Урбанович: Милиони солзи се ронат поради политиката на Путин
25 февруари 2022Има 34 години. Пред 8 години поради бизнис-проект дошол во Скопје и останал до денес. Од пред четири години е претседател Здружението на Украинците во РСМ, „Лесја Украинка“. Пред една недела ова здружение заедно со дипломатите од украинската амбасада кај споменикот на Тарас Шевченко во Скопје одржаа заедничка акција #StandWithUkraine. Целта беше да се демонстрира сплотеноста и единството на Украинците ширум светот, а беше испратено и отворено писмо до македонската Влада со апел да се преземат сите можни мерки за да се покаже единството на Северна Македонија со украинскиот народ, да се поддржи правото на избор на секоја нација да ја одбере сопствената иднина и да одлучува за сопствената судбина. Само една недела подоцна, со Олександр Урбанович, разговараме во сосема поинакви околности - денот на рускиот напад на Украина.
„Јас сум благодарен на македонскиот државен врв за изјавената поддршка на Украина и за осудата на руската агресија врз Украина. Многу ни значи. Со таква поддршка знам дека не сме сами во оваа војна со Русија, која со нејзините постапки ја загрозува безбедноста не само на територијалната целовитост и независност на Украина, туку се јавува како вистинска закана за мирот во целиот цивилизиран свет. Вчера многу луѓе од Македонија ми испратија пораки со поддршка за украинскиот народ и јас сум им многу благодарен за тоа“, вели Олександр.
Да ја одбраниме земјата
Вчерашниот ден (24.02) ги разбуди лошите сеќавања на руската анексија на Крим во 2014 година, и војната која однесе повеќе од 14.000 украински животи. И денес Украинците во РСМ во мислите се со нивните сонародници. Ги следат вестите од Украина, комуницираат со нивните блиски...
„Искрено се надеваме на брза победа во оваа војна. Веруваме дека нашите сојузници ќе ја поддржат Украина со оружје и со санкции врз Русија, за да ја одбраниме нашата земја и да се врати мирот на целата територија на Украина“, вели Олександр.
Тој не верува дека во оваа фаза дипломатијата може да даде резултат.
„За договор се потребни двајца. Нашиот претседател јавно кажа дека го побарал Путин, но тој не му се јавувал. Следниот ден Русија ја нападна Украина. Кога Путин ќе разбере дека не може со сила да ја земе Украина, тогаш веројатно повторно ќе премине на дипломатија. Но, завчерашната ноќ ја урна последната надеж дека тензиите можат да се деескалираат. Беа нападнати сите големи градови низ целата територија на Украина, со тешка авијација и ракети. Луѓето се под голем стрес и неизвесност. Тоа не е паника, туку загриженост“, раскажува тој.
Во Украина има роднини и пријатели, и контактира со нив. Вели дека сите кои биле во можност се пријавиле во војска за да ги бранат нивните градови.
„Комуницираме нормално. Има струја, има интернет. Мојот кум вчера се пријави во војска. Семејството му останува таму. Не бегаат. Но, секако, луѓето се исплашени затоа што може да биде бомбардирано цивилното население кое сака мирно да живее во независна држава и да оди по својот пат. За жал, во 21. век има политики кои мислат дека со сила може да им наредуваат на другите што да прават. Нѐ боли и ќе ги боли сите поколенија кои ќе загубат свои блиски во оваа војна. Ќе останат мајки без синови, деца без татковци. Милиони солзи се ронат во Украина поради глупавата политика на Путин“, вели Олександр.
Болно сеќавање
Желбата на Украинците за нивно диференцирање и дистанцирање од Русија има долга историја, а еден од настаните кои тлеат во нивната меморија е страшниот гладомор. Од 1998 година, во последната сабота во ноември во Украина се одбележува Денот на сеќавање на токму на жртвите на големиот глад - Гладомор (Холодомор). Станува збор за големиот прогон, репресија и присилна колективизација со конфискување на имотот на украинските селани од страна на комунистичките власти во текот на 1932 и 1933 година, од чии последици починале најмалку 3,9 милиони луѓе во Украина. Гладомор владеел и во други области на Советскиот Сојуз, но од него најмногу настрадале Украинците. За илустрација, во советска Русија жртви на гладоморот биле шест отсто од населението на еден отсто од територијата, додека во Украина настрадало дури 41 отсто од населението на 34 отсто од територијата. Врховното собрание во Украина во 2006 година го прогласи гладоморот за акт на геноцид врз украинскиот народ, а неговото јавно негирање го смета за противправен акт. Во резолуција на Европскиот парламент од 2008 година, гладоморот е наречен „ужасно злосторство против народот на Украина и човечноста“. Многу земји го признаа гладоморот како геноцид над Украинците, а дел го осудија како чин против човечноста.
- повеќе: Путин ја добива битката, но најверојатно ќе ја загуби војната!
„Тоа е геноцид врз украинскот народ извршен од Сталин. Украинците се бореле земјата да биде независна, а не во рамките на Советскиот сојуз. Украина е голема житница. Имала и жито и леб, и стока. По наредба на Сталин војниците сето тоа им го одземале на луѓето. Имало дури и случаи кога мајките морале да си ги убиваат децата за да не страдаат повеќе, затоа што веќе немале со што да ги хранат. Украинците ништо убаво не видоа од Советиот сојуз. Украина сакала да биде независна уште од времињата на Козаците, а тоа е многу поодамна од страшниот гладомор. Времињата се менуваат, непријателот останува ист. За жал, нерешениот проблем со Русија нѐ следи низ целата историја и ако не се среди сега, пак ќе се појави“, вели Урбанович.
Денес во Република Северна Македонија живеат околу 500 Украинци. Обединети се во Здружението што го носи името „Лесја Украинка“, според псевдонимот на големата украинска писателка Лариса Петровна Косач (1871 -1913), родена токму на денешен ден, 25-ти февруари. Го прашавме Олександр, со кои нејзини стихови може да опише како се чувствува украинскиот народ денес. Тој избра неколку стихови од песната „Contra spem spero!“, и ни ги преведе на македонски јазик:
Така! Јас ќе се смеам преку солзи,
И сред беда ќе пеам песни,
Без надеж ќе се надевам,
Ќе живеам! Мрш на тажните мисли!