Свежи пукнатини
27 април 2017Сред сите драматични пропагандни спинови лансирани од медиумските лаборатории на партиите, странски извештаи и партиски декларации со кои се пополнува приказната за големата криза на ништо, најсподелуваната вест низ моите приватни инбокси беше еден сосема бизарен и ирелевантен Фејсбук статус. Во авторство на еден лик познат како близок до водството на социјал-демократите низ кој се најавува формирање на некаква си обединувачка партија на муслиманите во Македонија со која – со Божја волја - ќе се збришат сите турски, бошњачки, ромски па дури и албански партии во земјата.
Да нема забуна, не сметам дека самиот статус – кој немам намера да го рекламирам – е нешто што само по себе не заслужува ни фуснота, а камо ли осврт. Она што ме поттикна да ја споменам таа мала епизода се однесува на невообичаените реакции на лица за кои сметам дека се изверзирани во политички кулоари. Реакции кои пред сѐ се однесуваа на споната со одредената партија, инспирацијата и мотивите за нејзино лиферување како и целите кои сакаат да се постигнат низ неа. Кои склопени заедно, даваат слика за состојбата во која не има внесено долгата криза и последиците кои веќе буборат под површината.
Гниење на довербата
Пред сѐ, низ тие реакции за оваа епизода, но и редица други, веќе се насетува процесот на сезонско гниење на довербата и очекувањата од етаблираните партии да ја разрешат состојбата во земјата, а не само меѓусебните односи или составувањето на парламентот или владата. Лаконски звучи, но не е далеку од вистината убедението дека налудничавите пропаганди од спротиставените кампови постигнаа неславен успех во тоа што низ меѓусебно деструктивните и добро аргументирани клеветења успешно не убедија дека – навистина – ни куче со масло не би ги изело. Она што на почетокот наликуваше како потресен трејлер за напната борба помеѓу бујни партијски пеливани, сега веќе се доживува како медиумско клоцање, кубење коси и плукање од дистанца помеѓу селски баба Зумбули. Поради што згадената публиката се повеќе го врти погледот настрана и бара нови писти на кои ќе слета некоја нова надеж за поместување од негативната нулта-сума игранка. Непријатната консеквенца на таквата заситеност е порастот на очајот кај населението и снижувањето на критериумите за пробивање на сегашната слепа улица. Очајните сстојби создаваат очајни луѓе спремни за очајни решенија кои на крај ја перпетуализираат кризата како перцептирана нормалност.
Љубопитноста на обичните луѓе за неортодоксни разрешници само ќе зајакнува со текот на времето и безизлезноста, предизвикувајќи нови поделби, нови триења, нови искри и нови буриња барут за кои сегашните пожарникари немаат соодветна обука ниту опрема. Притоа, бесполезно е да сегашните водства ги предупредуваме за полит-бебзедносните последици на клановските манипулации со редица сегрегационистички и парцијализирачки манипулации низ кои сакаат да си ја наметнат или спасат лидерската кожа. Но она што може да ги заинтригира е алармантно раширената појава на интра-партиски цепења, сега веќе присутни кај сите партии.
Дегенерација на традиционалниот мејнстрим
Заедничкото за сите овие субјекти (владејачки и опозициски, подеднакво) е тоа што долгата криза почна да ја разголува нивната лабилна интерна кохезија и ги детектира пред јавноста групите и ликовите, нивните парцијални интереси и ориентациони спони со надворешни фактори. Што како последица ја зајакнува внатре-партиската борба за доминација која потоа се префрла на самата меѓу-партиска сцена целосно дезинфектирана од идеологија, принципиелност и грижа за граѓаните. На кои им е јасно (повеќе отколку што партиите сакаат да си признаат) дека именувањето спикери или составување влада не е проблем број еден, туку скепсата дека било кој од спротиставените фактори има визионерски авторитет, политичко педигре, убедлив план, знаење и способност за вистинска промена.
Тековната дегенерација на традиционалниот мејнстрим наратив и низ лабораториски инжињеринг наметнат естаблишмент најлесно се забележува кај партиите поради нивната сеприсатност во јавноста. Она што потешко се забележува, се последиците по историските кохезиони идентитетски матрици, гео-политички оски и суверенистички прерогативи како последица на колапсот на класичното поимање на партијата, ескалацијата на клановштината и од нив диктираното идолопоклонство кон етаблираниот водач. Штуроста на оваа дефиниција приближно би ја илустрирал со укажаната чест кон Ѓорге Иванов од страна на рускиот Патријарх "за неговите заложби во насока на зајакнување на односите меѓу православните народи, улогата на религијата во општеството и јакнење на принципите на верска толеранција”. И пак, самиот акт сам по себе не е спорен, колку што се интересни кулоарските коментари кои го проследуваа московскиот дар.
И пред сѐ, отсуството на осврти во мејнстримот за поврзаноста на чинот со поширокиот контекст низ кој минуваме. И тоа посебно во македонскиот дел од општеството во кој, за разлика од албанскиот пандан на реакции кон слични "источни дарови”, нема преголема дискусија и дебата за политичките конотации на сѐ позасиленото изместување на вообичаеното приоритетно парирање- нација па религија кон вера па нација. Инаку филм веќе виден кај Албанците преку продорот на политичкиот (читај: бизнис) ислам и фаворизрањето на религиските чувства на грб на националните, безмалку до нивно негирање.
Фиктивни лидери
Но, за разлика од албанскиот кампус во кој симптомите и мотивите на таквите замешателства се традиционално веќе видена, лесно препознатлива и нашироко дебатирана работа, како поради искуствата од минатото така и поради интересите на соседите, во македонскиот кампус како да не се чувствува потреба за подлабок осврт кон симптомите на супремација на православниот наратив на сметка на етничкото словенско, дури и македонско битие. Притоа, она што е посебно впечатливо е што внатрешно-политичкиот однос кон криминалот што кај Албанците редовно и без дискриминација диктира партнерска вина на Груевски и Ахмети, додека пак кај Македонците егоистички се сведува на Груевски, така и на надворешно-политички план критиката за сѐ поголемата надворешна манипулација со религијата се сведува единствено на Ердоган (кај Македонците) за разлика од синхроното именување на Путин и Ердоган (кај Албанците).
Како заклучок, додека дебатираме за тоа кој политичар ќе биде фиктивен лидер на која корумпирана институција, пред нос ни се случува целосна ерозија на довербата во сопствената моќ за градење на сопствената реалност. Притоа, најлесно и најпогубно е вината за тоа да ја бараме кај обичните граѓани, обвинувајќи ги за наивност, неукост или поткупливост. Она што е потешко и попредизвикувачки е храброста да нивните поведенија ги разбереме токму како репер и мерило за колапсот на авторитетот на политичките водства како фактори виновни за слабеење на националниот (етнички) карактер и принудување да надежта ја бараат во надворешни ликови и лидери. Се разбира, таа потврда секако со огромна леснотија ќе ја заклучиме кога станува збор за "нивните”, но сетики сеуште недостасува свеста за согледување на труплото во очите на "нашите”. Единствено кога двете оштрици на критиката ќе се спојат во едно, ќе можеме да добиеме мач за да пресечеме до болната вистина. Дека напуштањето на социјалниот мотив на борбата против режимот, релативизацијата на криминалот според партиско /клановски флерт од парцијален интерес не само што ја дискредитира опозициската морална надмоќ, туку и ги поткопа темелите за историски исчекор од атавистичкото фолк-сентиментално народњаштво кон современо граѓанско општество според социјален интерес.