Една година по „Шарли Ебдо“ - ништо не е исто
7 јануари 2016За Мариз Волински на 7 јануари животот ја загуби леснотијата. На овој ден терористите убија 12 луѓе од сатиричниот магазин „Шарли Ебдо“. Меѓу нив беше и нејзиниот сопруг Жорж Волински, еден од основачите и карикатурист во „Шарли Ебдо“.
„Кратко пред нападот, мојот маж често зборуваше за смртта. Се чини, имаше некое претчувство. Јас не знаев дека има толку смртни закани против ’Шарли Ебдо’. Ако го знаев тоа, ќе му речев да не оди во редакцијата. Можеше едноставно да ги испраќа карикатурите по електронска пошта, па на тој ден немаше да биде таму,“ вели Мариз Волински, вдовица на карикатуристот Жорж Волински.
Еден среќен брак. И по 47 години, Жорж редовно и‘ пишувал на сопругата љубовни пораки. Остаток од заедничкиот живот, од кој Мариз до денес не може да се раздели.
„Кога ќе умре некој со кого толку долго заедно си живеел и си го сакал, е исто како да ти е откинат дел од тебе самиот. Секогаш ме гледаше со тој вљубен поглед, кој ми даваше самодоверба. Тоа навистина ми беше важно. Сега морам сама да го погледнам животот в очи, без неговиот поглед.“
Некако да го продолжат животот мораа и карикатуристите од „Шарли Ебдо“ кои го преживеаја бруталниот напад. Некои решија да тргнат по други патишта, како колумнистот и лекар Патрик Пелу.
„Го нема веќе мојот ’Шарли Ебдо’. Моите пријатели се мртви. Морав да го напуштам ’Шарли’ за да продолжам да живеам. Секој пат кога одев таму, во мислите ги гледав како седат моите мртви пријатели.“
По нападите во јануари, многумина помислија дека земјата стигна до најниската точка. Но, на 13 ноември терористите повторно ја нападнаа француската престолнина и убија 130 луѓе. Лекарот Пелу интервенираше во сите овие атентати.
„Нашата генерација секогаш веруваше дека нема никогаш да доживееме војна. Но сега кај нас владее војна, толку е очајно, пеколно. Ништо не може да ни донесе ублажување. Ние не можеме непријателот едноставно да го убиеме, зашто терористите се едни од нас.“
Погледнете го видеото:
За Мариз Волински постои само еден одговор кон теророт: со насмевка да се погледне стравот од нови напади во очи.
„Ова е војна на култури. Нашата култура наспроти нивната култура на игноранција. Мора да продолжиме да живееме заедно со нашите обичаи и хобија, нашите пријатели, провокации, со се‘ што не‘ прави Французи и Европејци.“
Мариз Волински напиша книга за атентатот врз „Шарли Ебдо“ и објавува карикатури од својот маж. Но, таа се сомнева оти некогаш повторно ќе го најде својот мир. Болката по нејзиниот сопруг Жорж засекогаш ќе остане дел од неа.