1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Радио Северна-Македонија не јавува

31 јануари 2019

Што медиумите во Македонија успешно и умешно „пропуштија“ во последните месеци? Арсим Зеколи во својата колумна заклучува: Името се смени, молкот остана да царува.

https://p.dw.com/p/3CW72
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Без најава и увод, но со повод и предупредување, неколку примери за вести и настани кои медиумите во Македонија – зафатени со Карлеуша – успешно и умешно ги „пропуштија“ во последните неколку месеци. 

Западен Балкан помеѓу ЕУ и Русија

Јавноста во Македонија остана покусо за информацијата дека на 23 ноември 2018. во Виена се има одржано состанок помеѓу водечките тинк-тенкови од Европската унија и Русија на тема „Западен Балкан – подрачје за натпревар или соработка помеѓу ЕУ и Русија”. Станува збор за т.н. „ЕУ-Русија Мрежа на Експерти” (EU-Russia Expert Network, EUREN), иницирана од страна на Делегацијата на ЕУ во Москва во 2016 година. Анализата на извештаите за состаноците на оваа мрежа поттикнуваат на многу дилеми, вклучително и за најбенигната – составот на европската делегација. Судејќи според елаборацијата на тезите, се чини дека составот е предоминантно составен од експерти од старата Европа, со помал број учесници од Полска и Балтикот. 

Според известувањата од московскиот Карнеги Центар, „претставницните на ЕУ и РФ покажале исклучителна едногласност во оценување на состојбата во регионот и согласност дека привлечноста на државите од Западен Балкан како партнери е дискутабилна”. Според извештајот, двете страни се согласиле дека борбата за влијание во регионот е „повеќе заснована врз меѓународно позирање отколку на автентичен интерес”. Балканот е добра можност за „унифицирање на аспирациите на двете страни. Желбата на РФ да се позиционира како шампион за правата на Србите и православните христијани се поклопува со агендата на ЕУ за одбрана на правата на малцинствата.“

Според Карнеги центарот, „Европејците не можат да разберат зошто Москва ја критикува секоја нивна иницијатива, а притоа на дава алтернативи, ниту пак зошто РФ е подготвена да ја загрози стабилноста на кревкиот регион единствено од инает, или за нивната отворена поддршка на радикали и популисти”. Од друга страна, Москва смета дека „таквите забелешки се дволични. Точно, од нив поддржуваните политичари не се баш доблесни, но ЕУ е исто така подготвена да толерира корумпирани автократи кои немаат ништо заедничко со демократија и владеење на правото, сѐ додека се пр-западни”. Според руската страна, ЕУ подеднакво подгрева тензии во регионот кога „сака да ги повлече Црна Гора и БиХ во НАТО, и покрај одбивањето на Србите. Зошто Брисел не пренесе отворено дека членството во НАТО не е предуслов за ЕУ-членство и зошто не им се објасни на елитите дека членството во НАТО не ги зголемува шансите за добивање ЕУ-субвенции?“

Крајниот заклучок е дека „Русија и ЕУ немаат некои особени разлики за Балканот. Русија не е против зачленувањата во ЕУ, а ЕУ не е против тоа да Русија продолжи да води бизнис и инвестира во регионот”. Според извештајот, проблематичниот аспект лежи во „неверицата на Москва во способноста на ЕУ да делува на Балканот автономно од САД“.

Оставката на Вес Мичел

Оставката на Вес Мичел, како втор пример на недоволно покриена вест пред домашната јавност, е можеби доволна илустрација за еднонасочниот квалитет на односите помеѓу ЕУ и САД. Подлабок увид во позадината на оставката на американскиот помошник државен секретар за Европа и Евроазија даде атинскиот „Катимерини” преку написот на Енди Земенидес. Тој во разговор со поранешен амбасадор на САД во Европа запрашал која е причината за оставката на Мичел. Одговорот бил: НАТО. Слични биле и одговорите на искусните бирократи од Сенатот, според кои оставката „не ќе да е на добро”. Во написот се цитира и Иво Далдер, екс-Амбасадор при НАТО, според кој „оставката на Мичел, по стапките на сите врвни луѓе од Пентагон поврзани со Европа и НАТО, дава загрижувачка слика пред нашите сојузници во Европа за нашиот смален интерес за стариот континент. Тоа подразбира растечки проблеми за Европа и подлабок расцеп во Атлантикот – токму она кон што Русија и Путин целеа со години.“ Интересно, оставката на Мичел се случи непосредно пред изгласувањето на „Актот за Поддршка на НАТО” од страна на Конгресот на САД, изгласан со 357 гласа „за”, и „22” гласа против. Огромната поддршка е неспорно убедлива. А сепак, подготвеноста на 22 конгресмени јавно да ја искажат својата несогласност добива на значење доколку се потсетиме дека до пред неколку месеци нивниот број можеше да се изброи со палец и кажипрст од една рака. Впрочем, иако мали по број, тие беа доволна причина за „УСА Тудеј” да излезе со предупредувачки едиторијал дека „Трамп и неговите републикански мињони си играат со нуклеарен оган за НАТО и Русија”.

Други колумни од авторот:

Реверзибилна колонизација

Борба против корумпираните

Според Катимерини, оставката на Мичел има можни реперкусии и за Преспанскиот договор. „Мичел имаше активна улога во усвојувањето на Преспанскиот и зајакнатите односи помеѓу Атина и Скопје кои ќе треба да резултираат поради договорот. Затоа, продолжението на усвојувањето на Договорот и каква било улога на САД во неговата имплементација е одеднаш ставена под знак прашање.” Во заклучок на анализата, авторот постетува дека „западните пофалби кон Преспанскиот се мотивирани од чувството во Вашингтон дека ‘Балканот се врати а, Русија е назад на Балканот'. Доколку оставката на Мичел сигнализира промена на политиката на САД кон Грција, останува нејасно дали храбрите чекори на Атина ќе бидат ценети во Вашингтон.”

Колку за потсетување, оставката на Мичел не се случува во вакуум, туку паралелно со чудната епидемија на бегства на министри за надворешни работи, која започна со Рекс Тилерсон (и ќе се заокружи со претпоставената оставка на Помпео и неговото префрлање во Конгресот), па сѐ до оставката на албанскиот МНР Бушати, кој се спротивставил на идејата за промена на границите помеѓу Србија и Косово. Во Македонија, пак, нашиот министер навистина ем вети пишман-оставкај ем преживеа интерпелација, но тоа секако не е доволно за да се одвлече вниманието од некои недоволно разјаснети постапки во финалната фаза на преговорите, како и инаетчиската карамкаша во која Османи сѐ повеќе делува како Министер за Надворешни, а Димитров како Министер за Евроинтеграции. 

Заминувањето на Коѕијас

Сепак несомнено најинтригантната и пред нашата јавност безмалку игнорирана оставка е онаа на Никос Коѕијас, проследена со низа запрепастувачки информации изнесени од негова страна. Неразбирливо е, со или без наводници, како медиумите од регионот и Европа останаа глувонеми за исказите на Коѕијас за „вмешаноста на грчки дипломати во трговија со органи преку издавање илегални визи за деца-имигранти без придружба”. Наводи искажани на прес-конференција, тврдејќи дека „има 93 случаи од кои некои веќе служат затворски казни”. Политичката и медиумската елита од регионот и Европа која покажа повеќе од здрав интерес за слични обвиненија поврзани со албански „жолти куќи”, одеднаш остана нема пред ваквите грозоморни тврдења на совесниот Коѕијас.

Јавноста во Македонија, поточно кажано етно-македонската публика, остана покусо и за сведоштвата на Коѕијас дадени во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, во кое се осврна и на процесот на преговорите за спорот со името. Според информациите пренесени од медиумите на албански јазик, Коѕијас тврди дека „напорите на владата на Ципрас за спорот со името започнале во летото 2015., кога на власт сѐ уште бил Никола Груевски. Напорите не вродиле со плод.“ Преговорите тогаш започнале со лидерот на опозицијата Зоран Заев и со „Али Ахмети, природниот лидер на Албанците од Северна Македонија”. Интересно е неговото тврдење дека во тој период имал телефонски разговор со Хилари Клинтон (тогашен Државен секретар на САД), која му „сугерирала да не разговара со опозицијата на Заев и со Албанците, за да не се става Груевски под притисок”. Според овој исказ, парадоксалниот заклучок е дека Клинтон всушност била наклонета кон нашиот Трамп, по чии стапки наскоро ќе тргне – и ќе ја порази – американскиот Доналд. Дали сведоштвпто на Коѕијас фрла ново светло врз поведението на администрацијата на Обама-Бајден-Клинтон кон нашата автократија? Дали сцените од вашингтонските тротоари и циничните коментари на Нуланд биле само чадна завеса на глумење незадоволство од автократот Груевски, кој сепак бил многу поприфатлив за Демократската администрација отколку што сме претпоставувале?   

Во продолжение на интервјуто, Коѕијас подвлекува и дека „Али Ахмети и Бујар Османи беа нашите сојузници во преговорите. Оваа соработка со Албанците даде плодови до финалната фаза на преговорите.” Разбирливата желба на Пломп-Усаид медиумите на СДСМ да ја фаворизираат месијанската улога на Зоран Заев и Никола Димитров го разоткрива мотивот за цензурирање на оваа вест низ македонските медиуми. Но тоа не е причина за непоставување неколку логични прашања: која е причината за унисоното игнорирање на вистински заслужниот фактор за постигнување на Преспанскиот Договор – а тоа е несомнено министерот Коѕијас? Зошто европската и западната дипло-политичка јавност (посебно во Германија) сесрдно и дрско ја пренебрегнуваат и кријат улогата на Коѕијас, па и на Ахмети, во постигнувањето на Преспанскиот договор и се исклучуваат од форшпанот на небулозните повици за „Нобеловштина“? Впрочем, дали потребата за закопување на Коѕијас-Ахмети не е само поради „Нобеловштината” наменета за Ципрас-Заев, туку и за градење на нивните биографии за претстојните номинации за кандидати за Водно или за, на пример, генерално секретизирање на НАТО?

Сите наведени прашања се небитни, вклучително и оние за нашиот не-став кон кризата во Венецуела. Единствено битно е што со вакви медиуми какви што имаме, јавноста уште долго ќе остане без некои одговори. Името се смени. Молкот остана да царува.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач