1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Османи: Објавата на руската амбасада е непристојна

ДТЗ
7 март 2022

Тој најави консултации по што ќе се донесе одлука за реакцијата на објавата на руската амбасада на социјалните мрежи дека внимателно се евидентираат случаите на русофобија во голем број странски земји.

https://p.dw.com/p/487Ss
Nord-Mazedonien PK Bujar Osmani
Фотографија: Ministry for Foreign Affairs of North Macedonia

„Објавата на руската амбасада е непристојна и е класична закана“, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешниот брифинг за новинарите во Скопје. Тој најави консултации во Министерство за надворешни работи по што ќе се донесе одлука каква ќе биде македонската реакција на вчерашната објава на амбасадата на Русија во Северна Македонија на Твитер дека внимателно се евидентираат случаите на русофобија во голем број странски земји. 

„Оваа објава не е објавена само кај нас, туку и во сите земји во светот, пред се во Европа и ние ја интерпретираме како закана која што е надвор од нормалната дипломатска комуникација меѓу две држави. Имам организирано средба за да одлучиме која ќе биде нашата реакција, за што дополнително ќе информираме“, вели Османи. 

Ваквата изјава следи откако секоја осуда на руската агресија во Украина предизвикува реакции од Москва.  „Обрнуваме големо внимание на невиденото ниво на русофобија забележано во голем број странски земји во позадина на специјалната воена операција во Украина. Предупредуваме дека сите вакви инциденти се внимателно евидентирани“, објави руската амбасада на Твитер.

Листа на непријателски земји

Во меѓувреме Северна Македонија се најде и на листата на земји кои преземаат „непријателски дејствија кон Русија“. Владата на Руската федерација ја одобри листата на странски земји и територии кои преземаат непријателски дејствија кон Русија, нејзините компании и граѓани. На листата со речиси 50 земји се наоѓа и Македонија. 

Според соопштението на руската влада, непријателски земји на Русија се: САД, Канада, Велика Британија (вклучувајќи ги Џерси, Ангвила, Британски Девствени Острови, Гибралтар), сите земји членки на ЕУ, Украина, Сан Марина, Северна Македонија, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Андора, Јужна Кореја, Австралија, Микронезија, Нов Зеланд, Сингапур и Тајван. Земјите споменати на оваа листа наметнаа санкции или се приклучија на санкциите против Русија по почетокот руската инвазија на Украина. Руската влада вели дека руските граѓани и компании, како и руските државни институции кои имаат кредити од компании од земји од оваа листа можат да ги враќаат во рубљи.

Министерот Османи вели дека не биле официјално известени во врска со променетиот став на Руската федерација кон земјата. „Нашиот став кон Русија е познат, ние ќе продолжиме да се придржуваме до сите одлуки на осуда и дефинирање на односот кон Руската федерација, согласно одлуките на ЕУ“, вели Османи.

Нон-пејпер

Шефот на македонската дипломатија најави дека МНР во нон-пејпер предлага иницијатива за засилување на контактите луѓе со луѓе, за да се слушне гласот на разумот против војната. Според МНР, оваа иницијативата се испраќа до земјите членки на ОБСЕ, организација со која Северна Македонија ќе претседава во 2023 година. Според наведеното во нон-пејперот, се предлага општествата во Европа и пошироко да бидат погласни во комуникацијата со нивните колеги во Руската Федерација.