Раката на Панчевски стигна до Гевгелија
13 октомври 2017Само два дена откако судијата Владимир Панчевски поднесе претставка до Судскиот совет за да се испита налогот со кој гевгелиски судија одобрил претрес во негови простории, претседателите на Врховниот суд и на Судскиот совет со свои тимови вчера стигнаа во одвоени и ненајавени посети на Основниот суд во Гевгелија. Во судски кругови велат дека ваква „експедитивност“ досега не е забележана во судската практика. Кај нив постои длабок сомнеж дека зад брзањето не се крие вообичен надзор, туку обид за спасување на Панчевски од одговорност. Караџовски во изминатите два дена не беше достапен ни за коментар на претставката на Панчевски, ни за вчерашната посета на гевгелискиот суд. Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски за некои медиуми изјави дека „станува збор за вообичаена контрола“, односно дека таа не е поврзана со жалбата на Панчевски за претресот од страна на СЈО. Но, судски извори за ДВ тврдат дека причината и за двете посети е токму „случајот Панчевски“.
Ја вратиле судијката од Струмица
Вангеловски, кој пред еден месец одби да ги прими членовите на Советот за утврдување факти за да направат увид во списите од предметите „Таргет“ и „Тврдина“, со образложение дека не биле најавени, на истиот начин - ненајавено пристигнал во гевгелискиот суд, во придружба од информатичар. Ненајавено стигнале и претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџоски, придружуван од членовите Влатко Самарџиски и Мери Дика. Во времето кога тие пристигнале, претседателката на Основниот суд во Гевгелија, чиј потпис стои на наредбата за претрес кај судијата Панчевски, била на семинар во Струмица, а ненајавените „гости“ побарале веднаш да се врати во Гевгелија. Откако го сторила тоа, почнало испитување на претседателката на судот и на нејзината заменичка: кога стигнало барањето од СЈО, кога била издадена наредбата за претрес кај Панчевски, зошто го потпишала претседателката на судот... Таа била посебно испрашувана на одвоени средби - и од претставниците на Судскиот совет, и на Врховниот суд. Притоа, лице за кое се претпоставува дека било информатичар од Врховниот суд, без да се легитимира во судот на УСБ снимило и одземало податоци од АКМИС-системот.
Според нашите извори, сомнежот дека ваквата контрола на АКМИС-системот во гевгелискиот суд не е случајна, туку координирана и мотивирана за заштита на Панчевски од одговорност, произлегува од фактот дека таква контрола досега не е направена од повисоките судови во Кривичниот суд во Скопје, ниту по официјални реакции, ниту по допрен глас.
„Ако Вангеловски бил мотивиран да врши увид во функционирањето на АКМИС-системот, прашање е зошто не почнал прво од Кривичниот суд, кој е на дваесет метри од неговата канцеларија. Особено што во изминатите две години имаше многу индиции кои требаше да се проверат. Не затоа што тоа го бара Прибе, туку пред се, затоа што судиите реагираа на злоупотреби при распределбата на судски предмет. Зошто не го направил тоа? И зошто прво во гевгелискиот суд? Дали тој и Караџовски функционираат како џубокс на Панчевски - тој притиска копче, а тие ги пеат неговите ноти?“, коментираат судии од Скопје.
На увид посебно, на ручек заедно
Судиите од гевгелискиот суд креваат раменици. За разлика од нив, „чаршијата“ е погласна, па брзо се прошири веста дека двата тима кои „случајно“ во ист ден дошле во одвоени посети на гевгелискиот суд, потоа се споиле да ги сумираат впечатоците од увидот на заеднички ручек во блиското Мрзенци.
Судијата Панчевски, покрај претставката до Судскиот совет, најави и кривични пријави против специјалните обвинители и истражители кои беа вклучени во претресите во судот и неговиот дом. Тој минатата недела изјави дека за претресите што ги спровело СЈО ја известил и меѓународната јавност и дека до амбасадорите на САД и ЕУ испратил известувања дека е жртва на Специјалното јавно обвинителство.
Ова уследи отка СЈО пред една недела изврши претрес во канцеларијата и во домот на Панчевски, како и во домовите на двајца информатичари вработени во Кривичниот суд. Како што изјави обвинителката Катица Јанева, претресот бил дел од предистражна постапка, со која треба да се утврди дали на други лица им биле издавани службени судски податоци, поврзани со истраги на СЈО. Компјутерите одземени при претресот се дадени на вештачење во МВР.