Данска не ја заборавила Македонија
18 јануари 2012Данскиот амбасадор на денешната презентација во ЕУ-инфо центарот зборуваше за приоритетите и програмата за работата на шестмесечното претседателство на Данска со ЕУ.
„Треба да нагласиме дека не смееме да ве оставиме со впечаток дека сте надвор од вниманието. Очигледно оти има проблем односно пречки кои не се поврзани со ЕУ, туку станува збор за прашање за кое е потребно билатерално разбирање. Силно ќе поддржиме да се дојде до заемно прифатливо решение бидејќи знаеме дека проблемот постои. Со цел да се дојде до крајната фаза на прием мора да има консензус во ЕУ. Кај нас владеат правила, а ова е единствениот пристап што ни е достапен“, рече Брил на новинарско прашање дали Данска ќе покрене иницијатива за деблокирање на македонската евроинтеграција.
Важно е продолжување на реформите
Брил порача дека мора да има внимание и фокусирање на овој проблем со цел да се затвори во контекст на понатамошното пристапување на земјата кон ЕУ. Во тој контекст ја нагласи и важноста за продолжување на реформите.
„Веќе сте дел од рамката за стабилизација и асоцијација. Во таа рамка има агенда, процедури и не е вистина дека ништо не се случува. Ние видовме и констатиравме дека постојано има напредок во одредени области во согласност со копенхашките критериуми. Дискусиите продолжуваат во рамки на Европската комисија за областите каде што треба да се направи дополнителен напредок. Овој моментум не смее да се изгуби“, смета данскиот дипломат.
Македонија не е заборавена
Запрашан за изоставувањето на Македонија од Програмата на данското претседателство во делот на проширувањето тој посочува оти тоа не смее да се сфати погрешно.
„Определени сме да ја спроведеме агендата за проширување. Не смее да се разбере погрешно дека не е спомената конкретна земја од Западниот Балкан. Оние кои не се споменати не значи дека се изоставени. Тоа не ни беше намерата“, појаснува Брил.
Данска за време на своето претседавање со ЕУ во првата половина од оваа година ќе остане посветена на постигнување на одговорна, динамична, зелена и безбедна Европа, рече амбасадорот Брил. Во моментов главен предизвик е соочување со предизвикот на економската криза, но и утврдување политики за компетитивен развој на Унијата.
Данскиот амбасадор приоритетите на Копенхаген во следните шест месеци од ротирачкото претседателство вчера ги презентита пред прaтениците, а денеска имаше средби и во Владата.
Автор: ЖА/СН/миа
Редактор: Симе Недевски