1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Панчевски сторил кривично дело со снимање на претресот!?

9 октомври 2017

Панчевски има право на заштита на сопствената приватност, но како судија би требало да знае дека не смее тајно да снима дел од предистражна постапка и јавно да споделува снимки од тој чин, велат правници

https://p.dw.com/p/2lUBb
Symbolbild Spionage Überwachungskamera
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пријавата од судијата Владимир Панчевски до МВР дека при претресот во неговиот дом му бил украден клуч, и како доказ за тоа во некои медиуми дал да се објават снимки од неговата домашна камера - освен истрага за клучот, покренува и друго прашање. Дали тој смеел да снима и објавува снимки од претрес кој е дел од предистражна постапка, која според законот е тајна? Според правниците, секој сопственик на дом и имот има право да снима за сопствена заштита, но не и во случај кога се работи за настан од предистражна постапка.

„Тајната снимка која ја објави поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски за време на претресот на истражителите на СЈО во неговиот дом, претставува кривично дело за неовластено снимање и јавно објавување. Мора да постои согласност од тој што е сниман дека е согласен да биде сниман“, изјави за медиуми поранешниот судија и адвокат, Јован Јоанидис.

Од СЈО ги демантираа наводите на Панчевски за наводното крадење на клучевите од неговиот дом при претресот од истражителите на ова Обвинителство и најавија дека денеска ќе дадат детално соопштение.

„Сите дејства преземени во рамки на предистражната постапка за време на претресот во домот се документирани, се снимаат видео и аудио, за одземените предмети се составува записник за привремено одземени предмети кој го потпишува и лицето во чиј дом е извршен претресот. По целосна анализа на материјалите ќе излеземе и со официјален став за ваквите наводи кои ги демантираме во целост“, најавија од СЈО.

Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Од СЈО ги демантираа наводите на Панчевски за наводно крадење на клучевите од неговиот дом при претресот од истражителите Фотографија: DW/P. StojanovskiDW/P. Stojanovski

Неовластено снимање

Правници велат дека случајот е деликатен. Од една страна, Панчевски има право на заштита на сопствената приватност. Од друга страна, како судија би требало да знае кои се импликациите за снимање без нечие знаење и согласност, односно за јавно споделување на снимки обезбедени на таков начин, и тоа од предистражна постапка.    

„Треба да се утврди дали ова може да го повреди интересот на истрагата (повреда на тајноста на постапката) и дали смее неовластено да снима други, независно што е тоа во неговиот дом“, вели професорот Гордан Калајџиев.

Во таа насока Кривичниот закон е јасен. Според членот 152, „тој што неовластено ќе направи фотогорафски, филмски или видео снимки на друго лице или на неговите лични простории без негова согласност, повредувајќи ја неговата приватност или тој што таквите снимки непосредно ги пренесува на трето лице или му ги покажува или на друг начин му овозможува со нив да се запознае, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година. Ако делото го стори службено лице во вршење на службата, ќе се казни со затвор од три месеци до три години“.

Оваа епизода го отвори и прашањето како истражителите при претресот не утврдиле дека во домот на Панчевски се инсталирани камери и дека просторот е под активен видео-надзор? 

Katica Janeva
Специјалната јавна обвинителка Катица ЈаневаФотографија: DW/F. Hofmann

Повеќе кривични дела

Како што рече обвинителката Катица Јанева минатата недела, претресот во канцеларијата на лицето Владимир Панчевски била во рамките на предистражна постапка, заради сомнеж дека се издавале податоци за други лица во јавноста или на други заинтересирани странки, службени податоци од АКМИС-системот поврзани со случаи на СЈО, но и за местење на судски предмети. Од истите причини претрес е спроведен и во неговиот дом.

Доколку се потврдат овие наводи, тој би бил осомничен за злоупотреба на службената положба и овластување, помагање во извршување на кривично дело, оддавање на службена тајна и повреда на тајноста на постапката. Членот 360 од Кривичниот законик кој се однесува на оддавање службена тајна, предвидува „тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците што претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице, ќе се казни со затвор од три месеци до пет години“.

Како службена тајна се сметаат податоците или документите што со закон, со друг пропис или со одлука на надлежниот орган донесени врз основа на закон се прогласени како службена тајна, и чие откривање има или може да има штетни последици за службата.

Според член 369 од Кривичниот законик кој се однесува на повреда на тајноста на постапката, „тој што неовластено ќе го открие она што го дознал во постапка пред суд или во управна, прекршочна или дисциплинска постапка, што со закон или со одлука на судот или органот што ја води дисциплинската постапка е прогласено како тајна, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година“.

Во однос на можното неовластено упаѓање во АКМИС-системот за електронска распределба на судски предмети, покрај делото оддавање службени податоци, некои правници го посочуваат и членот 251-б за неовластено навлегување во компјутерски систем. Ако таков упад е сторен на компјутерски систем, податоци или програми што се заштитени со посебни мерки на заштита или се користат во работењето на државни органи, јавни претпријатија или јавни установи ..., предвидена е казна затвор од една до пет години.