1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Патување

Ни треба заштита на климата, а не вселенски каубојци

Соња Ангелика Дин
24 јули 2021

Милиони луѓе се залагаат за заштита на климата, но грст егоистични милијардери, кои се лансираат себе си во вселената, тоа воопшто не ги интересира. Соња Дин има предлог за Брансон и Безос

https://p.dw.com/p/3xmyB
USA Texas Van Horn | Graffiti | Weltraumfahrt von Jeff Bezos & Mark Bezos
Фотографија: Thom Baur/REUTERS

Мене ми е важна иднината, затоа ми е важна и климата. Припаѓам на големото мнозинство граѓани на целата Земја кои, како што покажуваат анкетите, се загрижени за нашата планета и ја сфаќаат итноста и егзистенцијалното значење на заканувачката климатска вонредна состојба. Катастрофалните поплави во централна Европа и екстремно високите температури во Северна Америка се само некои од последиците на климатските промени.

Во моето семејство се обидуваме да преземеме нешто против тоа. Спречуваме емисија на ЦО2 секаде каде можеме: одиме пеш или возиме велосипед наместо автомобил, јадеме помалку месо од просекот во индустриските земји, не летаме на долги релации, иако тоа е уште примамливо. Не расфрламе прехранбени производи и го компостираме органскиот отпад.

А потоа доаѓа еден баснословно богат тип и се лансира во вселената. Зашто тоа му прави задоволство.

Тоа може да се нарече прилично егоистички, нели? Тој ги обезвреднува сите наши напори за заштита на климата, морално и материјално.

Кратко прошетка огромна штета

Подготвеноста за ангажирање во заштитата на климата кај луѓето опаѓа кога гледаат дека другите прават што сакаат, без грижа за последиците. Но, настрана од овој деморализирачки ефект, постои и ЦО2 биланс на вселенскиот туризам.

Во принцип, немам ништо против патување во вселената. Јас сум дури симпатизер на научна фантастика, ме воодушевува истражувањето на бескрајната широчина на вселената.

Kommentarbild Sonya Diehn
Соња Ангелика Дин, автор на текстот

Конечно, секој вид на туризам остава ЦО2 отпечаток. Значи, не сакам да кажам – стоп за туризмот. Но, проблемот со вселенскиот туризам е во сразмерноста.

Да го земеме за пример летот на Ричард Бренсон со „Вирџин“ во вселената на 11 јули. За овој лет од 160 километри, кој не достигна до орбитата, емисијата на ЦО2 според компанијата била еднаква на трансатлантски лет со патнички авион. При лет од Лондон до Њујорк, на пример, се емитуваат 1,24 тони ЦО2. Или да земеме друг пример, едноипол часовен излет во вселената одговара на патување од 4.800 километри со просечен автомобил од средна класа.

 

-повеќе:

Џеф Безос се прошета до вселената и назад за 10 минути и 20 секунди

Бренсон сака да го претрка Безос со лет во вселената

Фотографија на денот: „Њу шепард“ ќе го однесе Безос во вселената

 

Ако „Вирџин Галактик" за еден излет со шест лица во атмосферата испушта ЦО2 еквивалентно на патување со автомобил од 4.800 километри, тоа е шлаканица за сите напори за заштита на климата, од приватни луѓе па до политиката. А проблемот може и да се заостри, ако вселенскиот туризам вистински земе замав. А тоа може наскоро да се случи. Зашто, веќе 600 лица имаат резервирано лет во вселената со „Вирџин“, задоволството чини од 169.000 до 212.000 евра.

Фирмата на Бренсон се залага за трајна одржливост, се вели, меѓутоа нејасно е што значи тоа. Со оглед на количината на испуштен ЦО2 при вакви летови, изјавата е прилично сомнителна. 

Излети во вселената за 200 илјади долари

Милијардерот Џеф Безос не останува само на декларативност, зашто ракетите на неговата компанија за вселенски летови „Блу Ориџин“ користи водород, поради што не настанува ЦО2. Но, тоа не менува ништо во суштина, зашто водородот може да се произведе со помош на обновливи енергии, но засега се продуцира - од фосилна енергија.

Мојот предлог до вселенските каубојци

Тоа е чиста иронија. Токму на погледот врз Земјата од вселената, оваа прекрасна сина планета во црниот универзум, му се припишува инспирацијата за сегашното еколошко движење. А сега „Блу Ориџин“ најавува дека визијата е да направи нешто добро за Земјата. Сигурно тоа било причината еден од билетите за лет да му се продаде на анонимен заинтересиран за 28 милиони долари.

Фактички, тоа веќе не е иронија, според мене, тоа е цинизам.

Ако претпријатијата за вселенски туризам вистински се грижат за екологијата, мојот предлог би бил: за секој лет на еден турист во вселената, фирмите да инвестираат еднакво висока сума во заштита на климата. Така богатите егоисти ќе можат да уживаат во своето задоволство, а ние истовремено ќе можеме да се обидуваме да ја спасиме климата.

Вселенскиот туризам треба да биде можен само со ваква компензација. Компензација која ќе ја обезбеди иднината на планетата. На овој светлечки сино-зелено-кафеав драгоцен камен кој претставува зачеток на нашиот живот и кој е единствена планета на која можеме да живееме.