1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали Омикрон е позаразен за вакцинираните?

Катрин Весоловски
17 јануари 2022

Студии од Германија и Данска, наводно, покажуваат дека вакцинираните имаат поголема веројатност да се заразат со Oмикрон од оние кои не се имунизирани. Тоа е погрешно, покажа проверката на фактите спроведена од ДВ.

https://p.dw.com/p/45V19
Точно е дека одобрените вакцини се помалку ефикасни против Омикрон
Точно е дека одобрените вакцини се помалку ефикасни против ОмикронФотографија: David Young/dpa/picture alliance

Бројот на заразени со сојот Омикрон забрзано расте во бројни земји, а со него и лажните тврдења како онаа дека веројатноста е поголема да се заразат вакцинираните отколку невакцинираните. За тоа се користат податоци од научни студии. Погледнавме два конкретни примери.

РКИ ја признава грешката

„Германската влада соопшти дека 96 отсто од случаите на заразени со Омикрон биле вакцинирани“, пишува еден корисник на Твитер. Освен тоа, на интернет кружи наводна графика од Институтот Роберт Кох со податоци од 21 ноември до 27 декември 2021 година. Според која 69 насто од луѓето во Германија, кои биле заразени со Омикрон, биле целосно вакцинирани, 27 отсто дури имале бустер вакцина, а само 4 насто биле невакцинирани. Дали се овие бројки точни?

Во одговорот на наше барање, гласноговорничката на РКИ ни одговори дека графиката не е од Институтот Роберт Кох, како и содветните бројки објавени во неделниот извештај од 30 декември 2021 година.

„Всушност, дел од неделниот извештај за жал имаше грешка (наместо 186 имаше 1.097 невакцинирани лица заразени со Омкрон), одговори таа наведувајќи дека за време на ажурирањето на податоците, еден број е заборавен, што е исправено на 3 јануари 2022 година. Оваа исправка јасно е наведена во актуелизираниот извештај.„Во секој случај, објавените податоци не се соодветни за пресметување на ефикасноста на вакцината“, напиша гласноговорничката, повикувајќи се на страницата на РКИ. „Како што расте стапката на вакцинираност, меѓу заболените, пропорционално, се очекува да има сѐ повеќе вакцинирани луѓе“, пишува. Освена тоа, делотворноста на вакцината не е 100 процентна, но во голема мерка штити од сериозен тек на болеста.

Автобус за вакцинирање: Трка со времето

Исто така, е јасно дека со растот на бројот на заразени, расте и бројот на заразени меѓу вакцинираните. Всушност 71,6 отсто од луѓето во Германија (податок од 7.1.2022.) се целосно вакцинирани. Заразите кои се појавуваат и кај некои лица кои се вакцинирани не значи дека вакцините не делуваат.

Дополнителната вакцинација значително ја зголемува заштитата

Првите студии покажуваат дека вакцините не штитат толку добро од сојот Омикрон како кај инфекциите со другите соеви. Меѓутоа, резултатите, исто така, покажуваат дека имунизацијата одредено време веројатно може да заштити од тежок тек на болеста.

Повеќе: СЗО прогнозира експлозивно ширење на Омикрон - до март ќе биде заразен секој втор Европеец

Има уште добри вести: резултатите од првата меѓународна студија покажуваат дека дополнителното вакцинирање значително ја зголемува заштитата. Студијата на Бионтек/Фајзер дури дојде до заклучок дека три вакцини во случај на зараза со Омикрон еднакво се ефикасни како и две вакцини против првобитните (два) соеви.

Вирологот Волфганг Прајсер, исто така, ја потврдува ефикасноста од дополнителното вакцинирање во интервју за ДВ. Тој е еден од истражувачите кои во Јужноафриканската Република ја открија мутацијата Омикрон. „Важно е дека ние (во ЈАР) не видовме речиси ниту едно вакцинирано лице на Оделот за интензивна нега“, објаснува Прејсер. „Вакцините пружија добра заштита од тежок тек на болеста или од смрт, што значи дека тие и натаму се важни во борбата против коронавирусот“, додава тој. 

Данските податоци се, исто така, погрешно толкувани

Критичарите на вакцинирањето во моментов, исто така, често се повикуваат на студијата од Данска, која наводно покажува дека вакцините на Бионтек/Фајзер и на Модерна против Омикрон по 3 месеца покажуваат негативна вредност. „Веројатноста од инфекција со Омикрон е поголема за 76,5 отсто кај лицата вакцинирани со Бионтек отколку кај невакцинираните, а кај лицата вакцинирани со Модерна за 39,3 насто“, пишува еден корисник на Твитер.

Повеќе: Постпразнично цунами - Омикрон ги наполни амбулантите

Студијата која сѐ уште не е прегледена и потврдена од страна на други научници, се занимава со прашањето во која мерка овие две вакцини штитат од сојот Омикрон. Проценетата ефикасност во студијата е резултат на споредување на стапката на зараза кај двојно вакцинираните и невакцинираните во првите недели по откривањето на овој сој во Данска.

Статистички отстапки кои даваат искривена слика

Навистина, во студијата не само што по 3 месеци опаѓа ефикасноста на вакцините на Бионтек/Фајзер и на Модерна, туку таа оди во минус. За тоа разговаравме со Кристијан Холм Хансен, коавтор на студијата и епидемиолог на Статенс Серум Институтот во Копенхаген. Според неговите зборви, негативните вредности се резултат на „статистичка девијација“, односно отстапки.

„Една од причините зошто гледаме поголема инциденца кај вакцинираната популација е тоа што луѓето, кои се вакцинирани, веројатно почесто се тестираат од оние кои не се“, објаснува Хансен. Поради тоа меѓу вакцинираните се открива поголем број инфицирани.

Освен тоа, само вакцинираните и заздравените лица смеат да патуваат или да учествуваат во манифестации и случувања, па поголема е веројатноста дека таму ќе се заразат. Но, тоа не значи оти е поголема веројатноста дека ќе се заразат бидејќи се вакцинирани. Тоа го нагласија реализаторите на данската студија.

Вакцинираните почесто се тестираат
Вакцинираните почесто се тестираатФотографија: Haripriya Shaji/Pacific Press/picture alliance

Покрај тоа, во Данска вакцинираниот дел од населението е значително поголем од невакцинираниот. Таму, според податоците од 5.1.2022. целосно се вакцинирани околу 79,46 осто од населението.

Освен математичкото искривување, студијата има уште една слабост. Таа само испитува колку луѓе се заразиле, без разлика дали се вакцинирани или не, но не прави разлика меѓу блага и тешка клиничка слика.

Заклучок: Податоците од Германија и од Данска не докажуваат дека вакцините не делуваат против Омикрон и оти со овој сој повеќе се инфицираат оние кои добиле вакцина отколку оние кои не добиле. Резултатите на овие студии се користат манипулативно. Се застапува тезата против вакцинирањето. Точно е дека одобрените вакцини се помалку ефикасни против Омикрон отколку против другите соеви, но сепак, нудат релативно добра заштита од тежок тек на болеста. Почетните студии, исто така, покажуваат оти бустер дозата на големо ја засилува заштитата од инфекција и опасност пациентот да заврши на интензивна нега и да има смртен исход.