1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избрана новата бугарска влада на чело со Борисов

ЖА
4 мај 2017

Во Бугарија, шест недели по предвремените избори, е избрана новата граѓанско-националистичка влада. Премиер повторно ќе биде Бојко Борисов, лидерот на партијата ГЕРБ. Тој третпат е на оваа функција.

https://p.dw.com/p/2cMBT
Bulgarien Wahlen - Boyko Borisov
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

Конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија,ГЕРБ влезе во коалиција со Обединети патриоти (ОП), потпишувајќи четиригодишен договор со нив, за да избегне нови избори. Бугарскиот парламент го избра шефот на партијата ГЕРБ, Бојко Борисов за нов премиер. За 57-годишниот поранешен премиер гласаа 133 пратеници, 100 пратеници од опозиционите Социјалисти и либералната Партија на Турците ДПС беа против.

Проевропски ориентираната Екатерина Захариева ќе биде министер за надворешни работи и ќе одговара за судските реформи, а националистот Красимир Каракачанов ќе биде министер за одбрана.

Борисов, поранешен пожарникар, карате-борец, телохранител, градоначалник, премиер, добива трет мандат на чело на бугарската влада по промените од 1989 година. Борисов собираше политичко искуство уште во 1990-те години, како телохранител на соборениот комунистички диктатор Тодор Живков и подоцна на екс-кралот Симеон Втори. Својата активна политичка кариера ја почна во 2001 година како министер за внатрешни работи. Својата граѓанска партија ГЕРБ ја формираше во 2006. година. По два предвремено прекинати премиерски мандати, политиколозите го сметаат Борисов за подготвен за дијалог и флексибилен.