Попуст за Турција поради бегалците?
3 мај 2016До наредната среда Турција, всушност, би морала да ги исполни сите 72 услова кои од неа ги бара ЕУ за граѓаните на оваа земја од летово да можат да патуваат во ЕУ без виза. Имено, во среда Европската комисија ќе соопшти дали препорачува укинување на визите. Сепак до наредниот викенд Анкара, според наводите на Комисијата, исполнила само 62 критериума.
Што да се стори? Ако Комисијата инсистира на исполнување на сите критериуми до среда тогаш укинувањето на визите, всушност, би морало да биде поместено. А тогаш, како што се закани турската влада, Анкара би можела повторно да дозволи непречен проток на мигранти во Грција или да одбие да ги прими оние бегалци кои се вратени од европските земји што за европските влади е најлошо можно сценарио. Додуша, прашањето за укинување на визите формално нема никаква врска со прашањето за бегалците. Но Турција сама се погрижи за тоа двете работи да бидат поврзани за да го зголеми притисокот врз Брисел.
Турција е во подобра позиција
Јанис Еманулидис од бриселскиот тинк-тенк Центар за европска политика верува „оти Комисијата ќе даде препорака“. Тој вели дека, за да го спаси образот, Комисијата на пример би можела на Анкара да ѝ одобри продолжување на рокот до првата половина на јуни за исполнување на сите услови за потоа укинувањето на визите да може да стапи во сила на крајот на јуни. „Се сака неизбежно да се продолжи бидејќи е познато колку визната либерализација е важна за договорот помеѓу ЕУ и Турција по прашањето за бегалците“, вели Еманулидис за ДВ.
Но критичарите стравуваат оти Комисијата би можела да направи не само временски, туку и содржински отстапки. Додуша, Франс Тимерманс, заменик претседател на Комисијата, го кажа следното: „Нема да играме со нашите критериуми. Тие се јасни.“ Сепак, на пример, холандската пратеничка од редовите на Либералите во Европскиот парламент, Софи Валд, е „љубопитна дали Комисијата напредокот на Турција, кога станува збор за укинување на визите, навистина ќе го вреднува толку строго како што тоа го најави Тимерманс“. И други критичари постојано предупредуваат на тоа дека би можело да дојде до „попуштања“ за Анкара и тоа поради слабоста на ЕУ.
Но Европејците имаат и други стравови. Бројни влади предупредија од конфликтот со Курдите и изразија загриженост дека наместо баратели на азил од Блискиот исток сега, благодарејќи на визната либерализација, истотака би можеле да дојдат голем број турски Курди во земјите во ЕУ и таму да бараат азил.
Да се повлече кочница во случај на злоупотреба
Во пратеничката група на конзервативците во Европскот парламент поради тоа силно се залагаат за постоење на „безбедносна кочница“. Шефот на пратеничката група Манфред Вебер за „Пасауер нојен пресе“ рече: „Ја сакаме Турција како партнер, но не сме наивни.“ Ако Турција долгорочно не ги исполни критериумите „тогаш визната либерализација мора да биде укината“.
Владите на Германија и на Франција истотака инсистираа на тоа правилата за ослободување од виза да можат да се укинат. Притоа, „безбедносна сопирачка“ постои веќе сега, но не само за Турција, туку и за сите договори од тој вид. Во случај на Турција визната либерализација би можела да биде укината на 6 месеци или подолго. Тоа би требало да биде можно доколку значително се зголеми бројот на турски граѓани, кои патуваат во ЕУ, но не сакаат да се вратат во Турција. „Безбедносната сопирачка“ истотака би требало да биде употребена ако се зголем брјот на баратели на азил со мали изгледи за успех или ако Турција одбие да ги прифати странските државјани чие барање за азил е одбиено во европските земји. Доколку биде исполнет само еден од критериумите европската страна може да го укине безвизниот режим за турските граѓани. Берлин и Париз, меѓутоа, сакаат овој механизам да може да се употреби побрзо и полесно.
Јанис Еманулидис не верува оти поради одобрување на визната либерализација кај турските граѓни би можело да дојде до сличен бегалски бран како во 2015. година: „Нешто слично нема да се случи“. Додуша, Турците со Договорот за бегалци добија „посилна позиција отколку во минатото“ и би можеле да вршат притисок, предупредува Еманулидис.Но, како што вели тој, на Анкара истотака ѝ е потребна ЕУ, економски и политички. „Турција во моментов плови низ бурни води и поради тоа ѝ се потребни политички пријатели во ЕУ.“