1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Наместо Брегзит, предвремени избори пред Божик

Барбара Везел
30 октомври 2019

По долги натегања, британскиот Долен дом го отвори патот за превдвремени избори, кои ги побара Борис Џонсон. Премиерот се надева да добие мнозинство за да ја разреши пат-ситуацијата во парламентот.

https://p.dw.com/p/3SBP2
England Unterhaus London Brexit
Фотографија: Getty Images/L. Neal

Последните избори во месец декември во Велика Британија се одржале пред околу 100 години, а завршиле со избор на парламент без јасен мнозински однос. Изведувањето на граѓаните во ова годишно време пред гласачките кутии се сметало за ризик, најчесто владее студено и влажно време, а Британците се во очекување на божиќните празници и не сакаат да слушаат за политика. Овој период е погрешно време за агресивна Брегзит кампања. Дали лошото расположение ќе води кон слаб одѕив на гласачите и дали гневот на избирачите ќе се истури кон одделни кандидати? Никој не го знае тоа.  

Борис Џонсон во ќорсокак

По три месеци на функцијата, Борис Џонсон беше веќе на самиот крај како премиер.  Во серија ги губеше гласањата во Долниот дом, јасно беше дека нема мнозинство ниту за Брегзит, ни за нормална премиерска работа. Во ваква ситуација му остана само опцијата нови избори, зашто патот кон компромиси во Брегзит, исто како и на неговата претходничка Тереза Меј, му го блокираат хардлајнерите во сопствените редови.

Конзервативната партија во основа одбива и втор референдум како решение за кризата со Брегзит. Преголема е опасноста Британците да се премислат и со тоа проектот Брегзит да пропадне, а тој стана главна цел и ново мото на Ториевците.

Уште сега е јасно дека изборната борба ќе биде пожестока и поотровна од било која досега, и ќе предизвика нови расцепи во ионака длабоко поделената земја. Премиерот ќе се обидува да профитира од слоганот: „Ние го претставуваме народот наспроти бескорисните елити и парламентарците“ - оваа реторика со беспримерни напади врз Долниот дом тој ја практикува веќе со недели, што доведе до остри вербални битки.

England Unterhaus London Brexit Boris Johnson
Премиерот Џонсон се надева да добие мнозинство на изборитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/UK Parliament/Jessica Taylor

Колку Џонсон на ваков начин ќе допре до гласачите кои не припаѓаат на таборот екстремно на Брегзит фокусираните симпатизери на Ториевците, е нејасно. За да добие мнозинство, тој мора да ги придобие првенствено гласачите определени за Брегзит во традиционалните изборни кругови наклонети кон Лабуристите. Дали тие ќе дозволат да ги „улови“  апсолвент на Оксфорд, кој настапува со слоганот „ние, народот“ ? Можно е популистичкиот трик да функционира, но сепак постои ризик. Зашто, од другата страна, од партијата можат да се одречат умерените конзервативци и да гласаат за Либералдемократите. А фрустрираните традиционални гласачи на Лабуристичката партија пак можат истовремено да се свртат кон Партијата за Брегзит. 

Во прилог на Конзервативците е што Џонсон важи за добар изборен борец, а анкетите на јавното мислење со недели му даваат предност од десетина проценти. Меѓутоа, така беше и во 2017 година со Тереза Меј, која во изборната кампања делуваше несигурно и го загуби мнозинството. Појдовната позиција на Торевците е прилично добра, но партискиот пејзаж и во Велика Британија во меѓувреме е уште порасцепен отколку пред две години, што ги отежнува прогнозите.

Лабуристите се во слаба кондиција

Ноќта кон вторникот раководството на Лабуристичката партија ненадејно го промени ставот. Лидерот Џереми Корбин на крајот ги потроши сите изговори за натамошно одложување на нови избори, зашто по  продолжувањето на рокот за Брегзит од страна на ЕУ,  излезот на Велика Британија од ЕУ без договор веќе не е на маса. Но, Џереми Корбин е најнеомилениот опозициски лидер и шеф на Лабуристите од кога се памети, што не оди многу во прилог на авантурата наречена нови избори. 

Многумина од лабуристичките пратеници до последен момент аргументираа против нови избори, зашто стравуваат од губење на своите мандати. Освен тоа, тие веруваат дека  Џонсон се` повеќе ќе го губеше својот шарм  колку подолго беше во позицијата на премиер без мнозинство. Бројни лабуристички пратеници гласаа против нови избори, а сепак предлогот на Џонсон беше усвоен со двотретинско мнозинство.

England Unterhaus London Brexit Jeremy Corbyn
Џереми Корбин го очекува тешка изборна кампањаФотографија: picture-alliance/AP Photo/UK Parliament/Jessica Taylor

Хендикепот на Лабуристичката партија не е единствено нејзиниот слаб партиски шеф, туку и интерните борби меѓу умереното и левото крило, како и нејасниот став во однос на Брегзит. Џереми Корбин,  во срцето прикриен следбеник на Брегзит, се обидуваше да седи на две столици. Тоа пак водеше до таква политика во која тој сака нов, подобар договор за Брегзит со ЕУ, со царинска унија, но и втор референдум на кој граѓаните повторно ќе се изјаснат за излез од ЕУ. Овој дифузен, тешко сфатлив став во изборната кампања може да биде тешко бреме за лабуристичките кандидати.

Партијата ќе загуби гласачи во своите традиционални упоришта, кои ќе се свртат кон Ториевците или Партијата за Брегзит, а во големите метрополи, проевропски настроени и кон Либералната партија. Од сите можни констелации, најневеројатно е мнозинство да добие Лабуристичката партија. И тоа без оглед што настапува против екстремно ослабена владејачка партија. Евентуалната сила на Ториевците е овозможена од екстремната слабост на најголемата опозициска партија.

Изборна битка во знакот на Брегзит

Либералите во изборната кампања влегуваат со одушевување, насетувајќи своја шанса. Нивната јасна порака гласи: „Не сакаме Брегзит!“. За многумина проевропски гласачи на таков начин тие се единствена можна алтернатива и јасна опција наспроти досега етаблираните политички партии. Со оглед на тоа што нивната изборна програма цели кон политичкиот центар, а во своите редови имаат неколкумина атрактивни имиња на луѓе кои кај ив преминаа од кај Лабуристите и Ториевците, тие се надеваат да освојат дваесетина проценти, што се поклопува и со анкетите.

Борис Џонсон пак зборува за сензационални програми за модернизирање на болниците, училиштата и останатата инфраструктура, но неговите ветувања за инвестиции во милијардски суми се земаат со резерва. Во принцип се` се врти околу Брегзит, политичката борба е фокусирана на идентитетот, национализмот и длабоката одбивност кон противничката страна.

Поранешниот британски амбасадор на Велика Британија во ЕУ, Роџерс, кој по своето повлекување во 2017 година се покажа како сигурен претстажувач на Брегзит, пред неколку дена предвиде дека оваа изборна борба ќе ја зацврсти власта на Ториевците. На друга страна е професорот Џон Картис, докажан прогнозер, кој предупредува од пребрзани заклучоци. Според него, во идниот Долен дом на парламентот ќе има рекорден број пратеници кои не припаѓаат ниту двете најголеми партии, па е можна малцинска влада или некој вид коалиција. Во секој случај, ниедни британски избори одамна не биле толку наннати и судбоносни како овие.