1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Реверзибилна колонизација

24 јануари 2019

Среде сите разлики и кавги, недоразбирања и напнатости кои го обременуваат денешниот свет, постои една нишка – не толку тајна – која ги поврзува сите невралгични точки на планетата..

https://p.dw.com/p/3C6Yj
Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

Од данското острвце Линдхолм до Ел Пасо, Тексас, од кинеското гратче Дабангченг па се до Лампедуса во Италија тече тивко и тажно реката на бегалци, имигранти, сиромашни, несреќни и гневни луѓе, во бег од сегашноста која ја немаат и иднината која ја бараат. Сред сите панични наслови на западот и релативизирачките известувања на истокот, ретко кој ја согледува историјската димензија на маршот на робовите на нашето современие. Чиј интензитет, распространетост и драматика ги надминува и егзодусот на Евреите од Египет, Долгиот Марш на Кина и протестанскиот егзодус кон Северна Америка. И со право може да се нарече како најдрамтичниот историски социјален експеримент на реверзибилна колонизација.

Политиката и медиумите барем досега успешно ја наметнуваат религиската и расна нарација во подгревање на параноите на сопствените публики и гласачи од „инвазијата на иноверните и кафеавокожните”, и онака веќе надразнети од ерозијата на социјалниот стандард. Во Европа, фокусот на известување и алармирање ја потенцираше блискоисточната и исламска нота на бегалците. По првичните обиди за пресликување на истата мелодија во сопствена верзија, Американската десница се определи за форсирање на стравот од латино-инвазијата од од Централна Америка. Соодветно на нејзиниот систем, Кина се определи за формулата на одбрана на комунистичкиот атеизам од влијанијата на Исламот и Христијанството. Низ Арапскиот и Исламски свет, паранојата остана вперена кон Јазидите, Коптите, Курдите. Во Русија е сеуште тепко да си од Узбекистан, Киргистан и Таџикистан. Сите со сопствена експликација на одбрана од туѓото, непознатото, неприлагодливото и инокрвното.

Но, години подоцна, кога масните наслови почнаа да бледнеат пред статистичките показатели, на виделина исплива една друга заедничка нота која ги поврзува бегалците (од една) и бранителите (од друга). А таа заедничка нота упатува дека иако верата и расата се пригодни за подгревање на страстите, сиромаштијата е таа која како јинг-јанг ја комплетира севкупната слика во која се поклопуваат интересите на двете страни. Нашата Европа на страв од Исламот има страв од сиромашни муслимани. Но тоа секако не важи за богатите Саудијци, Турци, Кувајќани. Америка на Лејди Либерти се згрозува од "мокро-грбните” латини од Централна Америка, осакатените муслимани од Јемен и Сомалија, но не е воопшто гадлива кон богатите банкари од Рио и Каракас, шеиците од Доха. Комунистичката правоверност на Пекинг кон Мухамед и Исус не се преведува во одбојност кон арапската нафташи, германските техно-индустријалци и јапонски технологии. Ппроповедувњара на патријарсите на исламот од Катар до Алжир против западниот империјализам и нивните домашни слуги не ги тангира секогаш добредојдените трговци со оружје. Во страв широко отворените очи на Русија кон црномурестите од Кавказот брзо стануваат осмешени пред гасните автократи на Кавказот и Централна Азија. Сумирано, приказната за стравот од муслиманите и темнокожните е само вербален изговор за омразата и стравот од сиромашните припадници на тие групи, но не и кон нивните богати касти. Кои се секогаш и секаде – добредојдени!

Други колумни од Арсим Зеколи:

-Борба против корумпираните

-Лицитација на Липицанери

-Политичка Тромбоза

Реките на бегалците кажуваат многу за светот денеска. А тоа што сакаат да ни го кажат не е паднато од небо, туку навреме најавено од Самуел Хантингтон дека „секоја цивилизација се смета како центар на светот и си ја пишува сопствената историја како централна драма на човештвото”. Следствено, колку и да се обидуваат да го наметнат сопствениот наратив за каузите на нивните "цивилизацијски одбрани”, сите наведени цивилизации ја споделуваат истата судбина на благослов и проклетство. Благословот да бидат центри на цивилизации на колонизатори и проклетство да бидат центри на реверсибилна колонизација од оние врз чик грб некогаш ја имаат создадено сопствената среќа денес. Затоа, не политиката, туку географијата на блискоста на бегалците и нивните посакувани Утопии е најпрецизното сведоштво за вистината на Шекспир дека во секој триумф лежи семето на идните порази.

Деновиве таа вистина добива неочекувано жестока потврда во тековните кавги на највисок врв помеѓу дипломатиите на Рим и Париз, во кои првите бараат од Европа да ја осуди Франција поради тоа што „никогаш не претсанала да колонизира десетици држави во Африка”. Во Германија се отвораат досега непознати дамки од минатото на црниот континент. На Балканот пак, по систем(ат)ската јувенилизација во име на Еврореформи на крај неславно завршува во депопулација со аларманти пропорции и уште поалармантно несогледиви последици  кои неминовно ќе уследат. 

Реверзибилната колонизација не е резервирана само за сиромашниот југ кон западот и северот. Финансискиот крах од 2008 година предизвика и засилена миграција на сиромашните млади европјани во желба да најдат подобар живот во нивните поранешни колонии или поранешните „економии во развој”. За младите шпанци тоа подразбира селење во Аргентина, за Португалците во Мозамбик и Ангола, за грците во Јужна Африка, за Германците, Французите, Британците ... секаде низ третиот свет каде што стекнатото know-how е добредојдена и бесплатна инвестициа а белата кожа сеуште знак на престиж. 

Доколку во Европа политиката би се предводела од разумот а не од ефтините емоции, црномурестите реверзибилни колонизатори кои чукаат на западните порти би требало да бидат пречекани на ист начин како и белокожците на југот. Со работни места. Вистина, тенденциите низ западна Европа укажуваат на благ пад на антимиграциската хистерија, дури и кај дел од крајната десница. За разлика од Источна Европа каде логиката на капитализмот е сеуште диктирана од посткомунистичкиот инфериорен комплекс на вечно бегство од истокот и ја карикатуризира смислата на западњаштво. 

Реверсибилната колонизација секако не е без предизвици, драми, социални потреси, општествени нервози и судири. Но колку и да звучи непопуларно, таа е далеку помалку трагична од иницијлната колонизација. Спремноста на десничарите од западот да нивните колонијални искуства ги претставуваат и подразбираат како нужно зло од минатото без кое не би биле можни современите достигнувања денес би можела да се разбере, но под еден едиствен услов. Доколку ја прифатат и денешната реверзибилна колонизација како современ, изнуден и нужен исчекор за доброто на иднината на човештвото.

Наметнатиот страв дека тоа подразбира крај на западната цивилизација е колку апсурден и неодржлив, толку е и самопоразителен по самата западна цивилизација. Која низ ваквиот пристап на дефанзивна изолација во прилог на одржување на сегашниот привилегиран статус-кво на крај се доведува во парадоксална состојба на автодеструкција. Апологетите на таквиот пристап лекомислено ги забораваат предупредувањата на Хангтингтон, според кој „западната верба во универзалноста на западната култура е лажна, аморална и опасна”. Со посебен акцент врз опасноста, како сосема реален происход на сведување на истата на мерка на илозиран и престрашен исклучок сред динамичниот и бурен свет врз кој има се помалку влијание. Свет во кој привилегијата стекната од ерата на колонизацијата станува влажно-топла носталгија на трулеж, слично на балканскуие митомании за „дамнешните времиња кога ние сме јаделе со виљушки а Германците и Французите гмечеле со прсти”.

Реките бегалци, неизбањати, смрдливи, неизбричени, во рити облечени  и изгладнети се такви единствено доколку во нив гледаме загроза за нашиот егоистичен конфор и комформизам денешен. И пропуштиме да во нив ја согледаме подлабоката димензија на нивната појава и можноста која со себе ја носат за иднината. Низ нив и токму врз нив се прекшува најбитната одредница на денешницата која ќе ја определи иднината на човешвото. Елегантно сублимирана од Хангтингтон во неговата дистинкција помеѓу бивање современо општество и западно општество. "Современо општество подразбира индустрализација, урбанизација, висок степен на писменост, образование и богатство. Западно општество значи класично наследство, христијанство, сепарација помеѓу државата и црквата, владеење на правото и цивилно општество.” Следејќи ја оваа споредба, се наметнува заклучокот дека западното општество не е во регрес, колку што глобалната модернизација е во подем и со засилена желба да влијае врз глобалните текови. Токму како што канцеларката Меркел укажа во нејзиниот робусен говор во Давос. Во кој укажа дека "земјите како Кина и Индија веќе долго време силно влијаат врз светската економија. Кога постоечкиот систем доцни во реагирање, за последица го имаме то што другите земји настапуваат преку (создавање) нови институции.”   Затоа, ќе додаде Меркел, „Западот мора да дејствува против фрагментирањето на меѓународнта архитектура и ги реформира посточеките институции” на начин на кој „ќе го разбереме националниот интерес така што ќе мислиме и на интересите на другите и со тоа создадема вин-вин ситуација за сите.

Стравот од реверзибилната колонизација – колку и да е разбирлив – ја става на тест одржливоста на западното општество во кое модернизацијата станува заложник на наследството. Впрочем, дали второто е долгорочно одржливо без првото? Лично, сметам дека може. Но по која цена?

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач