1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Проширувањето на ЕУ е еден од приоритетите на данското претседателство

18 јануари 2012

Данското претседателство се совпаѓа со еден од најтешките моменти во историјата на ЕУ– кризата на еврозоната. Но и покрај кризата проширувањето е еден од приоритетите на Данска, а велат-Македонија не е заборавена.

https://p.dw.com/p/13lQi
Хеле Торнинг Шмит и Мартин Шулц во СтразбурФотографија: dapd

Данска ќе продолжи со политиката на проширување на ЕУ врз основа на принципот на поединичени заслуги на секоја земја, што ќе дозволи напредок во проширувањето. Ова, бидејќи „тоа е корисно за безбедноста и развојот на Европа, и бидејќи води кон проширување на заедничкиот пазар и трговската размена од која полза влечат сите држави“.

Данското претседателство смета дека проширувањето и перспективите за членство ќе придонесат за напредок на земјите-кандидати кон повеќе демократија, мир и стабилност на целиот европски континет, посебно ако се знае дека земјите кандидати се карактеризирани со слабост на демократските институции, проблеми со малцинствата и гранични спорови.

Перспективите за членство според Копенхаген придонесуваат земјите- кандидати да работат на спроведувањето на широките и тешки реформи. Во документот за приоритетите на данскотот претседатекство, официјално претставени денес во Европскиот парламент во Стразбур, од премиерката Хеле Торнинг-Шмит, се вели дека „земјите кандидати и другите земји со европски перспективи се приближуваат до европските норми кога станува збор за организирањето на општеството и економијата“.

EU Dänemark Ratspräsidentschaft Helle Thorning-Schmidt in Straßburg mit Martin Schulz
Фотографија: dapd

Данска посебно нагласува дека за време на нејзиното последно претседателство со ЕУ во 2002-ра година, ЕУ ги заврши преговорите со десетте земји кандидати кои на 1-ви мај 2004-та година станаа членки на ЕУ.

Така Копенхаген ќе ги поддржи преговорите со Турција и зајакнувањето на нејзините односи со ЕУ. А во согласност со препораките на Европскиот совет од декември 2011-та, ЕУ предвидува за време на данското претседателство да одлучи за идните етапи со кандидатурите на Србија и Црна Гора, како и следење на реформите во Хрватска по потпишувањето на договорот за членство на 9-ти декември 2011-та.

Македонија не е заборавена во данската програма за претседавање со ЕУ

За Македонија во програмата на данското претседателством поделена во Стразбур нема ниту еден збор, но таа не е заборавена, таа стои во програмата на данското претседателство на неговата интернет страница.

На прашањето на Дојче веле, дали тоа „изоставување“ значи дека Данска не се надева дека за време на нејзиното претседавање со ЕУ нема да биде постигнат напредок во однос на Македонија, Хеле Торнинг-Шмит изрази благодарност што се прават споредби меѓу дистрибуираните документи и целосната програма ставена на интернет.

„Како што рековме ние ќе се обидеме да продолжиме со напорите во насока на проширувањето. Данска секогаш ги поддржуваше различните проширувања“.

Имено во документот на Данска се нагласува дека Македонија доби статус на земја-кандидат во 2005-та година, но дека датумот за преговори не е се‘ уште утврден.

Кога станува збор за Република Македонија, последниот европски Совет одлучи одлуката за почеток на преговорите да биде разгледана во март, за време на данското претседавање со ЕУ.

Торнинг-Шмит не одговори на прашањето дали за време на данското претседателство ќе се напредне со случајот на Македонија во контекст на пресудата од Хаг.

Проширувањето ќе продолжи по приемот на Хрватска

Од своја страна претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Барозо рече дека позицијата на Европската комисија за проширувањето е позната и дека тој не сака да коментира специфични прашања.

„Можам да ви речам во овај стадиум, по завршувањето на преговорите и потпишувањето на договорот за членство на Хрватска, ние ги имаме сите причини да веруваме дека земјите-членки се подготвени да продолжат со проширувањето кон Балканот. Тоа го гледам во определбите на земјите- членки, тоа беше повторено од Советот на повеќе пати и тоа сигурно ќе продолжи така да биде за консензусот околу проширувањето“, вели Барозо.

Се разбира, проширувањето е условено, нагласува претседателот на Европската комисија. „Земјите кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да можат да одговорат на политичките критеруми од Копенхаген исто како и на економски, кои се од големо значење за нивниот напредок на патот за челнство“.

Jose Barrosso EU Kommission Straßburg Frankreich
Жозе Мануел БарозоФотографија: AP

Од своја страна претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, само додаде дека критериумите од Копенхаген се важни и за земјите-членки на ЕУ, кога тие не ги почитуваат, се изложени на критики и предупредување од страна на Комисијата и ЕП. И токму за тоа попладнево (18 јануари 2012) ЕП расправа за законските промени во Унгарија во присуство на премиерот Виктор Орбан.

Сепак главните приоритети на данското претседателство ќе бидат спасот на европското единство и еврозоната, иако Данска не е нејзина членка.

Европа, ајде на работа

„Европа, ајде на работа“ ова е мотото на данското претседателство и програма, премиерката Хеле Торнинг-Шмит пред европратениците ги претстави четири големи приоритети преку кои Данска сака да придонесе за : една поодговорна Европа, една динамична Европа, една зелена Европа и една сигурна Европа.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Ж. Ацеска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема