Нов импулс во односите со Бугарија, провокациите се минато
21 март 2022Шефовите на дипломатиите на Северна Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Теодора Генчовска, во Брисел учествуваа на работниот појадок на министрите за надворешни работи на земјите членки на Европската Унија. Појадокот, кој се одржа на маргините на Советот за надворешни работи на ЕУ, беше организиран под покровителство на министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, а во контекст на севкупната европска перспектива на Западeн Балкан. Веќе в среда, 23 март, се очекува Генчовска да пристигне во дводневна посета на Скопје.
Во пресрет на подолжувањето на политичкиот дијалог на високо ниво, и македонскиот и бугарскиот државен врв денеска порача дека има напредок во односите, а провокациите се сведени на минимум.
„Сметам дека соработката е унапредена во однос на периодот претходно. Исто така, и граѓаните знаат дека при воената агресија која Русија ја изврши врз Украина, при евакуацијата на нашите граѓани кои не ја напуштија земјата на време, во нивното евакуирање голем удел имаше и МНР на Бугарија“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски. Во однос на разговорите кои се водат на ниво на министерства за надворешни работи, Ковачевски вели дека кога ќе има одредени резултати односно документи прифатлив за двете страни, ќе биде споделен и со институциите и со јавноста.
Поединци сакаат односите да бидат лоши
Тој оцени дека односите помеѓу Бугарија и Северна Македонија се унапредени во однос на тоа што беше претходно и нивото на комуникација меѓу официјалните политичари и институции е на ниво на европските вредности, меѓутоа секогаш постојат поединци и групи кои сакаат односите да бидат лоши и чија политичка агенда се заснова на лоши односи со соседите
„Јас сум против тоа, Владата е против тоа, и Владата во Бугарија е против тоа, така што сметам дека соседните држави треба да соработуваат помеѓу себе, а особено оваа криза, оваа воена агресија на Русија врз Украина покажа дека Европа треба да биде обединета и силна, а тоа секако дека прво треба да се направи помеѓу соседните држави“,рече Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со правењето паралели на односот на Русија кон Украина со тој што го има Бугарија кон земјата.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, оценува дека односите со Бугарија се смирени, а провокациите се сведени на минимум.
„Генерално, не постои негативна комуникација помеѓу двете влади. Тоа значи дека новиот пристап даде резултати и дека успеавме да ја нормализираме комуникацијата, за таа да се одвива на повеќе нивоа“, оцени Маричиќ, коментирајќи за односите Скопје – Софија, во гостување во „Утрински брифинг“.
Премиерот на Бугарија, Кирил Петков, во интервју за грчкиот весник „Катимерини“ повторно изрази поддршка за европската перспектива на Северна Македонија, но вели дека е потребно прво да се решат одредени прашања, како што е почитување на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во Уставот.
„Ние сме за европската перспектива на Северна Македонија, како и на Албанија. Но, постојат одредени работи што треба прво да се решат, како што е почитувањето на правата на Бугарите во Северна Македонија, со гаранции во рамките на Уставот. Имаме план и многу добра комуникација со Владата на Северна Македонија и се надеваме дека брзо ќе одиме напред“, рече бугарскиот премиер.
Поддршка од Брисел
Шефот на македонската диломатија, Бујар Османи, кој е во посета на Брисел, соопшти дека во дискусијата на работниот појадок во високи европски претставници преовладувало мислење дека одлуката за одржување на првите меѓувладини конференции и за почнување на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија, за време на француското претседателство со ЕУ, би била правилна и правична работа со многу позитивни ефекти за целиот регион.
Слична порака испрати и високиот комесар на ЕУ за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жосеп Борел на 14 март во Скопје, за време на неговата посета на регионот.
„Не можам да ви ветам датум, но ова е момент за будење на Европа“, рече Борел.