1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Омикрон: ублажување на мерките или локдаун?

Томас Лачан
18 јануари 2022

Ширум светот корона-инфекциите достигнуваат рекордни нивоа. Некои држави ги заоструваат мерките, други стремат кон ублажувања, посочувајќи на полесната форма на ковид предизвикана од Омикрон.

https://p.dw.com/p/45dWp
Deutschland | Coronavirus | Mundschutz, Fußgängerzone
Фотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

Франција: кавга околу училиштата

7-дневната инциденца од преку 2800 и речиси 370 илјади ново заразени за 24 часа: под притисок на екстремно брзо растечкиот број инфицирани Сенатот во Париз во ноќта кон четвртокот донесе заострени мерки за невакцинираните. Тие веќе нема да имаат пристап до ресторани, барови или културен живот и не смее да користат авиони или возови како превозно средство. Досега тоа беше можно со негативен тест. Заострените мерки ќе важат додека во француските клиники се сместени повеќе од 10 илјади пациенти со ковид. Во моментов ги има 24 илјади ширум болниците во земјата.

Поостри казни за непочитување на мерките не беа усвоени од Сенатот. Училиштата ќе продолжат да работат. На почеток на пандемијата Франција за краток период ги затвори образовните установи, но потоа владата за време на сите бранови цврсто се држеше до определбата наставата да се одвива со физичко присуство на учениците.

Меѓу наставниот кадар пак расте незадоволството. Во четвртокот протестираа со штрајк на национално ниво. Забележуваат што препораките за заштита на учениците и наставниците постојано се менуваат и дека и натаму нема јасни правила за уреден тек на процесите во училиштата. Пред католичкиот Божиќ беа најавени нови барања за тестирања кои од тогаш два пати беа променети и тоа ја прелеа чашата.

Данска: олабавување на мерките и вакцинација

За разлика од Париз, на улиците во Копенхаген животот главно се одвива нормално. Речиси ништо и да не укажува на тоа дека во данскиот главен град цифрите на заразени се екстремно високи. Инциденцата со недели е на рекордно ниво, во моментов изнесува 2500. Дневно се заразуваат повеќе од 20 илјади лица со коронавирусот. А, сепак од недела зоолошките градини, забавните паркови, кината и театрите се повторно отворени. Притоа речиси секаде важи правилото 3Г: пристап имаат вакцинирани, прележани или тестирани.

Инфекцијата со Омикрон севкупно поминува со поблага слика, ситуацијата на одделите за интензивна нега е под контрола, посочува министерот за здравство Магнус Хојнике. Бројот на заразени е висок, но во моментов кривата спласнува, вели тој. Во Данска луѓето се прилично релаксирани во однос на бранот Омикрон и пред сѐ се потпираат на големиот број вакцинирани: преку 80% од луѓето се целосно имунизирани, речиси 55% и бустирани. За особено ранливите категории министерот во скоро време најави дури и четврта доза.

Шпанија:  контроверзно изедначување на короната со грип

Интервјуто на Педро Санчез кое го даде во понеделникот за едно радио, предизвика жестока дебата во целата земја. Шпанскиот премиер рече дека заради заштита на преоптоварениот здравствен систем во иднина нема толку прецизно да се следи бројката и кривата на заразени. Со оглед на стапката на вакцинација од 80% и тоа што Омикрон предизвикува поблага клиничка слика од претходните варијанти, според него е време да се размисли короната од сега па натаму да ја третираат како сезонски грип, посочи Санчез.

Шпанскиот премиер не мораше долго да на чека критики на негова сметка. За многу доктори и научници ваквиот чекор е избрзан. Со седумдневна инциденца од над 1400 и многу преоптоварени оддели за интензивна нега во целата земја, Ковид-19 никако не може да се споредува со грип, предупреди Оскар Зуриага, потпретседател на Шпанското здружение на епидемиолози, во интервју за германската новинска агенција ДПА.

„Пандемијата сѐуште не е завршена и не знаеме како ќе се развива понатаму“, посочи тој. Бројот на починати од корона во моментов е сѐ уште значително поголем од жртвите на просечен бран со инфлуенца.

Олабавување или не? Поделеноста околу ова прашање во моментов се огледува и во актуелните корона-мерки во земјата. Додека во главниот град Мадрид и покрај седумдневна инциденца од над 1000 важи само општото правило за носење маски, во други региони пак веќе се воведени построги 2Г правила. Во Астурија веќе не е дозволено собирање во затворен простор, додека во Каталонија навечер има полициски час.

Велика Британија: по стапките на Шпанија?

Во Велика Британија ситуацијата е многу слична како во Шпанија. Бројките се високи, како и стапката на вакцинација, а на островот веќе има експерти кои најавуваат крај на пандемијата, додека други апелираат на претпазливост.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

Седумдневната инциденца во моментов е 1500, а дневно има околу 170.000 новозаразени. Но, поранешниот раководител на Специјалната група за вакцинација, Клајв Дикс бара враќање во „нова нормалност“ со оглед на тоа дека смртноста од Омикрон е слична на онаа од грип. Наместо масовно тестирање Дикс е повеќе за „таргетирана стратегија“ за ранливите групи од населението. Во Велика Британија над 90% од населението се вакцинирани, а над 60% имаат примено и бустер доза. Инциденцата е навистина висока, но кривата на зараза во меѓувреме повторно е во благо опаѓање.

Од четврток во Велика Британија карантинот за Ковид болни се скрати од седум на пет дена за да се ублажи недостигот на персонал во компаниите, училиштата и болниците. Во други делови на Кралството корона-правилата се построги. Само пред неколку дена 200 војници беа ангажирани во лондонските болници бидејќи недостасуваше персонал за нега на пациенти. Бројката на одложени операции достигна 6 милиони што е нов рекорд. Не е ни чудо што и во Велика Британија жестоко се дебатира околу планираното олабавување на мерките.

Кина: нулта толеранција и покрај ниските бројки

Сосем различно од многу европски градови, во Кина нема никакви знаци на олабавување на мерките. При тоа седумдневната инциденца во целата земја со месеци е блиску до нула. Исто така во моментов три големи града се во карантин: Џијан со 13 милиони население како и Ањјанг со 5,5 милиони и Јужу со еден милион жители.

Затворањето е дел од ригорозната нула-Ковид стратегија. Веднаш штом се појават и само неколку случаи, цели градови се ставаат во карантин. Сите жители се тестираат и не смеат да ги напуштат домовите, а оние кои биле во контакт со заразени веднаш се носат во карантински хотели. Користење на корона апликацијата во Кина е задолжително, така што контактите лесно може да се следат. Меѓународниот воздушен сообраќај сѐ уште е строго ограничен, а патниците кои доаѓаат во земјата мора со недели да седат во карантин.

Од почетокот на пандемијата Кина официјално има регистрирано околу 100.000 корона случаи. Во Франција или Шпанија во моментов има повеќе заразени дневно од оваа бројка. Освен карантините на регионално ниво животот во Кина во голема мера се врати во нормала. Се очекува ригорозната нулта-Ковид стратегија да се спроведува најмалку до почетокот на Зимските олимписки игри во Пекинг кои треба да се одржат во средината на март.