Протести во Бугарија: Законите треба да важат за сите
15 јули 2020Поранешниот бугарски заменик премиер (2014) и министер за правосудство (2014-2015), Христо Иванов, минатата недела со спектакуларна акција на брегот на Црното Mоре постигна полн политички погодок.
Со моторен чамец и двајца помошници сакаше да помине покрај луксузната резиденција на еден од највлијателните луѓе во Бугарија, за да го привлече вниманието на илегално заградениот јавен објект и на телохранителите од државната служба кои се таму нелегално ангажирани.
Во резиденцијата со години се крие Ахмед Доган, кој важи за некој кој ги влече конците во бугарската политика, а кој е почесен претседател на парламентарната партија „Движење за права и слобода“ и политички ментор на пратеникот и олигарх Делјан Пеевски.
Повеќе:
-Политичките судири во Бугарија предизвикаа протести и револт
-Снимките од спалната соба и тажната вистина за Бојко Борисов
-Која е заднината на политичките тензии во Бугарија?
Тој е еден од најбогатите луѓе во Бугарија и истовремено ја контролира империјата од булеварски медиуми кои остро ги критикуваат „Репортери без граници“ и другите организации за заштита на човековите права. Во последно време Пеевски го поддржува конзервативниот премиер Бојко Борисов.
Акцијата на Христо Иванов, која на Фејсбук ја погледнаа над милион луѓе, во Бугарија предизвика масовни протести против корупцијата, олигарсите и владата. Во главниот град Софија над 3.000 демонстранти во неделата пред парламентот бараа оставка на премиерот. И во други бугарски градови против владата демонстрираа стотици луѓе.
Протестите започнаа не само со акцијата на Иванов на брегот на Црното Mоре туку и со рации во канцеларијата на претседателот Румен Радев. Во овие рации е приведен на испитување полномоштеникот против корупција и советник за безбедност на претседателот. Претседателот Радев, кого го поддржуваат социјалистите, е жесток критичар на премиерот Борисов и на неговата влада на кои им се префла дека се поврзани со олигарсите. Во едно телевизиско обраќање во саботата Радев го критикуваше, како што рече, мафијашкото однесување на владата и побара нејзина оставка.На маргините на противвладините протести во Софија се повредени двајца демонстранти и четворица полицајци. Вчеравечер продолжија протестите во главниот град. За утре организаторите повикаа на демонстрации ширум земјата.
Барања за рестарт
ДВ: Господине Иванов, што се случува во Бугарија?
Христо Иванов: Станува збор за избивање на долгогодишниот бес против корупцијата и ароганцијата на власта, здружени со стравот од надоаѓачката економска криза. Бројни луѓе од различни политички определувања на улиците бараат морален и политички рестарт. Овие луѓе се бесни на арогантната демонстрација на моќ на обвинителството кое јасно политички се позиционира и го крши законот.
Луѓето протестираат и против олигарсите во Бугарија. Кои се тие олигарси?
На ова прашање може да одговори само судот врз основа на фер процес во согласност со европските стандарди. И луѓето на улиците тоа така го разбираат кога протестираат против Државното обвинителство. Тоа е јасен сигнал до нашите проевропски партнери кои конечно би требало да ги отворат очите кога станува збор за развојот на настаните во Бугарија. Јасниот проевропски став на Бугарите всушност произлегува од надежта дека ЕУ може да спроведе европски стандарди за демократија и правна држава и во Бугарија. И ако во Европа и натаму се врти главата од постапките на бугарската влада и Борисов, тоа води во длабока деморализација на бугарското општество. Протестите се насочени против двајца политичари на една мала партија која е застапена во парламетот, „Движење за права и слобода“, која првобитно се залагаше за правата на бугарските муслимани со турско потекло.
Вие, господине Иванов, минатата недела изведовте спектакуларна акција и со чамец дојдовте на плажата на резиденцијата на почесниот претседател на ДПС, Ахмед Доган. За него се вели дека е ментор на една од клучните фигури во бугарската политика - Делјан Пеевски, пратеник, бизнисмен и сопственик на медиуми. Зошто токму овие двајца политичари се најдоа во фокусот на јавноста?
Тоа е мала група на луѓе кои со години токсично делува врз бугарската политика и врз судството, преку медиумите и задкулисни договори. Нашиот протест на плажата на резиденцијата, која е незаконски оградена од надворешниот свет и е заштитена од државни службеници, јасно покажа дека ова не е конфронтација со граѓани со турско потекло, туку со корупцијата во бугарската политика. И демонстрантите и поддржувачите на ДПС на крајот беа обединети: станува збор за тоа законите во Бугарија да важат за сите. Демонстрантите се на мислење дека господата. Доган и Пеевски со години се имуни на секој закон во земјата, и оти цело време ги служат државните институции. Со тоа двајцата владетели добиваат поголемо влијание врз политиката, економијата, медиумите и судството во Бугарија. Така што протестите на крајот од краиштата се насочени против владата затоа што политичката одговорност за овој токсичен развој на ситуацијата ја сносат владејачката партија ГЕРБ и премиерот Боjко Борисов.
Мизерна состојба на правната држава
Во моментот се зборува многу за конфронтацијата меѓу премиерот Борисов и претседателот Радев, кој е поддржан од социјалистите.
Оваа конфронтација навистина постои, затоа што Радев виде вистински момент за напади врз Борисов. Но, тоа не е поентата. Денешната политичка криза влече корени во лошата состојба на правната држава и на институциите во Бугарија, која настана за време на долгогодишниот мандат на Борисов. Претседателот Радев затоа се обидува да го канализира гневот на луѓето кон неправдата и непостоењето на вистинска правна држава во земјата.
Но, Вие се гледате себеси како централна фигура на протестите. Дали е ова вашиот политички проект и што очекувате во следните осум месеци до парламентарните избори?
Мојот личен политички проект е всушност причината за целиот мој јавен живот во Бугарија. Јас се залагам за вистинска реформа на судството за да може земјата конечно да ги достигне ЕУ-стандардите за демократија и владеење на правото.
Бугарија стана членка на ЕУ во 2007 година само благодарение на компромис и понатаму останува под договорените стандарди. Тоа е мојот политички проект кој може успешно да се спроведе само со широк политички консензус. Ова пред се важи за Државното обвинителство во Бугарија, кое веднаш треба да биде предмет на транспарентна демократска контрола. Тој консензус може да се постигне само на демократски начин: со демократски парламентарни избори.