1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичките судири во Бугарија предизвикаа протести и револт

Петар Чолаков
14 јули 2020

Бугарскиот претседател и премиерот влегоа во конфронтација, откако владата одби да поднесе оставка по полициската рација во зградата на претседателот. Политичките тензии се излеваат на улиците.

https://p.dw.com/p/3fHIz
Bulgarien Sofia | Demonstration vor Gerichtshof
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Иницијална капсула на протестите што избувнаа низ цела Бугарија во изминатите неколку дена беше една мала плажа на брегот на Црното Море. Христо Иванов, еден од лидерите на малата центристичка политичка партија Демократска Бугарија, се обиде да влезе на јавната плажа на 7 јули.

Тој беше спречен да го стори тоа од страна на припадниците на Националната служба за заштита (НСО). Тие ја чуваа блиската вила на Ахмед Доган, поранешен лидер на партијата Движење за права и слободи (МРФ).

Иванов тврди дека владата на конзервативниот премиер Бојко Борисов му дозволила на Доган да ја преземе јавната плажа, која според бугарскиот устав припаѓа на државата. Тој исто така го обвини Борисов дека му дозволувал на Доган да ги користи услугите на НСО на сметка на бугарските даночни обврзници. Доган моментно не извршува јавна функција.

Претседателот против премиерот

Два дена подоцна, како одговор на обвинувањата на Иванов, бугарскиот претседател Румен Радев - кој победи на изборите поддржан од Бугарската социјалистичка партија (БСП), најголемиот опозициски блок заклучно од 2016 година наваму - ги засили своите критики за кабинетот на Борисов, изјавувајќи дека НСО треба да престане да чува лица како Доган. 

Bulgarien Politiker Hristo Ivanov
Бугарскиот политичар, Христо ИвановФотографија: BGNES

Истиот ден,  обвинители придружувани од силно вооружени полицајци влегоа во зградата на претседателството и уапсија двајца членови на претседателската администрација. Според претседателот Радев и Иванов, постапувањето на генералниот обвинител Иван Гешев при наредувањето на рациите покажува пристрасност и е мотивирано од политичка корист.

Повеќе:

-Бугарија со рози и подароци ги пречека првите странски туристи

-Снимките од спалната соба и тажната вистина за Бојко Борисов

-Бугарија и нејзините проблеми со минатото

Навистина, политички аналитичари, како професорот Евгени Даинов од Новиот бугарски универзитет во Софија, го опишуваат Гешев како фигура блиска до Доган и  до МРФ. Се верува дека Гешев има корист и од премолчената поддршка на партијата на Борисов, ГЕРБ. Постојат индиции дека ГЕРБ и МРФ - наводно опозициска партија - всушност соработуваат за голем број прашања.

Трите влади на ГЕРБ и самиот Борисов - кој во моментов е цел на истрага  на шпанските обвинители за наводно учество во шема за перење пари - се заплеткани во бројни корупциски скандали. Опозицијата смета дека дејствијата преземени од страна на државното обвинителство против бугарскиот претседател е само чадна завеса за да се одвлече вниманието  и критиката на јавноста од проблемите на владата.

Во меѓувреме, претседателот Радев и Иванов побараа оставка и од јавниот обвинител и од владата. Но, премиерот Борисов веднаш го отфрли тоа, велејќи дека останува „непопустлив“ и оти „опозицијата ќе ја растури земјата“.

Bulgarien Sofia | Präsident Rumen Radev & Anhänger
Бугарскиот претседател Румен РадевФотографија: Getty Images/AFP/N. Doychinov

Гневот на јавноста

Иако владата на Борисов стекна зголемена популарност поради справувањето со кризата СОВИД-19, овој нов скандал успеа да ја обедини инаку расцепканата опозиција. Десетици илјади приврзеници на Демократска Бугарија, на претседателот Радев, БСП и на новоформираните политички формации околу шоуменот Слави Трифонов и поранешната правобранителка Маја Манолова маршираат низ улиците на главниот град Софија, од минатата недела во знак на протест против владата.

Бугарија честопати се посочува како пример за заробена држава. Политичарите како Ахмед Доган имаат спорна, дури и сива репутација. Во видео „протечено“ на интернет од 2009 година, Доган славно изјави дека тој, а не парламентот, го одржувал билансот на моќ во Бугарија. „Јас сум инструмент на моќ што ги разделува државните финансии“, тврди тој.

Во саботата Бојко Борисов објави дека НСО ќе престане да врши обезбедување на  Доган и Делјан Пеевски, пратеник од МРФ. Но, протестите продолжија и дури и се проширија во Варна, Пловдив и во други бугарски градови.

Протестите досега се мирни. Сепак, има повремени извештаи за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, што може дополнително да ги влоши социјалните тензии. Малку е веројатно дека протестите ќе се оладат сами од себе: Тие се манифестација на распространетиот гнев кај пошироката јавност и нејзината фрустрација од политичката корупција во целина.

Premierminister Nord-mazedoniens Zoran Zaev und Bulgarische Premierminister Boyko Borisov
Бугарскиот премиер Бојко БорисовФотографија: Cabinet of the President of North Macedonia

Борисов е борец

Со текот на годините, Борисов, поранешен пожарникар и карате шампион, докажа дека е способен за опстанок. Доколку тој може да го искористи своето влијание за да издејствува оставка на генералниот обвинител Гешев, тоа би можело да внесе одреден степен на смиреност во политичката состојба, барем привремено.

Наредните парламентарни избори во Бугарија треба да се одржат во пролетта 2021 година. Според анкетата спроведена пред протестите, партијата ГЕРБ на Борисов е на првото место и на изборите би добила 21,3% од гласовите, БСП 12%, МРФ 5% и Демократска Бугарија 2,4%.

Меѓутоа, Европската комисија процени дека БДП на Бугарија ќе се намали за најмалку 7 проценти  во 2020 година, како резултат на кризата со Ковид-19. Покрај тоа, втор бран на епидемијата може да е на пат да ја зафати Бугарија. Негативната економска перспектива може натамошно да ја дестабилизира владата , и уште повеќе да ја намали поддршка на Борисов.