1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

Пет години по „Шарли Ебдо“-хуморот на некои им е сомнителен

Сузане Кордс
7 јануари 2020

Пет години по исламистичкиот напад врз парискиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“, класичната новинска карикатура е „загрозен вид“, велат експертите. И тоа не само во Франција.

https://p.dw.com/p/3Vq0n
Karikatur von Guillaume Doizy
Фотографија: Guillaume Doizy

Седми јануари 2015 година за членовите на редакцијата на парискиот сатиричен магазин „Шарли Ебдо“ прво се чинеше како и секој друг ден. Собраните на редакциски состанок дискутираа за можни теми, на масата стоеше колач - на еден од илустраторите му беше роденден. Но, околу 11:30, во редакцијата одеднаш упаѓаат двајца мажи и отвораат оган. Во дождот куршуми истурен од двата Калашникова загинаа единаесет луѓе. Потоа убијците истрчуваат на улица, викајќи: „Алах е голем. Го убивме Шарли Ебдо. Го одмаздивме пророкот Мохамед!“

Цел на нападот извршен од браќата Шериф и Саид Куачи, дотогаш само ситни криминалци во париските предградија, беше магазинот кој се осуди да објави карикатури на пророкот Мохамед. 

„Je suis Charlie"

По нападот, во светот се појави бран на солидарност. Слоганот „Јас сум Шарли“ беше присутен на сите страни. Неколку дена по масакрот во Франција, повеќе од еден милион луѓе излегоа на улици за да упатат порака против тероризмот и за слобода на мислење. Во Париз тогашниот претседател Франсоа Оланд беше на чело на поворката на шефови на држави и влади од цел свет.

Trauermarsch in Paris 11.1.2015
Меѓународна солидарност по нападот врз „Шарли Ебдо“Фотографија: Reuters/Wojazer

„Војници на бојно поле“

Меѓу карикатуристите завладеа запрепастеност. Чувствуваа потиштеност и тага поради колегите, но и гнев, се присетува берлинскиот карикатурист Бернд Поленц. Како основач на порталот „tunpul", збир од околу 300.000 стрипови на 2.500 уметници од цел свет, тој одржува тесни контакти со карикатуристи од цел свет.

„По атентатот, меѓу илустраторите настапи парализирачки шок, чувство дека станаа личности во војната меѓу два непомирливи света“, вели тој за Дојче веле. „Нивниот медиум за не мал број карикатуристи доби значење на оружје, уметниците се гледаа себеси како војници на бојно поле“. И покрај тоа, речиси сите карикатуристи по неколку недели се вратија кон „дневен ред“, без какви било цензорски „ножици во главата“.

Салман Ружди - жртва на фатва

Слично мислење има и Французинот Гијом Дози, кој интензивно се занимава со историјата на новински илустрации. „Постоеше намера да се воспостави противтежа на нападите врз слободата на мислење“, вели тој.

Но, нападите почнаа многу порано. Повод за прв конфликт од светски размери беше романот на Салман Ружди „Сатански стихови“. Тој предизвика многу протести и насилство кај муслиманите. Иранскиот верски водач, ајатолахот Хомеини, фрли фатва врз Ружди и го осуди писателот на смрт, со образложение дека неговата книга е „насочена против исламот, пророкот и Куранот.“

Карикатурите на Мохамед во Данска предизвикаа скандал

Кога станува збор за карикатури, меѓународен скандал се случи кога данскиот весник „Јиландс постен“ објави дванаесет карикатури на пророкот Мохамед, кои подоцна беа испечатени и во Норвешка. Двајца карикатуристи поради закани со смрт мораа да се повлечат од јавноста.

Данскиот премиер Андерс Фог Расмусен застана на страната на новинарите и го одби барањето на амбасадорите на 11 исламски земји за заеднички разговор. Разгневените муслимани се закануваа со напади врз данските и норвешки амбасади во своите земји.

Во 2008 година данските органи за безбедност открија планови за убиство на Курт Вестегард, еден од карикатуристите кој го црташе пророкот Мохамед. Две години подоцна тој за влакно избегна напад кој му се припишува на еден исламист.

„Се` е простено“

Гијом Дози за Дојче веле нагласува дека со карикатурите на сметка на религијата може да се насмеат и најголем број муслимани, а ако поради нив се возбудат, тоа изгледа како и кај христијаните или будистите при сатирично претставување на нивната вера. „Но, секогаш постои мала група која користи таков повод да промовира своја слика на светот и да манипулира со луѓето“, вели тој, додавајќи дека во тој случај е потребно само покажување јасен став и продолжување со работа. 

Proteste gegen Charlie Hebdo Karikaturen in Peschawar Pakistan 16.01.2015
Протести во исламските земји поради карикатури на пророкот МохамедФотографија: AFP/Getty Images/A Majeed

И преживеаните уредници од „Шарли Ебдо“ една недела по нападот објавија ново издание на магазинот. На насловната страница беше нацртан пророкот Мохамед со транспарент во рацете на кој стоеше: „Je suis Charlie“, а над главата му беше напишано: „Се` е простено“.

50-ти роденден со полициска заштита

Тиражот на сатиричниот магазин, кој пред 7. јануари беше главно лектира на мал број луѓе, привремено порасна на неколку милиони примероци. Се појави и германско издание кое веќе не се печати, а продажбата повторно се намали. Хуморот на многумина им е сомнителен и тоа не важи само за исламистите, изјави Рис, цртач чие вистинско име е Лоран Сурисо. Тој го преживеа атентатот и моментно е главен уредник на публикацијата која во 2020 година слави 50 години постоење - роденденот ќе биде прославен на тајно место и под полициска заштита. Рис вели дека сатирата била и останува - борба.

Повеќе на темата: 

Една година по „Шарли Ебдо“ - ништо не е исто

Сите ние сме Франција!

Исламистите против слободата на мислењето... кулминација

Нападот во Париз е и напад врз духот на толеранција

Уште за време на буката која се крена околу данските карикатури, а посебно по нападот врз „Шарли Ебдо“, сатиричните магазини се најдоа во фокусот на јавноста, вели Гијом Дози, според кого секој премногу критички магазин може да предизвика врева.

Карикатурите во весниците - надминат модел?

„За новинските цртежи стигнаа лоши времиња, а посебно 2019 беше црна година“, истакнува Клер Карар, претседателка на здружението „Карикатури за мир“. Таа потсетува дека реномираниот „Њујорк тајмс“ од средината на 2019 година во своето меѓународно издание веќе не објавува карикатури - откако една карикатура беше прогласена за антисемитска. На неа се гледа претседателот Доналд Трамп со еврејска кипа на глава, како израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го води врзан како некое куче.

За Гијом Дози, причината поради која „Њујорк тајмс“ престана да печати карикатури не е само од содржинска природа. Според него, новинската карикатура е жанр во изумирање: „Новинскиот цртеж беше актуелен во 19 и 20 век, денес луѓето сакаат да гледаат фотографии и видео-снимки.“

Така погледнато, имаат ли карикатурите иднина? Да, вели Бернд Поленц. Цртачите ја користат својата способност да презентираат уметност за најактуелните теми, се` повеќе се собираат во уметнички центри, галерии и музеи: „Во тоа карикатуристите се многу креативни“.