1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Театар на апсурдот во Букурешт

Роберт Шварц
22 јуни 2017

Владејачката коалиција во Романија го смени сопствениот премиер преку гласање недоверба во парламентот. Но, политичката криза во земјата нема набрзо да заврши, смета Роберт Шварц.

https://p.dw.com/p/2fA9Y
Rumänien Bukarest Premierminister Grindeanu bei Misstrauensantrag
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Mihailescu

Малата група поддржувачи на социјалдемократскиот премиер Сорин Гриндеану не можеа да го сокријат срамот по гласањето во парламентот. Само неколку часови претходно тој самоуверено се смееше, уверен во победа против партискиот шеф Ливиу Драгнеа. Но, нештата не се одвиваа во правецот на кој се надеваше „дисидентот“ Гриндеану.

Кога Гриндеану беше именуван за премиер во јануари по големата изборна победа на Социјалдемократската партија (ПСД), јасно беше дека се очекува тој да биде марионета во рацете на Драгнеа.

На Драгнеа законот не му дозволуваше да ја извршува функцијата откако беше осуден за изборна измама и злоупотреба на функцијата. Но, тој најде едноставно решение преку коалиција на негови лојалисти и псевдо-либералната партија Алде во владата, додека контролата остана во негови раце.

До судирот дојде кога Драгнеа се обиде да го искористи својот авторитет за ублажување на законите за борба против корупцијата. Гриндеану веќе не сакаше да игра - поведен од масовните антикорупциски демонстрации, одеднаш охрабрениот премиер ја виде својата шанса.

Schwartz Robert Kommentarbild App
Роберт Шварц

Никој не е невин

Многу пратеници на ПСД беа незадоволни од внатрепартиската диктатура на Драгнеа, но на повеќето им недостасуваше храброст да му се спротивстават. Гриндеану се спротивстави и беше казнет. Но, ни сменетиот премиер не е невин. Кога коалициските партнери ги повлекоа своите министри и од него побараа оставка, тој побара помош од поранешниот шеф на ПСД и премиер - Виктор Понта, кој пак се компромитираше во скандалот со плагијати.

Што сега по овој театар на апсурди? Охрабрениот Драгнеа има одврзани раце да испрати нов, нему верен премиер, во палатата Викторија. Романскиот претседател Клаус Јоханис јасно му порача дека мора да именува некој со политички и морален интегритет. Драгнеа ќе го почитува тоа, макар и само навидум.
Резултатот ќе биде нова марионетска влада, но овојпат со внимателно избран премиер кој нема да му го сврти грбот на својот патрон Драгнеа. Домашната политика ќе се потсмири на кус рок, но тоа ќе биде лажен мир.

Само прашање на време е кога тековната политичката криза повторно ќе се распламти. И повторно, обичните Романците ќе бидат тие кои ќе иницираат промени. Прашање е само дали сѐ уште имаат сила и волја да го сторат тоа.