„Њу шепард“ ќе го однесе Безос во вселената
8 јуни 2021Основачот на Амазон, Џеф Безос, соопшти дека тој и неговиот брат ќе бидат патници на првиот лет во вселената на 20 јули со неговата компанија „Блу ориџин“.
Безос на Инстаграм објави видео снимка со фотографии од своето детство. „Од кога имав 5 години сонував дека ќе патувам во вселената - на 20 јули ќе одам на патување со мојот брат. Најголемата авантура со мојот најдобар пријател“, напиша Безос.
Симболиката со 20 јули е поврзана со мисијата на Аполо 11, кој на токму на тој ден слета на Месечината, и кога за првпат човечката нога стапна на површината на еден природен сателити на Земјата.
Компанијата „Блу ориџин“ понуди на аукција едно патничко место во леталото наречено „Њу шепард“, а во соопштението за јавноста е објавено дека цената веќе достигнала 2,8 милиони долари, благодарејќи на аукцијата на која учествуваа 6.000 луѓе од 143 земји.
Капсулата е дизајнирана во неа да има до шест патници, а победничката понуда на аукцијата ќе биде донирана на „Клубот за иднината“ фондација на „Блу ориџин“, чија мисија е да ги инспирира новите генерации да се концентрираат на кариерата во науката, технологијата, инжинерството и во математиката (СТЕМ) и да помогнат да се осмисли животот во вселената во иднина.
Десетминутниот лет треба да ги одведе екипажот и патниците до висина од нешто повеќе од 100 километри. За споредба: Меѓународната вселенска станица ИСС лебди на 400 километри над површината на земјата.