Нема место за неутралност кон Русија, вели Шуц
25 март 2022Во цивилизирани демократски држави не може да се дискутира дали некој зборува македонски или бугарски, вели Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија. На панел-дебата организирана во Скопје, Шуц и директорката за европска политика во германското МНР, Сабине Штер дискутираа со претставници од политиката, безбедноста, дипломатскиот кор и невладиниот сектор во земјата на тема „Западен Балкан и ЕУ во контекст на новите безбедносно-политички предизвици“.
Двете германски дипломатки изминатите денови престојуваа во Софија каде што со бугарските власти разговарале околу можностите за надминување на спорот кој веќе две години го блокира почетокот на пристапните преговори со ЕУ на Северна Македонија.
„Гледаме дека проблемите кои се отвораат не припаѓаат на Европа во 21 век. Дали зборувате македонски или бугарски јазик, или руски или украински, тоа не е дискурсот кој треба да го имаме во цивилизирани демократски држави“, рече Шуц во Скопје.
Штер вели дека не знае дали владите ќе успеат да најдат решение за спорот, но гледа „позитивни знаци“. Таа го повтори германскиот став дека не може да се дозволи вклучување на идентитетски прашања во Преговарачката рамка.
„Прашањата за идентитетот и историјата не можат да имаат место во преговарачкиот процес во ЕУ“, рече Штер.
Според Шуц, „некои компромиси ќе бидат неопходни“, а тешкото прашање е „колку далеку да се оди со компромисот“.
Попов: Тешки последици од уште едно „Не“ од ЕУ
Државниот секретар во македонското МНР, Зоран Попов вели дека јуни е клучниот месец за аспирациите на земјата за почеток на пристапните преговори со ЕУ. Доколку Северна Македонија добие уште едно „не“ од ЕУ, тој прогнозира тешки последици во земјата и во регионот, особено во светло на актуелната руска агресија во Украина.
Новото одбивање на Северна Македонија ќе доведе до „раст на националистичкиот и проруски наратив“, објаснува Попов.
„Уште едно „не“ ќе предизвика нови разговори за ткн. раздвојување. Ќе се зголеми притисокот Албанија да продолжи сама. Од политички и геостратешки аспект, за процесот на проширување во целина, тоа ќе биде катастрофално и ќе има тешки последици дома.
Полека но сигурно, доколку останеме надвор, проблемот со Бугарија ќе стане нов 'проблем со името', и ќе станеме безбедносен проблем во регионот. Ќе се испровоцира голем судир меѓу евро-атлантската заедница и трети страни и земји кои се подготвени да влезат“, вели Попов.
Дипломатот Попов вели дека Северна Македонија веќе сега е цел на остра дезинформациска кампања од Русија, но смета дека „најлошото допрва ќе дојде“. Целта на оваа кампања, според него, е да се креира „конфузија меѓу обичните граѓаните, да се презентира ЕУ како недоверлив партнер кој не ги исполнува ветувањата.“
Нема место за неутралност
Тој посочи дека во последните 30 години поддршка за ЕУ во земјата секогаш била меѓу 80 и 90 проценти, но сега паднала на рекордно ниски 58 проценти.
„Колку е подалечна перспективата, толку повеќе ќе паѓа поддршката“, вели Попов.
Коментирајќи ги наводите за падот на довербата во ЕУ, германската дипломатка Штер рече дека причина можеби треба да се побара и дома.
„Разочарувањето во ЕУ можеби не е само поради тоа што ЕУ не ги исполнила своите ветувања, туку можеби и затоа што земјата не ги исполнила надежите на своите граѓани“, рече Штер.
Во однос на војната во Украина, Шуц порача дека сите земји од Западниот Балкан ќе мора да се изјаснат на чија страна се.
„Ова е повик за будење и за ЕУ да продолжи поодлучно со проширувањето. Но, исто така, ова е момент за земјите од Западен Балкан да продолжат со реформите, но и навистина да изберат на која страна се. Дали сте за ЕУ или сте за Русија, против ЕУ? Ова е прашање по кое секоја земја мора да одлучи цврсто, како и секој поединец. И сите земји кандидати мора да бидат цврсто со ЕУ, бидејќи во светло на војната не може да има неутралност,“ рече Шуц.
Целата дебата можете да ја проследите на следниот линк: