1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Првомајски празници: Прошетка наместо излет со скара

СН/дв
28 април 2020

Традиционалните излети со семејството и пријателите за првомајските празници годинава нема да бидат возможни поради мерките во борбата против Ковид-19. Сепак, за разлика од Велигден сега полицискиот час е далеку поблаг.

https://p.dw.com/p/3bWnn
Nord-Mazedonien Skopje Coronavirus
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според одлуката на македонската влада полицискиот час во земјата за време на првомајските празници ќе започне во 14 часот и ќе трае до 5 часот наутро наредниот ден, одлучи денеска владата во Скопје. Во петок на први, во сабота на втори и во недела на трети мај, на граѓните ќе им биде дозволено да излезат надвор од 5 до 14 часот, со задолжително почитување на мерките за заштита од Ковид-19.

Постарите од 67 години во петок и за време на викендот ќе можат да излегуваат од 5 до 11 часот, а децата и младите до 18 години од 12 до 14 часот. 

Мерките за заштита предвидуваат носење на маска во затворен јавен простор и забрана за собирање повеќе од две лица, освен кога се тоа родители со деца.

Повеќе:

-По Велигденскиот се навестува и првомајски карантин

-Православниот Велигден под диктат на короната

-Најтажниот ден и најдолгиот карантин

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Да потсетиме за време на Велигденските празници, во земјата важеше најдолгиот полициски час досега во корона-кризата. Најдолгото, 85-часовно ограничување на движењето започна во петок во 16 часот а траеше до вторник во 5 часот на целата територија на државата.

Факторот на репродукција под 1

На денешната  редовна онлајн пресконференција, пак министерот за здравство Венко Филипче истакна дека со досегашните мерки е израмнета кривата на епидемијата, со што не е оптоварен здравствениот систем, факторот на репродукција Р генерално во земјата е под 1, дека бројот на случаи со коронавирус е линеарен и секој ден има нов број на оздравени пациенти.

Сепак, министерот Филипче наесен очекува повторен бран на заболени од Ковид-19 кој би можел да биде покомплексен, бидејќи во тој период се очекува и почетокот на сезонските грипови, но додаде и дека системот ќе биде поподготвен за справување со новиот пик.

Преку 70 починати од Ковид-19

Според податоците на министерството за здравство во земјата во последните 24 часа починаа уште 6 пациенти од коронавирус и вкупниот број на починати сега е 71.

Во Инфективната клиника во Скопје починале две лица од Прилеп, 58 и 63 годишни, во болницата 8-ми септември два пациенти од Скопје, на 58 и 75 годишна возраст и една 51-годишна жена од Тетово, и оти е потврдено дека 71-годишна Скопјанка која починала пред 2 дена на Клиниката за онкологија била заразена со Ковид-19.

Денеска се регистрирани 36 пациенти кои оздравеле и вкупната бројка на излечени се искачи на 589.Во претходните 24 часа се направени 362 теста и се потврдени 22 нови случаи, и со тоа бројот на дијагностицирани се искачи на 1.421, од кои 761 случаи се активни.