ИРИ) и нејзините наоди за нас. Интересна анкета која некако помина без премногу восхит кај опозициската јавност (разбирливо) и без екстензивна експлоатација кај про-владините кругови (индикативно). Но додека про-владините медиуми ја извлекоа поентата на убедливо, двојно водство над опозицијта, про-опозициските медиуми и оние на ДУИ од сите пети се напнаа во потсетување дека истата е изведена во март, значи долго пред случувањата од 27 април, по кои – нели – нештата се имаат сменето.

Треба да се признае дека одолговлекувањето на објавата е троа збунувачки момент кој упатува на разни причини и мотиви за чувањето во фиока. Можно е дека одлагањето е поради бурната состојба во периодот во кој се има изведувано анкетата, поради што Институтот се плашел од долевање масло врз огнот и се поштеди од можни обвинувања за манипулација. Фактот што анкетата е објавена три дена по заминувањето на инспекциската делегација на Конгресот (и тамошните дебати за поставеноста на овдешната американска Амбасада) може исто така да бидат земени во обзир како мотиви за одложување. Иако, вистина таквите коинциденции повеќе наметнуваат отколку што елиминираат сомнежи во инаку релативно пристојната репутација на овој Институт. 

Држење „во шаторот“

Проблемот на оние кои претпочитаат повеќе да се фокусираат врз поштарот (ИРИ) отколку пораката (анкетата) е во селективно фокусирање врз одредени сегменти, притоа пренебрегнувајќи ги останатите димензии. Таквите размислувања тврдат дека ИРИ како десничарско-конзервативна блиска до ВМРО намерно го има напумпано рејтингот на таа партија, и смислено издишано оној на СДСМ во сразмер 2:1. Примамлива разонододарска теорија секако, но теорија која е куца поради неубедливата логичка мотивација базирана врз идеолошки премиси кои не се совпаѓаат со политичките интереси. Поради што мислам дека е поиздржано размислувањето дека – доколку  воопшто имало некоја задна намера во „пумпањето” на ВМРО – тоа е повеќе во прилог на испраќање порака дека е поупатно да ВМРО биде држена внатре во шаторот, отколку да се остави надвор и плука врз него. Посебно во претстојниот период во кој ќе треба да се реши спорот за името. Предизвик и процес во кој ВМРО може да одигра битна иако болна улога. Но воедно и шанса да преку умерен и државнички пристап го започне забрзаното реституирање како одговорна, современа партија, сега расчистена од криминализираното водство. И притоа го сочува имиџот на нај-прозападна партија во македонскиот политички камп. Тоа би бил и одговорот на глупавите и краткоумни повици за забрана на ВМРО-ДПМЕ, заборавајќи дека со тоа само ќе придонесат кон виктимизација на едно огромно, во земјата доминантно политичко тело. Кое час утре може да се врати под ново име и кратенка, но и расчистен имиџ од сите злодела закопани во службено забранетата партија.

Но доколку интерпретациите за мотивите на поштарот се прашање на кулоарско читање, бројките од анкетата се доволно солидни за препознавање на политичкиот дух на часот. Доминатниот подем на ВМРО е лесно објаснив поради (тогашната) ерупција на пропаганда и напади поврзани со Тиранската платформа, маршот на тврдокорните, привидот дека земјата е на раб на вонредна состојба итн. Далеку од тоа дека тој подем е безначаен, но контекстот во кој се има случено таквиот пораст повеќе го сведува на „емоционален дефанзивен импулс на часот” отколку на некаков прогресивен и експанзивен континуитет на популарноста на ВМРО. Што е добра вест.

Падот на рејтингот на СДСМ

Но недоволно добра за СДСМ и нејзиниот рејтинг цементиран на 18%, во склад со (не)популарноста на Заев залепена за едно-цифрена подршка од 9%. Повторно, читањето на овие податоци обврзително треба да се стават во контекст на март-априлската хистерија на бездушни напади врз СДСМ и посебно Заев, обвинети за сѐ што можело да падне врз болниот ум на пропагандната машинерија на Груевски. Но таквите објективни околности (во прилог на СДСМ) имаат и поинакви, субјективни агли на читање кои треба да го замислат и загрижат СДСМ и Заев, посебно. Имено, паѓа во очи што (благо кажано) стагнацијата на СДСМ коинцидира со подемот на Беса и статус квото на ДУИ. Што отвара простор за дебата дали подемот на партијата на Касами се должи на враќањето на албанските гласачи од СДСМ кон Беса, или пак падот на популарноста на СДСМ кај македонските гласачи има потонато за неколку проценти плус? Индикативниот пад на подршката на ДУИ кај Албанците дава повод за таков сомнеж. Како илустративен пример за последиците од напуштањето на неселективниот однос кон криминалот и прифаќање на „практичниот” етно-егоистичен приод на соработка со криминалците од другиот етнички табор во прилог на освојување на власт по секоја, дури и криминогена цена. Поради што Албанците веќе не ја сметаат СДСМ како инструмент на казна на ДУИ, туку тоа повеќе го гледаат кај Беса и нејзината (досега) бескомпромисна одбивност за соработка со пријателите на Заев и Шеќеринска од Мала Речица. 

Сомнежот дека јавноста веќе не е сосема убедена во решителноста на Заев и СДСМ за неселективна борба против криминалот се отсликува и на можеби најчувствителната зона на поддршка – кај СЈО и цифрата од 53%. Иако про-опозициските медиуми забрзано сакаа да дадат било каков позитивен спин на анкетата на ИРИ преку форсирање наслови за порастот на подршката за СЈО во споредба со Ноември 2016, вистината е дека таквиот пораст е во рамките на статистичка грешка и далеку од 63% подршка од анкетата на ИРИ во јуни 2016. Епидемијата на ДУИ-ќоравизам кој ги има заразени тужителките од СЈО и вокабуларот на Заев кој се повеќе наликува на „прочка литургија” не ветува скорешно враќање на довербата на граѓаните дека новата власт навистина има слух за нивните улични трубадуриади дека некому таму не му гине „лет во Шутка”.

Свест за корупцијата

Не дека поради тоа треба да ги жалиме граѓаните како небаре невини овчички фатени во клинч помеѓу касапи и месари. Барем не според најважната информација од анкетата за ИРИ која ниеден од медиумите (владини или опозициски) ја нема објавено. Иако по својата фрапантност, шокантност и скандалозност, токму податокот дека единствено 4% од анкетираните (Македонци ем Албанци) сметаат дека корупцијата е еден од најголемите проблеми со кои се соочува Македонија денес. Додуша, податокот дека 8% од анкетираните сметаат дека борбата против корупцијата, владеењето на правото и имплементација на реформите на Прибе е приоритетна обврска на новата влада во следните два месеца, сепак тој податок е самиот по себе парадоксален. Прво, според нелогичниот и контрадикторен распоред на приоритетите во споредба со отварањето нови работни места (24%), завршувањето на политичката криза 17% и пораст на економијата 14%. Имено, во општество со таков низок интензитет на свест за корупцијата, сосема е илузорно да се очекува одржлив пораст на работни места, крај на политичка криза а камо ли пак пораст на економија! Второ, било кое очекување од новата власт која споредбено со сите досегашни влади од 1992 до 2006 година има наслаба стартна позиција по прашање на неопфатеност во сомничења за корупција е целосно апсурдно и нелогично. Дотолку повеќе што таквата стартна оптовареност со сомнеж засега се однесува на двата носечки партиски столба на коалцијата (СДСМ и ДУИ), но дополнително ќе дојде до израз со именувањето на конкретни личности за министри, заменици, директори итн.

Третиот момент е сепак најболен и најзагрижувачки, посебно за земја во која режимот во заминување се обвинува за милијарди украдени евра и долари. Нискиот процент на приоритетен револт кај граѓаните против криминалот и корупцијата е тестамент на дебаклот на општествената свест кој не може да се прикрие со позитивистички спинови за пораст на економија и ставање крај на политички кризи. Болниот факт од оваа анкета е дека корупцијата е веќе безмалку ендемична култура на овој простор, општо прифатен во пракса и разгранет низ сите пори, меѓу сите нас – од двете страни на партиските сепареа. Токму тој низок процент загриженост за корупцијата е белегот на срамот врз домашниот граѓански сектор и медиуми кои поради лојалноста кон партиската опција, потфрлија во градењето на свеста на граѓаните дека без решителна, бескомпромисна и агресивна борба против криминалот и корупцијата, сосема е небитно чија омилена или чија омразена партија ќе брцка од нивните празни џебови. Затоа не сметам дека е ниту претерано, ниту песимистички, ниту преурането доколку порачам дека единствениот режим кој падна е режимот на Груевски. Но режимот на криминалот и корупцијата и понатаму ќе царува. Се додека не биде срушен од даночните обврзници, како помудри потомци на сегашните партизирани граѓани. Дотогаш, разликата е само во името на царот и правдата на ќарот.

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи