Европскиот валкан и опасен пакт со Турција
19 март 2016Договорот со Анкара е еден вид политички успех за германската канцеларка. Тој внатрешнополитички ѝ отвора простор за дејствување и истовремено ја обединува ЕУ. Рејтингот на Меркел во истражувањата на јавното мислење повторно се зголеми и таа може да ги одбие нападите кои доаѓаат од десниот табор со укажувањето дека приливот на бегалци во Германија е ефективно запрен. Освен тоа, Меркел ќе добие на углед и во Европа, затоа што можеше да го спаси единството во Унијата.
Висока цена
Но, каква цена плаќа Европа за оваа трговија со човечки животи?! Одговорноста за заштита на мнозинството бегалци од Блискиот и Средниот Исток едноставно ѝ се префрла на Турција. Тоа е политички „аутсорсинг“ од најлош вид. На хартија претседателот Ердоган ќе се обврзе дека ќе ги исполнува меѓународните обврски и дека ќе ги признае правата на бегалците согласно Женевската конвенција. Но, од кога автократот во Анкара си ги одржува ветувањата?
ЕУ, меѓутоа, нема да има политички лост кој би го употребила против него ако тој почне да протерува луѓе назад во Сирија или во Ирак, иако тоа е експлицитно забрането. Истото важи и ако ги остави да питаат и да гладуваат на улиците на Измир или Истанбул. Штом ќе биде исполнета најитната желба на Турција - либерализацијата на визниот режим - Европејците ќе станат само гледачи на оваа драма.
Дали е тоа нова претерана реалполитика?
Тие тогаш ќе можат можеби сѐ уште да ја критикуваат турската влада, да ја потсетуваат на договореното, но султанот Ердоган тоа ќе може да го игнорира со насмевка. Исто како што ги игнорира сите опомени дека треба да ги почитува слободата на печатот и правата на опозицијата или дека повторно треба да почне разговори за мир со Курдите.
Европа ја предава својата надлежност за фундаменталните права на бегалците во рацете на Турција. А, тоа ќе ја чини веродостојност и меѓународен углед. Како ЕУ во иднина ќе може да ги потсетува автократите и диктаторите во овој свет на почитување на човековите права, ако самата пружа толку очајна слика и станува толку подложна на напади?
Европската унија ќе загуби две од нејзините највредни добра: „soft power“ и веродостојност. А, причината за овој очаен спектакл е неспособноста да се надминат националните егоизми и стравот од популистичката десница. Ако е тоа нова претерана реалполитика, која во случај на нужда не се стеснува да склучи пакт и со ѓаволот, тогаш е тоа сила која уништува сѐ што треба да се зачува.
Задачата исполнета?
Претседателот Ердоган со овој договор добива политичко признание за својот антидемократски курс. Тој својата земја сѐ повеќе ја оддалечува од Европа, а сепак може да се радува на блефирањето околу повторен почеток на преговорите за приклучување. Неговиот пат кон целосна диктатура тешко ќе може да се запре, барем не од страна на ЕУ.
Европа, од друга страна, се претвора во тврдина која е недостижна за многу бегалци. Некој ќе рече дека со тоа е исполнета задачата на дел од шефовите на влади на ЕУ, Друг, пак, ќе се жали на губењето на човечноста и фундаменталните права. Покрај практичните проблеми при примената на овој договор и неговата правна ранливост: слики од сириски бегалци кои заглавиле во пограничниот регион кон Турција, или на Ирачани и Авганистанци кои попусто бараат заштита, ќе нѐ следат и натаму. Критиката на организациите за човекови права останува: овој пакт е опасен, илегален и нечовечки.