1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борба против корумпираните

17 јануари 2019

Времето на високопарните политики на „градиме држава” пароли е завршено и настапува ерата на општествените аксиоми за „колку пари, толку држава”. Колумна на Арсим Зеколи.

https://p.dw.com/p/3BhTD
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Сезонскиот натпревар помеѓу задоволните од сопствените успеси политичари и незадоволните од сопствените состојби граѓани започнува со несмалена динамика и во невоообичаена атмосфера на општа апатија. Политичарите засилено ги слават успесите низ социјални мрежи, но внимателно ги избегнуваат масовните слет-прослави, свесни за ризикот да бидат исвиркани од собраните славеници. Граѓаните, пак, парираат и ги трошат последните атоми на гнев низ социјални мрежи, но во недостаток на автентична понуда на социјален протест преферираат да си ги сочуваат енергиите и гласни жици. Изглумените оптимизми на политичката фела и загрижениот песимизам на граѓанската каста е прецизен индикатор за промените кои се одвиваат поради изместените приоритети. Времето на високопарните политики на „градиме држава” пароли е завршено и настапува ерата на општествените аксиоми за „колку пари, толку држава”.

Моќна држава или силна економија?

Од протестите во Белград, иселувањата од Приштина, гневот на студентите во Тирана, па сѐ до заложбите на Заев за економијата како приоритет на годината, сивата социјална карта на општествата полека ја субституира колоритната политичка мапа на регионот. Во оваа состојба безмалку пресликана од старата шега за „глупи народи и силни држави”, на граѓаните и народите од соседствата (и западните политики) на крај им се исполни желбата да имаат силни држави, моќни бирократии, грамадни политичари, опремени полиции – но по цена на живеење во едвај закрпени економии. И скраја сите (во дух и порака слични) пропаганди од престолнините балкански, сѐ помалку граѓани веруваат дека заздравувањето е на повидок. 

Токму затоа, би било интересно доколку на следната анкета (по можност, нефризирана) пред анкетираните се постави прашањето: што сметате дека е поважно за вас - да се има моќна држава или силна економија? Се плашам дека менталниот склоп на граѓаните е таков што повеќето махинално ќе се определат за првата опција, поведени од родољубни, национални, политички вдахновенија и прекорни погледи на комшијата отспротива. Што е сепак и за очекување во општество катадневно бомбардирано со катаклизмични прогнози на разнебитување, снемување, губење на државата и.т.н. Во таква состојба диктирана од политиката, битноста на државата е колективна филозофија на пожртвуваноста која ѝ дава смисла на немаштијата и истата ја митологизира во хероизам. Економијата во очите на обичниот граѓанин е безмалку сведена на индивидуална опционална апстракција, утопија која – иншала! - треба да им се случи на нашите потомства. 

На граѓаните нема кој да им укаже дека таквата состојба на духот не е поради нивната дефектна интелигенција, туку происход на едноставен социјален инженеринг, во кој економски солидните ја диктираат политичката параноја на социјално распаметените. Дека во тоа несвето тројство на политиката, стопанството и медиумите, диктатот на општествениот немир и страв на плебсот е предуслов за обезбедување социјален спокој на естаблишментот. Доколку би знаеле, би разбрале зошто нашите емоции еруптираат при секој партиски-етнички инцидент, но остануваат стабилно лабави и контролабилно гневни среде серијалот економски скандали кои ни се случуваат. И притоа редовно се претставуваат како „доказ за неспособноста на другиот”, што е неспоредливо полесно од докажување на сопствената способност.

Други колумни од авторот:

Како Али го востоличи Зијадин

Лицитација на Липицанери

Сите виновни, никој одговорен

Најконкретна илустрација за последиците на таквиот социјален инженеринг кај нас и во регионот е манипулативниот политички вокабулар со кој горчливите теми се преведуваат во горливи флоскули без суштина, смисла и вкус. Земете ја за пример сеопшто прифатената формулација за борба против корупцијата и начиниот на кој истата се користи од политичарите.

Борбата против корупцијата е формулација која убаво звучи, но е во основа школски пример на Орвеловскиот double-talk или нам попозната комунистичка реторика на замаглување на одговорноста според правилото „виновни сме сите, никој не е одговорен”. Но дали имате слушнато досега кој било да повика на борба против конкретниот корумпиран лик, идентификуван со име, личност со име и презиме? Зошто е толку лесно да се расфрламе со пежоративни етикети на националист, шовинист, расист, комуњара, фашист – но сѐ уште сме несклони кон користење на именката „корумпиран” како предзнак на политичарите кои и тоа како си ја имаат заслужено таа чест.  

Форсирањето на воопштената квалификација на корупцијата како феномен е есенцијално бесмислен множествен оксиморон сѐ додека истата не се надополни со прво лице еднина низ конкретно именување на корумпираниот политичар. Оттаму, првиот чекот во спроведување реформи не се законодавните педантерии и процедури, туку промената на јазикот и начинот на кој го употребуваме јазикот, негова хуманизација како контратежа на правничката лингвистика скроена од системот согласно системските потреби. Одбивноста на естаблишментот за прифаќање на таквата хуманизација на комуникацијата со општеството е секако прерогатив на моќта, но и сигурен пат кон целосно замирање на дијалогот и натамошна ерозија на кредибилитетот на државата.

На милост и немилост на стабилократијата

Политички популарната мантра на власта дека благодарение на нивните потези се цементира самобитноста на државата во однос на соседите нема да има никакав долгорочен валиден импакт доколку не биде проследена со потези низ кои ќе се валоризира желбата на граѓаните да веруваат во неа. И нејзината решителност и желба да им обезбедат благосостојба каква заслужуваат по сите децении пожртвуваност. Промената на дискурсот која веќе се чувствува, набргу ќе биде и демонстрирана од страна на гласачите на претстојните изборни циклуси. Низ кои сосема извесно ќе се отсликаат изменетите приоритети во давање доверба. При што традиоционалните политички и стабилократски историски наративи ќе бидат истиснати од страна на егзистенцијалните економски и социјални прашања на секојдневието.

На прв поглед, таа промена на приоритетите би требало да подразбира олеснување на политиката и општеството од перпетуалните политичко-безбедносни кризи и рефокусирање кон економијата. Тоа секако би било така, доколку реконфигурацијата би вродила со подобрување на економската состојба и решителна борба против корумпираните. Но како што апетитот за политичко и етничко бунтување полека паѓа во втор план, така и поривот за социјален бунт ќе продолжи да расте и ќе цути со секој нов коруптократен скандал и економска стагнација. И со тоа неминовно и веќе неповратно ќе ја врати и државата и општеството на репертоарот на регионални гео-стратешки игри и пресметки. Што ќе биде повеќе од извесно доколку иднината на економијата и понатаму биде оставена на милост и немилост на стабилократијата.  

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач