1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Снимките од спалната соба и тажната вистина за Борисов

18 јуни 2020

Вистината е тажна за Борисов. Компромитирачките материјали што излегуваат сега доаѓаат од луѓе кои се блиски до него - тие не се дело на опозицијата. Коментар на Даниел Смилов.

https://p.dw.com/p/3e02U
Bulgarien Boyko Borissov, Premierminister
Фотографија: BGNES

Утринските брифинзи посветени на кризата со коронавирусот беа дефинитивно засенети од вчерашниот попладневен брифинг на премиерот и неговата армија, која истовремено ја исполнуваше улогата на мизансцен и хор во поткрепа на својот солист. Бојко Борисов беше во право што се налути од протечените фотографии од неговата спална соба: тие се брутален упад во личниот простор и не покренуваат никакви значајни прашања од јавен интерес. Но, дури и со оправдана огорченост тој може да претера - и Борисов херојски се надмина. Неговиот монолог сигурно ќе влезе во театарските учебници, но како пример за техники што студентите треба да ги избегнуваат. Слабостите во изведбата - во која вложи многу чувства и напор - беа следните:

А брифинг за скандалот со Божков?

Премиерот покажа како треба да се дејствува во случај на појава на компромитирачки информациите што влијаат врз угледот на владата. Во крајна линија, „лошиот публицитет“ ја поткопува довербата во владата, така што е потребна брза реакција и јасен став за тоа дали приказната е вистинита или не. И барање за брза истрага за случајот. Од попладневниот брифинг дознавме дека фотографијата е негова, спалната соба е во Бојана, а некој копал по неговото  шкафче. Оваа верзија звучи доволно убедлива, и во секој случај, целиот компромитирачки материјал делува како невкусен обид за заплашување.
Сепак, оваа прецизност на реакцијата на премиерот ја истакнува радикално различната природа на неговите постапки во однос на скандалот со Васил Божков, кој го обвинува Борисов за рекет во вредност од милиони левови (поточно 67 милиони).
За овој случај немаше вонреден брифинг, премиерот не сака да „одговара на обвинувањата“, се колне и се крсти и не инсистира на брза и независна истрага. Како и да е, најзагрижувачко е што во однос на големиот скандал со рекетирањето, Борисов постојано се заплеткува во своите објаснувања (кои, наводно, одбива да ги даде). На пример: на почетокот тој негираше дека комуницирал со Божков затоа што немал кирилица на својот телефон. Сепак, вчера тој објави дека барем дел од СМС пораките постојат, вклучително и оние на кирилица.

„Дронот на претседателот“

Дознавме дека претседателот Радев го следи Борисов со дрон што му го дале  Кинезите. Самиот Радев го пилотирал дронот и со него вртел кругчиња околу спалната соба на премиерот. И без истрага, оваа приказна изгледа апсурдна. Дронот најверојатно е само чад со кој премиерот се обидува да ги пренесе жешките компири во соседниот, претседателски двор. А провладиниот печат веднаш побрза да ја обвини Националната служба за безбедност (НСО) за обид за пуч, токму во периодот кога владата си прави алтернативна служба. Можеби делува  и корисно, но не е многу убедливо.

„Заговорот“

Борисов, слично како и јавниот обвинител Иван Гешев, ги нареди сите противници на власта како соучесници во заговорот да го урнат од власт: од претседателот на државата Радев, преку претседателката на Социјалистичката партија (БСП) Корнелија Нинова до сите други кои му паднаа на памет.
Сите беа повторно претставени како екипа што ја „тресе власта“. Но оваа глупост е веќе навредлива за нацијата: десницата и БСП, претседателот и сите останати наведени се обвинети за извршување политички напад врз невината влада на ГЕРБ (и ДПС). И не е случајно што само ДПС од т.н. опозиција не е спомената меѓу заговорниците.
Вистината е тажна за Борисов. Компромитирачките материјали што излегуваат сега доаѓаат од луѓе кои се блиски до него - тие не се дело на опозицијата.
Точно е дека за Бугарија е од клучно значење да влезе во чекалната на еврозоната во јули. Но, големиот скандал со 700 милиони на Божков, дел од кои  можеби се вратија до власта на еден или друг начин, не е заради еврозоната. Напротив, тој е дел од оваа корупција, која нè спречува не само да бидеме дел од еврозоната, туку и да бидеме пристојна и уредена држава.
На крајот, квалитетот на политичката театралност ќе ја цени електоратот. Но, овој циркус не може да трае до изборите следната година. Неопходно е некои  (институции, а не пророци) да дадат непристрасен, независен и компетентен одговор на клучните прашања.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема