Оставка на романскиот премиер Тудосе
16 јануари 2018„Си заминувам со високо крената глава", рече Тудосе (насловна фотографија) по состанокот на Извршниот комитет на романската Социјалдемократска партија (ПСД), на кој членовите гласаа за негово заминување од функцијата. Тудосе беше министер за економски прашања во две претходни влади и беше предложен од Драгнеа за премиер и назначен на функцијата во јуни минатата година. Сепак, односот меѓу двајцата политичари брзо се влоши. Драгнеа носи важни одлуки без да се консултира со други водечки членови на партијата, постојано се жалеше Тудосе.
Повеќе на темата:
-Затишје пред бура во Романија?
-Лош старт на новата романска влада
-Романија: Театар на апсурдот во Букурешт
Против лидерот на ПСД, Драгнеа, меѓу другото, се води истрага поради сомневање за проневера на фондовите на ЕУ. Романската антикорупциска служба го обвинува за злоупотреба на функцијата и за фалсификување документи. Покрај тоа, тој е осомничен и дека донел многу неспособни партиски пријатели на високи државни функции.
Важен играч зад кулисите
Драгнеа во 2016 година беше осуден на две години условна казна за изборна измама. Поради оваа пресуда, тој не можеше да ја преземе функцијата шеф на владата по победата на неговата партија на изборите кон крајот на 2016 година. Но, тој продолжи да ги влече конците од зад сцената.
Тудосе и Драгнеа во изминатиот период имаа жесток конфликт поради министерката за внатрешни работи, Кармен Дан. Тудосе побара нејзина оставка поради педофилски случај во полициските кругови. Драгнеа демонстративно се спротивстави на ова барање - и на крајот министерката го игнорираше барањето на премиерот и не поднесе оставка.
ПСД планира денеска да одлучи кого ќе му го предложи на претседателот на државата како наследник на Тудосе. Функцијата заменик-премиер, исто така, мора да биде пополнета, со оглед дека и Марчел Чиолаку, поднесе оставка заедно со Тудосе.
Од изборната победа на ПСД во декември 2016 година, ова е веќе втора промена на врвот на владата во Букурешт. На претходникот на Тудосе, Сорин Гриндеану во јуни 2017 година му беше изгласана недоверба од страна на неговата партија во парламентот. Повторно, на оставката ѝ претходеше конфликт со лидерот на партијата, Ливиу Драгнеа.