1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од Судот две години протекувале тајни службени податоци?

6 октомври 2017

СЈО се сомневало дека од почетокот на 2016 година сѐ до денес биле издавани тајни службени податоци поврзани со негови предмети. Истрагата треба да открие дали зад тоа стои едно лице или поголема судска мрежа.

https://p.dw.com/p/2lJXL
Fatime Fetai, Katica Janeva (Leitung), Lence Ristoska
СЈО се сомнева дека биле издавани тајни службени податоци поврзани со негови предметиФотографија: DW/F. Hofmann

Вештачењето на податоците во компјутерите и друг одземен материјал треба да ги потврди или отфрли сомневањата - дали од почетокот на 2016 година па сѐ до денес, лице или лица од Кривичниот суд се инволвирани во издавање службени податоци поврзани со предмети на Специјалното јавно обвинителство. Како што дознава ДВ од извори во Судот, ова била причината за вчерашното присуство на обвинители од СЈО во Кривичниот суд и за извршениот претрес во канцеларијата на актуелен судија и поранешен претседател на тој суд. Претрес бил спроведен на уште три локации - во домот на судијата, но и во домовите на двајца информатичари вработени во истиот Суд.

Предмет на предистражната постапка на СЈО била и злоупотреба на системот АКМИС - Автоматизиран информациски систем за управување со судските предмети (Automated Court Case Management Information System - ACCMIS). Истиот систем беше предмет на интерес и на членовите на Комисијата формирана од Министерството за правда. Тие вчера пристигнаа во Кривичниот суд со цел да го започнат најавениот увид во начинот на кој се користел АКМИС, односно, дали судските предмети се распределувале електронски или системот се заобиколувал, по што одредени предмети од висок политички профил се давале лично на рака на политички „подобни судии“.

Двата тима едни со други вчера не си пречеле во работата. 

„Комисијата вршеше увид, а обвинителите од СЈО постапуваа во конкретен сегмент и во други простории“, велат од Судот.  

Упад во предметите

Што може да покаже вештачењето на комјутерите? Експерти запознати со работа на системот АКМИС велат дека практично може да се открие сѐ.

„Се регистрира сечие логирање во системот (датум, час, времетраење). Може да се види кој на кои предмети работел, што разгледувал и дали неовластено 'влегол' во предмети кои не се во негова надлежност на постапување. Во системот постојат дозволени степени на пристап. Судската администрација, на пример, може да има увид и пристап до едно техничко ниво согласно со нивната надлежност, некој друг до некое следно ниво кое исто така не влегува во суштината на предметот и не ја загрозува тајноста. Само судечкиот судија има комплетен увид во предметот - и никој друг“, објаснуваат тие. 

Symbolbild zum Thema Bürokratie
Фотографија: picture-alliance/ZB

Ако неофицијалните информации за предистражната постапка на СЈО индицираат оти постојат сомнежи дека лице или лица издавале службени тајни за предметите на СЈО, како системот АКМИС би можел да биде злоупотребен за такви цели?

„Тоа значи дека можеби некој упаднал, односно успеал неовластено да обезбеди увид во предметите, или со помош од судија за одреден предмет, или со техничка помош. Доколку одредено лице на неовластен начин влезе во предметите, може да има увид за многу постапки и податоци кои по сила на закон се тајни. На пример, може да добие информација за кое лице е издадена наредба за спроведување посебни истражни мерки (ПИМ) и таа информација да ја направи достапна до лицето за кое се определени мерките, со што ја злоупотребува службената положба и целосно ја опструира постапката. Може да види информации за бројката и идентитетот на осомничени лица во одреден предмет, може на лица засегнати од истрага да им дојави дека е побарано нивно полициско приведување пред таа наредба да стигне во МВР. Со издавање тајни и доверливи информации може да и обезбеди 'предност' на едната страна во процесот и да и нанесе штета на правдата. Во случајов, една би била 'тежината' доколку некој тоа го правел сам, односно со помош на технички лица. Но, сосема друга е ако се докаже дека во такви евентуални злоупотреби учествувале и судии, односно дека се создала цела мрежа која постапувала незаконски“, велат извори од судот.

Индиции за злоупотреби

Специјалната обвинителка Катица Јанева, вчера по излегување од судот, на новинарско прашање објасни какви се сомнежите на СЈО.

„Се издавале податоци за други лица во јавноста или на други заинтересирани странки, службени податоци од АКМИС-системот поврзани со нашите случаи“, рече Јанева. Таа потврди дека постои и сомнеж за местење на судски предмети.

Katica Janeva
Специјалната обвинителка Катица Јанева ги објасни сомнежите на СЈОФотографија: DW/F. Hofmann

„По судска наредба, СЈО изврши личен претрес кај лицето Владимир Панчевски, и со друга наредба од Судот ги одзема сите податоци од компјутерскиот систем за распоредување на предмети во Основниот суд Скопје 1“, рече специјалната обвинителка.

Наредбите биле издадени во врска со предистражна постапка на СЈО, која сѐ уште се води во ова обвинителство.

„Се надеваме дека во најскоро време ќе излеземе со истрага“, најави Јанева.

Извори во судот признаваат дека во изминатиот период, на пример, до нив често стигнувале информации дека „некои лица јавно раскажуваат дека се под посебни истражни мерки (ПИМ)“.

„Ако некој јавно раскажува дека е под ПИМ, прашање е како дознал за тоа, односно дали и кои алки во судот попуштиле? Тоа ќе треба да го покаже истрагата“, велат од судот и потенцираат дека обвинителите од СЈО вчера заминале со обемна документација. Притоа потсетуваат и на случаи кога одредени функционери на ВМРО-ДПМНЕ јавно објавувале официјални документи кои треба да се тајни, а покажуваат дека за нив се водела предистражна постапка.

Оваа предистражна постапка на СЈО ги зголеми и сомнежите дека токму врз основа на издадени службени податоци, претседателот Ѓорге Иванов имал „точен увид“ кои лица се осомничени од СЈО, по што тој донесе одлука за нивно помилување. И покрај барањата на СЈО тој никогаш не одговори како ги добил податоците, а на јавноста ѝ даде нејасно образложение дека „има свои начини на информирање“.

Кандидат за нов мандат

„Доколку се потврдат сомнежите на СЈО, тоа би бил скандал од невидени размери“, велат правни експерти. Судијата Владимир Панчевски, во чија канцеларија и дом вчера бил извршен претрес, четири години беше претседател на Кривичниот суд. Последната година од неговиот мандат беше одбележана со длабоко нарушени односи во Судот. Дел од судиите реагираа што од негова страна биле распоредени на работни места кои не се соодветни на нивните професионални квалификации, дел се побунија што ја злоупотребува официјалната веб-страница на Кривичниот суд за негова вербална пресметка со судии. Судиите кои заради овие и други причини бараа Судскиот совет да расправа за одговорноста на Панчевски,тој ги нарече „одредени отпадoци“, а нивното барање го оквалификува како „хајка против судот“. Минатиот месец Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда во која ја уважи тужбата на Горан Стаменковски, поранешен раководител на одделението за човечки ресурси во Кривичниот суд, кој го тужеше Панчевски за мобинг. Панчевски има право на жалба до Апелациониот суд. Во меѓувреме останува еден од кандидатите за нов претседателски мандат во Кривичниот суд.