1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

За и против визна либерализација за турските граѓани

Настасја Штраухлер/сн9 април 2016

За помошта во справувањето со бегалската криза, Турција од ЕУ треба да добие укинување на визниот режим за нејзините граѓани при нивното патување во земјите од Шенген-зоната. Какви се ризиците и што би значело тоа?

https://p.dw.com/p/1IGus
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Spata

Изводи од банкарска сметка, доказ за финансиски примања, извештај за плаќање данок, договор за живеалиште, изводи од катастар, здравствено осигурување, доказ за патување назад. Сето ова му е потребно на оној кој сака да патува во земјите од Шенген-зоната и за таа цел поднесува барање за издавање виза. Со други зборови, едно лице за да добие виза мора да дозволи приватниот живот да му биде ставен под лупа.

Од 1980. година овие и дополнителни обврски за визи важат за турските граѓани. Подносителите на барање за виза процедурата ја опишуваат како понижувачка и многу скапа. Веста за постигнување договор меѓу ЕУ и Анкара израдува многу Турци. Сега можат да се надеваат оти од крајот на јуни ќе можат без виза да патуваат во вкупно 26 земји во Шенген-зоната.

За владата во Анкара ова е една од најважните политички цели. Премиерот Ахмет Давутоглу неодамна во парламентот рече: „Ова е сон на нашите граѓани кој е стар 50, 60 години.“

Brüssel EU-Gipfel - Türkischer Premierminister Ahmet Davutoglu
Фотографија: The European Union

Визна либерализација: 90 дена престој на просторот на Шенген зоната

Многу работи зборуваат дека бирократските пречки ќе бидат укинати. Многу повеќе од 90 насто од Турците, кои поднесуваат барање во германските конзулати во Анкара, Истанбул и во Измир, добиваат виза. Процесот на обработка само во конзулатот во Истанбул се одвива на 30 места.

Поради тоа, за залагачите за либерализација на визниот режим овој чекор е само логичен редослед. И онака притоа станува збор за визи за кус временски период. Така, Турците смеат да се задржат максимално 90 дена во временски период од 180 дена на просторот во Шенген-зоната.

Стравувањата дека Турците поради визната либерализација би можеле масовно да навалат на пазарот на труд во ЕУ или на социјалните системи не се оправдани. Тоа го потврдува и Ѓокај Софуоглу, претседател на Турската заедница во Германија. „Германија не е привлечна, Турција во моментов нуди доволно економска перспектива“, вели Софуоглу.

Борба против корупција за визна либерализација

Во предлог-соопштението по последниот самит во Брисел се наведува дека укинувањето на визите како цел е одредено „најдоцна до крајот на јуни 2016. година“. Сепак, Турција за таа цел мора да исполни 72 услови. Меѓу останатото, мора да ги прилагоди своите системи за заштита на податоци и правила на издавање пасоши според стандардите на ЕУ. Но тука е и условот за соработка со соседите Бугарија и Кипар.

Експертите како Алпер Еџевит од Катедрата за односи со ЕУ на истанбулскиот универзитет Бахчешехир поради тоа сметаат дека овој термин е илузорен. Во едно интервју за Дојчландфунк Еџевит изнесе сомневање оти ќе стане збор и за внатрешнополитичките проблеми, како борбата против корупцијата и организираниот криминал. „Секој, кој ја познава Турција, знае дека тоа не може да се реши сега, во рок од 3 месеци“, вели Еџевит.

Токму поради стравот од таквите интерни проблеми на Турција скептиците, како баварскиот премиер Хорст Зехофер, одбиваат целосна визна либерализација за Турција. Ако ја прифаќаат тогаш таа се однесува само на претставниците на турската економија. Зехофер како конкретна причина го наведува конфликтот со Курдите: Додека во бегалската криза се дискутира пред сѐ за Сиријците, можниот прилив курдски бегалци добива помалку внимание. Според информациите од владата, конфликтот кој ескалира на југоистокот на Турција веќе принудил на бегство над 350.000 луѓе.

Türkei Konflikt und Gewalt in Diyarbakir
Фотографија: Reuters/S. Kayar

Голем број луѓе бараат засолниште во Турција. Сепак, без обврзувачките визи тие би можеле да допатуваат во Шенген-зоната како туристи и потоа да побараат азил. Во едно интервју за АРД шефот на прокурдската партија ХДП, Селахатин Демирташ, предупреди на тоа дека луѓето- доколку продолжи војната- и натаму ќе бегаат. „И во Европа и во Германија“, рече тој.

Терористи со туристичка виза

Слободен премин за терористите би можел да биде консеквенца од визната либерализација. Од тоа стравуваат и противниците на визните олеснувања. И тоа во момент кога ескалира насилството во Турција. Бомбашите самоубијци во двата последни напади во Анкара беа турски граѓани. Со новите планови за визна либерализација би можеле без проблем да патуваат во ЕУ.

Европската комисија кон крајот на април би требало да ги претстави предлозите за тоа дали Турција ги исполнила неопходните барања за визна либерализација.