Бренсон сака да го претрка Безос
3 јули 2021Британскиот милијардер и авантурист Ричард Бренсон има намера на 11 јули да полета во вселената. Овој датум за планираната мисија „Јунити 22“ ја објави компанијата на Бренсон „Вирџин Галактик“. Но, неговото летало „СпејсШип Ту Јунити“, во кое има место за двајца пилоти и шест патници, ќе може да полета тој ден само ако времето биде убаво и ако нема технички проблеми.
„Јас секогаш бев сонувач“, напиша Бренсон на Твитер. Тој вели дека неговата мајка го научила никогаш да не се откажува и да настојува да ги дофати ѕвездите. Сега е време за остварување на тој сон, вели Бренсон.
Предност од девет дена?
Ако сѐ се одвива според планираното Бренсон би успеал да полета во вселената пред неговиот американски ривал Џеф Безос. Фирмата на основачот на „Амазон“, „Блу Ориџин“, најави во мај дека летот во вселената со ракетата „Њу Шерпард“ е планиран за 20 јули.
Повеќе:
-Фотографија на денот: „Њу шепард“ ќе го однесе Безос во вселената
-„Спејс Екс“: Историска мисија со хепиенд
Најбогатиот човек во светот Безос, проценката на неговиот богатство според Форбс изнесува 198 милијарди долари, има намера со себе во вселената да ги поведе, меѓу останатите, својот брат Марк и поранешната американска пилотка Вали Фанк. Едно место во леталото пред неколку недели беше продадено на аукција за 28 милиони долари, а сѐ уште е непознато кој го купил. Тие би требале да полетаат на висина од околу 100 километри. За споредба, авионите летаат на висина од околу 10 километри.
57-годишниот Безос во понеделник, по 30 години, ќе го препушти оперативнто работење на Амазон на Енди Џеси, досегашен шеф на клауд-одделот на Амазон, за да се подготви за новата мисија.
Имаат намера да нудат туристички летови во вселената
По летот на 11 јули Бренсон, како што рече, има намера да објави „многу возбудлива“ најава. Повеќе луѓе би требало да добијат шанса да станат астронаути, вели овој 71-годишен милијардер.
Бренсон и Безос во моментов водат остра битка кој прв ќе полета, а двајцата сакаат наскоро да понудат комерцијални, туристички летови во вселената. На пазарот на вселенски летови засега се наоѓа само фирмата на основачот на „Тесла“, Елон Маск. Неговиот „Спејс екс“ веќе превезе астронаути на Меѓународната вселенска станица ИСС.