Гир и Бомгартнер: Преговорите со Бугарија се патот до ЕУ
3 март 2022Реформите и преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжат, бидејќи тие се условот за членство во ЕУ. Не треба да се прават споредби на ситуацијата меѓу Русија и Украина, со онаа на Северна Македонија и Бугарија, бидејќи станува збор за крајно различи ситуации. Ова го порачаа денеска евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер.
Според нив, Северна Македонија веќе ги има исполнето условите за отворање на преговорите, така што следниот чекор што треба да се направи е да напредува кон отворање на пристапните преговори. „Сигурно дека Украина нема да го забави тој процес, меѓутоа треба да ги спроведеме реформите, коишто се брзиот пат кон членство во ЕУ. Новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот, особено за Северна Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција, така што тој нов концепт не може да предизвика спротивни ефекти“, велат амбасадорите.
Забрзување на процесот
Одговарајќи на новинарско прашање дали со оглед на новонастанатата ситуација постои размислување да се забрза процесот на пристапување на Северна Македонија и Албанија, и дали се размислува прием на Украина по брза постапка во ЕУ, двајцата велат дека не е можен брз прием на Украина во ЕУ.
„Имаме силен стратешки интерес да ја видиме Северна Македонија членка на ЕУ, но треба да испорачате реформи. И маме силен стратешки интерес да ја видиме оваа земја како земја членка на ЕУ. Тоа веќе беше изразено од страна на сите европски лидери во Брдо и тоа е всушност клучната порака која што ние ја кажавме. Се разбира дека процесот на пристапување треба да биде испорака на реформи. Ова е тековен процес што ќе ја приближи земјата до ЕУ и тоа мора да продолжи“, порачаа Гир и Бомгартнер.
Не се можни споредби
Гир на заедничката прес-конференција рече дека не треба да се прават споредби на условите што ги поставува Русија кон Украина со оние што ги поставува Бугарија кон Македонија во историскиот контекст на дефинирање на нациите.
ЕУ целосно ја отфрлува оваа споредба помеѓу двете ситуации. „Самите дејствија на Русија се широко осудени во Генералното собрание на Обединетите Нации и тоа се две различни ситуации. Целосно отфрлувам правење паралела меѓу односите на Русија и Украина, со оние меѓу Бугарија и Северна Македонија. Во Украина гледаме градови што се бомбардираат од страна на руската армија, имаме напади врз суверена држава чија територија е ставена под прашалник“, вели Гир.
Во билатералните односи меѓу Скопје и Софија има неколку области на спор, но според него, Бугарија беше првата земја која што ја призна независноста на Северна Македонија. Таа прва што го поддржа членството на Северна Македонија во НАТО, а во изминатите неколку дена помага за евакуација на македонски граѓани од Украина.
Францускиот амбасадор Бомгартнер смета дека актуелната состојба покажува уште појасно отколку во минатото дека се наоѓаме во конфронтација на модели и на вредности. Европскиот модел е на неупотреба на сила, затоа што се бара решение преку дијалог и дипломатија.
Тој смета дека треба да продолжат преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија.
„Да ги оставиме тие што преговараат меѓу себе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со највисоко внимание и се подготвени кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес, за да може во најкраток и најбрз можен рок, овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех што сите го посакуваме“, вели Бомгартнер.