Послушните ќе го уништат светот
1 март 2022„Можно е, па дури и веројатно, дека човечкиот род ќе ја уништи цивилизацијата, а можеби и целиот живот на земјата, во следните пет до десет години. Нема никаква рационалност ниту пак смисла во сето тоа. Но, факт е дека денес, додека од технички аспект живееме во атомско доба, повеќето луѓе - вклучувајќи го најголемиот дел од оние кои се на власт – емотивно сè уште живеат во камено доба; додека нашата математика, астрономија и природните науки му припаѓаат на дваесеттиот век, повеќето од нашите идеи за политиката, државата и општеството далеку заостануваат зад векот на науката.
Доколку човештвото изврши самоубиство, тоа ќе биде затоа што луѓето ќе ги послушаат оние што ќе им наредат да ги притиснат смртоносните копчиња; затоа што ќе ги послушаат архаичните страсти на стравот, омразата и алчноста; затоа што ќе ги послушаат застарените клишеа на државниот суверенитет и националната чест. Советските раководители многу зборуваат за револуции, а ние во ‘слободниот свет' многу зборуваме за слободата. Сепак, и тие и ние ја обесхрабруваме непослушноста - во Советскиот Сојуз отворено и со сила, а во слободниот свет прикриено и со многу посуптилни методи на убедување.“
Дали големиот германски и светски хуманистички филозоф и психоаналитичар Ерих Фром во својот есеј за непослушноста и послушноста згрешил само во годините кога послушните ќе ги притиснат копчињата за нуклерна војна и уништување на светот, или и во 21 век оваа опасност се уште не е надмината. Досега светот беше неколку пати на работ послушните да ги притиснат копчињата за уништување на човештвото по наредба на заробените умови. Деновиве светот повторно се тресе во страв од нуклеарна војна по закана на рускиот претседател Владимир Путин, нападнат од одамна откриената дијагноза на Ерих Фром за опседнатоста од голема револуција, од нов светски поредок, од одбрана на националната чест и државен суверинитет на обнова на советската империја.
Како се оправдува воената агресија на Украина
Погледнете го овој многу препознатлив јазик и за нас во Северна Македонија, што деновиве осамна во неколку руски медиуми под контрола на државната пропагандна машина, со кој се оправдува и објаснува воената агресија врз Украина и се велича храброста на Путин да го направи тоа што морало одамна – враќањето на Русија во својата „историска големина“. Русија ја враќа својата историска полнота, го собира рускиот свет, рускиот народ заедно – во сета своја севкупност на Великоруси, Белоруси и мали Руси– Украинци, е главното мото на текстот, во кој се тврди дека Путин победува, а Украина е вратена таму каде што ѝ е место, како дел од Русија и од рускиот народ.
„Прв секогаш би бил комплексот на поделен народ, комплексот на национално понижување – кога руската куќа прво изгуби дел од својот темел (Киев), а потоа беше принудена да се помири со постоењето на две држави и, не еден, туку два народа“, стои во текстот на Пјотр Акопов, едно од првите прокремаљски пера, преку кој се гледа колку актуелниот политички врв во Москва нема контакт со реалноста. Еве само еден мал цитат од текстот што вчера го објави порталот nezavisen.mk:
„Пред нашите очи се раѓа нов свет. Воената операција на Русија во Украина доведе до нова ера – и тоа во три димензии одеднаш. И, се разбира, во четвртата, внатрешно руска. Започнува нов период, и во идеологијата и во самиот модел на нашиот социо-економски систем.
Русија го враќа своето единство – надмината е трагедијата од 1991 година, оваа страшна катастрофа во нашата историја, нејзината неприродна дислокација. Да, по голема цена, да, преку трагичните настани на виртуелната граѓанска војна, затоа што сега браќата, разделени по припадност на руската и украинската армија, сè уште пукаат еден во друг. Но, повеќе нема да има Украина како анти-Русија. Русија ја враќа својата историска полнота, го собира рускиот свет, рускиот народ заедно – во сета своја севкупност на Великоруси, Белоруси и мали Руси. Ако го пропуштевме ова, ако дозволевме привремената поделба да завладее со векови, тогаш не само што ќе го предадевме споменот на нашите предци, туку и ќе бевме проколнати од нашите потомци, затоа што дозволивме распаѓање на руската земја..."
Големата заблуда на панславизмот
Ете ова е оправдувањето да тргнат илјадници тенкови, авиони, хеликоптери, воени бродови, подморници кон Украина и не само кон Украина. Русија со закана за употреба и на најмоќното оружје, читај нуклеарно, ја обновува империјата, го обележува рускиот свет, навестува револуција и нов светски поредок.
Ова е најголемиот доказ за големата заблуда за панславизмот што со векови грее многу срца и на Балканот, дека мајка Русија е нашиот спасител од сите несреќи и ослободител од сите ропства. Па нели и Украинците се Словени, браќа Руси, со исти корени, исти јазик, заедничка култура и историја. Панславизмот, или големата словенска држава е пропагнда градена врз маката и страдањата на словенските народи кои таа помош никогаш не ја добиле, а и кога ја добиле скапо ја платиле.
Добро е што овојпат во Северна Македонија конечно релевантните политички партии кои за ништо не можат да изградат заеднички став, сега соочени со опасноста и последиците од воената криза најдоа заеднички јазик да ја осудат агресијата на Русија врз Украина. Оваа војна и инвазија врз Украина веројатно олади некои жешки глави кои во членство во НАТО гледаа злосторничко здружение и загроза на суверенитетот на Северна Македонија.
Други колумни од авторот:
Единство бараат оние кои ги сеат поделбите и омразата
Во еден од предвоените говори на претседателот Путин не случајно се спомнати Северна Македонија и Црна Гора како опасност за Русија, бидејќи станале членки на НАТО. Каква опасност можат да бидат Северна Македонија и Црна Гора за моќната супер сила Русија е непристојно да се објаснува. Пораката е во тоа дека Русија и Путин сметаат дека ова се држави кои не можат да бидат во сојуз со западниот свет, па затоа од поодамна нѐ предупредија дека сме на „линија на огнот“ со членството во НАТО. И покрај овие закани, денес во Северна Македонија и во целиот таканаречен западан Балкан се уште има заробеници на идеите за пансловенската голема држава и за спасителот Русија. Тука уште се навива како на фудбалски стадиони за Русија и за Америка. Се пребројуваат нуклеарните глави, кој колку пати може да го уништи светот, кој е посилен и кој е поправеден, каде треба ние да припаѓаме и со кого треба да бидеме сојузници.
И по оваа војна големите сили ќе седнат на заедничка маса да ги донесат „конечните“ одлуки со довидување во следната војна. Е, тие одлуки, попрецизно кажано поделбата на сфери на влијанија, се најголемата опасност за малите држави кои историјата во вакви случаи ги нарекува монети за поткусурување. Америка и Европската унија ова ќе мора да го имаат предвид и да ги забрзаат интегративните процеси со политички одлуки за членството на Украина и на земјите од западен Балкан во европското семејство. Тоа еднаш Европа го направи со прием на повеќе членки од земјите зад Железната завеса иако не ги исполнуваа условите, сега е време за вториот бран на европеизација. Со инвазијата на Русија врз Украина и со заканите кон Западен Балкан се докажа дека сепак тоа не биле избрзани и неправедни одлуки.
Други колумни од авторот: Кројачницата на Мицкоски за брзи избори
Северна Македонија е соочена со најголемиот проблем како да излезе со што помалку штета од оваа воена криза и од санкците кои ќе траат повеќе години и по завршување на војната. Време е кога треба да превладеат државните интереси и конечно да се сфати дека преговорите со ЕУ не се надворешно политичко прашање, туку исклучиво внатрешно економско политичка стратегиска одредница за иднината, бебедноста и непречениот развој на државата. Останува да се надеваме дека првичната реакција на партиските лидери на релевантните партии со заеднички став за најгорливиот проблем со кој е соочена земјата и светот, ќе ги стават настрана популистичките примитивни пропаганди во битките за превласт и за ревизиите на договорите со соседите, кои не водат во Европа и кои сега и со војната ја докажуваат целата своја оправданост.