Иднината на преседаните
4 мај 2017Деновиве, преседанот е омилениот збор на Груевски. Го користи секојдневно, без кусур, како сламка за спас и по однос на многу прашања. Сем едно, а тоа е преседанот на оправдувањето на тепањето пратеници поради "големиот народен гнев”. Му се може на Груевски, бидејќи неговата политичка кариера и онака е завршена, па нема ни да сноси последици на галантно-бесрамното преминување на најнискиот праг на цивилизиран политички однос. Но, затоа пак последиците на таквиот преседан треба да ги замисли и посрамоти и загрижи пратениците и политичарите од ВМРО кои сепак имаат намера и понатаму да се занимаваат со политика. Поради што токму тие се повикани и упатени да први реагираат во барање оштри казни за линчот вперен кон неистомислениците, кој утре-задутре секако може буквално да им се скрши од глава.
Сликите му дојдоа до глава на Груевски, не неговите пораки и изјави, туку сликите во кои разголени примитивци со животински гримаси настрвени за крв жареа и линчуваа низ парламент. Низ тие снимки неговите колеги од странските престолнини се препознаа и замислија како тоа би изгледало во нивните парламенти и каков опасен преседан би направиле доколку би се решиле да продолжат со вообичаените „ни риба, ни девојка„ осуди. Врз ВМРО долго време ќе виси темен облак на презир како насилничка партија неспособна за самоконтрола и ограда од најниските лумпен-пролетерески Лудизми на кршење на инструментите на демократијата. И повторно, прочистувањето на сопствениот имиџ ќе биде генерациски предизвик на некоја нова генерација која допрва ќе треба да ја искорне партијата од 19-тиот век и врати во барем дваесетиот век.
Пукнатините на легалноста
И опозицијата си љуби преседани. Посебно сега кога и идат по волја и на рака. Но само поради тоа што предупредувањето доаѓа од Груевски, не може да се отфрли како неоснована поплаката дека Четврточната Победа крие во себе опасен преседан како семка на некој иден пораз по ист терк. Голема работа што тоа сега не е популарно да се каже, реалноста налага да утврдиме дека уште сега веќе се насетуваат пукнатините низ кои ќе се оспорува легалноста на Талат Џафери, новата влада (ако ја има) но и сценаријата на гнев засновани врз перцептираната неправда. Прашањата дали Талат е избран со доволен број гласови, дали настаните биле целосно спонтани или пак испланирани можеби само ќе бидат одложени, но секако не и отфрлени како аргумент на оспорување на легитимноста на промените. Потсетете се на претходните преседани. Доколку изборот на Груевски за лидер на ВМРО беше со сомнителен легитимитет, неговиот изборен триумф во 2006 беше чист, за разлика од обратната ситуација со Заев како лидер на СДСМ и лидер на некоја нова влада.
Тој преседан може скапо да ја чини и улогата на меѓународната заедница, која некако промптно утврди дека сѐ е чисто – одиме понатаму. Некако прелефтерен однос за меѓународната, позната по славната опседнатост со процедуралност, легитимност и запазување на владеењето на правото. Експедитивноста можеби беше потребна за спречување на подраматични развои на состојбите, но недоволна за да се симне впечатокот дека Груевски го срушија оние кои го донесоа на трон, за да по ист принцип ослободат место за ново насадување на свеж играч во стар-новото руво на народен избраник. Но видете, за разлика од нас кои бевме овде и 1992 и 1998, ги паметиме и 2002 и 2006, и здрави живи ќе видиме и што ќе не снајде 2020, апсолутно ниту еден од сегашните амбасадори ниту знаат ниту ќе ги интересира како ќе се справиме со последиците на нивните кампањски и мандатни решенија за нешта кои се троа подлабоки отколку што воопшто сакаат да разберат.
Затоа, да, во последните неколку дена се имаат случено редица преседани со загрижувачки потенцијални последици. А потенцијалното на Балканите е само одложена неминовност. Дотолку повеќе што тие преседани се однесуваат на политичкиот естаблишмент и дипломатскиот сервисерај. За сето останато и за сите нас смртниците, нема да има преседани, туку апсолутен континуитет во кој доминира популистичкиот принцип, аменстирачки затскриен зад партиски нијанси и изглумени медиумски хистерии. Затоа, иако лично не го сметам ниту за легитимен, ниту за прв Албанец спикер, дотичниот Талат е беспоговорно најсоодветната личност и лик во кој се прекршуваат сите дволичности, корумпираности и макијавелистички природи на овдешните политички партии и дипломатските претставништва. Како довчерашен симбол на потсмев и осуда на демократската опозиција и новокомпонирана пресветост на СДСМ, како човек од доверба и интимна блискост за владејачката партија и сегашна корпа за сипење на ВМРО-вски гнев, како симбол на клановската природа на ДУИ, како офицер кој не бега од фронт туку само од Армија, како фактор на задоцнета разграканост на тврдокорните и замолкнатост на шарените, како егземплар на флексибилните западни стандарди кон корупцијата, токму Талат е вистинскиот грб, знаме и потпис на политиката денес и овде.
Култура на неказнивост
На прв поглед, Хојт Ји постигна голем успех во кој во стапка беше следен од ЕУ. Како што предвидувавме, вмешувањето на Американците се одви според сценариото на замена на политичари преку сочувување на политиките на послушност. Затрчаноста на Европејците да се наредат зад ставовите на САД само ја потврди нивната неспособност за превземање на одговорност и немоќ за да се спроведе нивниот приод на замена на политиките и сочувување на политичките елити. Но, она што останува да виси како Дамоклов меч е непријатноста дека половичниот приод на САД ја цементира третата, источна опција на смена на политички елити и смена на политики како единствена можност за постигнување на промени по мерка на здравиот разум, не на периодично избраните политички елити. Колебливиот однос на САД и ЕУ кон криминалот и корупцијата е цврста гаранција дека третиот приод сѐуште ќе опстои како примамлива и солидна опција во понатамошните политички борби.
Потврдата за изреченото не ја барајте надвор, туку овде и сега. Неполни 24 часа по линчот во Собранието, токму партнерите на ВМРО и СДСМ од ДУИ превзедоа кампања за напади кон партиските ривали од Беса, сомничејќи ги за соработка со ВМРО со кои се сѐуште се во владина коалиција. Про-СДСМ јавноста промптно го амнестира министерот Нухиу и сета вина ја префрли врз Чавков. Навидум мали минорни, ефемерни детали, но доволни за спремноста и доброволноста на старо-новите демократи од големата тројка за уште на самиот старт да ја модулираат реалноста според политички и партиски интерес, не според словото на законот и барем елементарниот осет за пристојност. Во тие мали детали се крие семето на корумпираниот дух како зачеток на корумпираниот стил на владеење. Општествената, и посебно медиумска некритичност се само топлиот амбиент и плодна почва врз кој ќе цутат новите цветови на истата култура на неказнивост. Судејќи според поведенијата на партиите, меѓународната заедница и домашната јавност, прекинот со таа константа е преседанот на кој уште долго ќе почекаме.